ФУДБАЛ
Сега, повеќе од кога било, да се има најдобриот тим, а не само најдобриот почетен состав, се покажува како клучно
Во 54. минута од натпреварот на Нотингем форест со Ливерпул во минатото коло на англиската фудбалска Премиер-лига, Нуно Еспирито Санто се сврте кон својата клупа и го испрати во игра Калум Хадсон-Одои. Осумнаесет минути подоцна, тој го постигна она што се покажа како победнички гол за Нотингем форест, за нивната прва победа на стадионот „Енфилд“ од 1969 година. Не само Хадсон-Одои имаше влијание од клупата, туку и Ентони Еланга, кој асистираше, пишува „Би-би-си“.
– Не го почнав мечот, но не бев лут или разочаран. Во мојата глава само знаев дека ако дојдам на теренот ќе треба да имам влијание и да направам сѐ што можам за да му помогнам на тимот да победи, што очигледно и направив – изјави Хадсон-Одои.
Тој беше една од четирите замени што постигнаа победнички голови во Премиер-лигата во минатиот викенд и иако е многу рано во новата сезона, статистиката покажува дека играчите што доаѓаат од клупата имаат поголемо влијание од кога било досега, пишува „Би-би-си“.
Повеќе замени, повеќе голови, повеќе доцна драма
„Суперзамените“ со години им се омилени на гледачите. Можеби најпознат пример е Оле Гунар Солскјер во Манчестер јунајтед, кој постигна 28 гола влегувајќи од клупата за резерви, а многу од нив беа победнички, од кои најпознат е тој во финалето на Лигата на шампионите во 1999 година.
Сега повеќе од кога било тие влијаат на натпреварите. Во 380-те меча во првата лига во минатата сезона имаше 159 гола постигнати од замените, најмногу досега во Премиер-лигата. На таа бројка помогна и фактот што, исто така, беа користени повеќе замени од кога било досега, со рекордни осум во просек по натпревар. Исто така, има повеќе доцни удари во голот од кога било досега, а во минатата сезона беа забележани повеќе постигнати голови во последните пет минути од натпреварите, 178. Не сите од нив, се разбира, беа постигнати од замените, но зголемувањето се совпадна со тоа што тренерите сега имаат флексибилност да направат повеќе промени отколку што можеа претходно, пишува „Би-би-си“.
Што се смени? Очигледниот одговор за овој пораст се промените направени во регулативите околу замените. Од сезоната 2022/2023 тренерите можат да направат пет промени по натпревар, наместо три, и тоа забележа зголемување на головите од замените од 102 во 2021/2022 на 132 во првата според новите правила. Тоа се зголеми за 27 гола во сезоната 2023/2024 и се чини дека нагорниот тренд продолжува сезонава, со 13,2 отсто од вкупно постигнатите голови досега од замените, поголем процент од која било друга сезона во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“.
Има влијание и тоа што натпреварите траат подолго. Просечното додадено време по меч во минатата сезона беше 11 минути и 36 секунди, што е речиси двојно повеќе од пред само три години. Повторно, повеќе прекини за замените на фудбалери играат улога во тоа, но топката исто така е во игра сега повеќе минути од кога било досега, со просечни 58,12 минути по натпревар.
Но ова најверојатно повторно ќе се промени сезонава, поради промената на мерењето на времето за прославување на головите. Досега се додаваше време за секоја секунда помеѓу ударот на топката во мрежата и изведувањето на почетниот удар по голот, сега часовникот се вклучува по 30 секунди. Така, натпревар со шест гола би имал три минути помалку додадено време, пишува „Би-би-си“.
Кој најефективно користи замени?
Во минатата сезона ниту еден тим не беше поефикасен со своите замени од Ливерпул, бидејќи постигнаа или асистираа 24 гола. Тоа беше под водство на Јирген Клоп, кој имаше вештина да прави промени што ги одведоа натпреварите во корист на Ливерпул. Германецот забележа вкупно 80 гола постигнати од замени во Премиер-лигата, четвртиот најголем резултат во историјата, зад Арсен Венгер (148), Алекс Фергусон (131) и Дејвид Моес (96).
Шампионот во Премиер-лигата, Манчестер сити, беше рангиран на 11-то место по учество во голови од замените, кои придонесоа со 13 погодока. Пеп Гвардиола вообичаено не менува во текот на натпреварите, наместо тоа, почесто верува во 11-те со кои го почнува мечот, во минатата сезона тој направи во просек 3,03 замени по натпревар, а само Рој Хоџсон и Дејвид Моес имаа помалку во просек, пишува „Би-би-си“.
Влијание и на меѓународно ниво
Влијанието на замените се виде и на Европското првенство (ЕП) летово во Германија. Турнирот беше второто ЕП каде што беа дозволени пет замени во регуларното време, а 11 од 12-те гола постигнати во дополнителното време на крајот на натпреварите беа од играчи од клупата за резерви, пишува „Би-би-си“.
Навистина, победничкиот удар за Шпанија против Англија во финалето беше на замената Микел Ојарзабал, кој беше еден од осумте фудбалери што влегоа во игра и постигнаа победнички голови.
Сега, повеќе од кога било, да се има најдобриот тим, а не само најдобриот почетен состав, се покажува како клучно.