Нација со најдолг животен век
Јапонија често се споменува како земја во која луѓето се исклучително здрави, а според веб-страницата „Ворлд популејшн ривју“, интересно е што во оваа земја има само 4,5 отсто население со прекумерна тежина, што е една од најниските стапки на дебелина меѓу развиените земји. Но што е тоа што Јапонците го прават поинаку?
Јапонскиот начин на живот и нивните навики се клучни за одржување на витката линија, а новинарката Каки Окумура објасни дека не се работи за дисциплина, туку за едноставни секојдневни одлуки, кои овој народ ги интегрира во својот живот.
1. Секаде одат пешки: Една од клучните разлики е тоа што Јапонците постојано се движат. Истражувањето на јапонското Министерство за здравство од 2019 година покажа дека мажите прават во просек околу 7.000 чекори дневно, додека жените нешто помалку од 6.000. Градот Нагано, кој некогаш имаше висока стапка на мозочни удари, изгради многубројни пешачки патеки, што придонесе за драстично подобрување на здравјето на своите жители. Денес, во Јапонија животниот век изнесува 85 години, што го прави еден од најдолгите во светот.
2. Јадат умерено: Иако модерната јапонска исхрана не е имуна на брзата храна, клучот е умереноста. Порциите се помали отколку на Запад, а оброците се избалансирани. Наместо прејадување, Јапонците често избираат помали порции, богати со зеленчук и здрави јаглехидрати како нудли од зеленчук. Ова им овозможува да уживаат во омилената храна без строги ограничувања.
3. Го поедноставуваат готвењето: Едноставноста е клучот кога станува збор за готвењето во Јапонија. Наместо комплицирани јадења, Јапонците често избираат брзи методи на приготвување, како на пример користење микробранова печка за приготвување зеленчук. Така, тие имаат здрав оброк без премногу труд, што им овозможува да се држат до здравите навики дури и кога се зафатени.
4. Вежбањето е радост: Во Јапонија на вежбањето не се гледа како на обврска, туку како задоволство. Во училиштата се одржува „Ден на спортот“ еднаш годишно, каде што секој учествува во различни активности, како атлетика или влечење јаже. Оваа практика кај децата развива љубов кон движењето, додека возрасните често се одлучуваат за активности што им даваат задоволство.
5. Квалитетот на храната е поважен од квантитетот: Во Јапонија, декаденцијата во храната е поврзана со квалитетот, а не со големината на оброкот. Наместо огромни порции, Јапонците избираат висококвалитетна храна, често сезонска и локално произведена, за да го нахранат своето тело на здрав начин.