Со есенската потрошувачка кошница се опфатени производи коишто се најкористени од страна на граѓаните, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на обвинувањата од опозицијата дека се ограничува маржата на 70-тина производи за разлика од времето на СДСМ кога биле донесени мерки за намалување на повеќе од 500 производи.
– Оваа есенска кошница е таргетирана и е резултат на анкета што е правена со граѓаните за тоа кои се производите што оваа есен се најкористени. Иста таква кошница ќе има и пред новогодишните празници, ќе има и пролетна кошница така што нашата цел како Влада е производите кои се најупотребувани од страна на граѓаните да бидат опфатени со оваа мерка – истакна Мицкоски во изјава за медиумите дадена по посетата на општина Кавадарци.
За обвинувањата од опозицијата рече дека се безидејна порака и дека во нивно време данокот на додадена вредност бил зголемен од пет на десет проценти, а бил воведен и данок на луксуз.
Опозицијата денеска преку соопштение оцени дека мерките на Владата се задоцнети и дека нема да имаат никаков реален ефект врз намалувањето на цените на производите и врз стандардот на граѓаните.
– Наместо економска политика гледаме калкулантска политика на Владата на Мицкоски и тотална негрижа за стандардот на граѓаните. СДСМ на пример минатиот септември 2023 година донесе мерки за намалување на над 500 производи во 25 различни категории и реализираше антикризен пакет за помош на граѓаните вреден 662 милиони евра. Тоа е реална помош. Во соседна Србија веќе се спроведува одлука со која поевтинија над 700 производи, слично е во Црна Гора. Во исто време се случува за прв пат после пет години постојан раст да се намали просечната плата за речиси 1000 денари – наведува опозициската СДСМ во соопштението.
Владата вчера ја објави есенската потрошувачка кошница и ја ограничи профитната маржа на 73 прехранбени производи кои треба да бидат со намалени цени до 31 октомври годинава.
Производите вклучени во есенската кошница на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индекс на трошоци за живот, кои покажуваат дека споредено август 2024 година, со декември 2023 година, евидентирано е зголемување на трошоците за храна за 4 проценти.