Едно лице од Перу и двајца од Црна Гора фатени беа од македонската полиција поради сомневање за шверцување на кокаин.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со канцеларијата на ДЕА во Атина (служба за борба против дрога на САД), како и со службите за борба против дрога на Црна Гора и Косово приведе три лица поради недозволена трговија со кокаин. До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесени се кривични пријави против М.Ѓ. (61) и А.Ѓ. (24), двајцата од Црна Гора, како и против Ј.Ц.А.Г. (48) од Перу поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во текот на ноември М.Ѓ. и А.Ѓ. од лице од Перу набавиле кокаин за понатамошна продажба. После тоа бил ангажиран Ј.Ц.А.Г. да го пренесе кокаинот од Перу до Република Македонија, а потоа преку Косово до Црна Гора. Кокаинот бил подготвен така што со соодветен процес од прашкаста преминал во течна форма. Потоа различни парчиња облека биле потопени во кокаинот и потоа сместени во куфер, кој му бил даден на Ј.Ц.А.Г. да го донесе во Македонија.
На 30 ноември Ј.Ц.А.Г. пристигнал во Скопје преку аеродромот Скопје и по преземени мерки од полициските службеници бил лишен од слобода. Поради сомневање дека алиштата кои се пронајдени во куферот содржат наркотична дрога кокаин, биле одземени, а исто така одземени се и пари, мобилен телефон и други предмети. Истиот ден од слобода се лишени и М.Ѓ. и А.Ѓ.. Кај нив, исто така, биле пронајдени и одземени пари, мобилни телефони и други предмети.
По извршеното вештачење, на облеката било детектирано присуство на кокаин, а по дополнителен процес на екстракција ќе биде утврдена количината на кокаинот. Судија на претходна постапка на тројцата приведени им одреди мерка притвор во траење од 30 денови.