Во организација на Центарот за психологија, психотерапија, советување и едукација „Совршен круг”
„Душата низ психолошките методи на современото живеење“ беше работниот наслов на јубилејната конференција за психологија и психотерапија – 15 години „Совршен круг”, која се оддржа на 21 и 22 септември, годинава во Скопје. На конференцијата беа претставени трудовите на поранешните и сегашните едуканти на Центарот за психологија, психотерапија, советување и едукација „Совршен круг”, како и нивната научно-стручна психолошка дејност, но и научно-стручната дејност на професионалците, соработници на центарот. Учество зедоа педесетина професионалци, претежно психолози, психотерапевти, универзитетски професори, но и професионалци од сродните области, како и заинтересирани слушатели од повеќе средини во македонија: Скопје, Битола, Штип, Струмица, Куманово и др.
-На конференцијата беа презентирани вкупно 19 научно-стручни трудови од кои 4 пленарни (воведни) предавања, 9 научно-стручни усни излагања и 6 психолошки и психотераписки работилници. Исто така, беа доделени и две признанија за особен придонес во областа на личниот раст и развој и психотерапијата на Лидија Попчева и м-р Снежана Андреева, признание за пионерски придонес во организирањето на конференции за млади психолози на проф. д-р Ана Чучкова, како и специјално признание за трајни вредности во психолошката наука и практика на нашиот доајен во областа, проф. Емерита Олга Мурџева Шкариќ. Беа доделени и пригодни благодарници на заслужните за организацијата како и на сите помагатели и спонзори – вели проф. д-р Мирослав Пендаровски, основач на центарот.
Настанот го водеше психологот Димо Попчев, советник од прво ниво на системско-еклектична психотерапија и член на „Совршен круг”.
-Конференцијата помина во одлична атмосфера, а впечатокот е дека беа претставени многу квалитетни научно-стручни трудови и пленарни предавања од различни области. Притоа, пленарните говорници се осврнаа на теми како „Психологија на совршенството“, „Личен развој преку самоанализа, реминисценција и многу игри со умот и свеста“, „Гешталт експериментот како феномен“, „Зад слојот на не(познатото)“. Во делот на научно-стручните усни излагања беа спроведени две научно-стручни сесии. Првата сесија тематски беше за здравствена психологија, психосоцијална рехабилитација и клиничка психологија, психотерапија, а втората за психологија на личен раст и развој, ментална хигиена и психотерапија – вели Пендаровски.
На првата сесија беа презентирани научно-стручни трудови на следните теми: „Психосоцијални аспекти на малолетничка деликвенција“, „Методи и техники за рана интервенција при Алцхајмерова деменција“, „Менталното здравје кај деца и возрасни“, „Филотерапија како метапрактика“. Во текот на втората беа презентирани научно-стручни трудови на следните теми: Студија на случај според методот на Мирослав Пендароски – „Метод на линија на помал отпор” во работа со соништа, Патувањето кон самосочувство: Применување на вежбата „Како би третирал пријател?“, „Психоделици: Премостување на духовноста и науката во третманот за ментално здравје“, „Негативните аспекти на емпатијата“. Модератори на сесиите беа психолозите Николина Дојчиноска и Сашо Трповски, членови на „Совршен круг” и советници од напредно ниво на системско-еклектична психотерапија.
Во делот со работилниците беа сработени работилници/семинари на темите: „Метод за работа со соништа според Монтаж Улман (Montague Ullman)“, „Мапата не е територија“ – Важноста на критичкото размислување во секојдневниот живот, „Вниманието во спортот и во секојдневниот живот: Примена на вештини за спортско внимание надвор од теренот“, „Гешталт метод – психотерапија и уметност на живеење“, „Гешталтистички пристап во работа со лутината“ и „Соѕвездија“.
-На конференцијата покажа високо ниво на професионалност и одлична организација, а зад себе ќе остави и научно-стручен зборник на трудови кои беа презаентирани. Конференцијата има тенденција да прерасне во меѓународна со текот на времето – додава Пендаровски.