Фото: ЕПА

На претстојниот самит во руски Казан

Околу 20 земји го потврдија своето учество на самитот во Казан. Списокот не завршува тука, а ние ќе објавиме кој од лидерите ќе дојде навреме, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков

Дваесетина светски лидери, меѓу кои се кинескиот претседател Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ќе присуствуваат на претстојниот самит на БРИКС, кој ќе се одржи од 22 до 24 октомври во Казан, Русија, пренесуваат светските медиуми.
– Околу 20 земји го потврдија своето учество на самитот во Казан. Списокот не завршува тука, а ние ќе објавиме кој од лидерите ќе дојде навреме – изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, на маргините на самитот за медиуми на БРИКС.

Посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг е потврдена од министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји.

Меѓу другите лидери што досега го потврдија присуството во Казан се и претседателите на Јужна Африка, Иран, Египет, Бразил, Боливија, Обединетите Арапски Емирати, Белорусија и на Монголија, како и принцот престолонаследник на Саудиска Арабија и премиерите на Ерменија и на Етиопија.
– БРИКС денес го заслужува вниманието на сите земји, вклучувајќи ги и оние што сѐ уште не планираат да му се приклучат на блокот, бидејќи тоа е најмоќниот интегративен блок во светот. БРИКС денес е од интерес за сите. И на оние што се членки на БРИКС и на оние што планираат да се приклучат, а тоа се 34 земји, како и на оние што не планираат но сепак се заинтересирани за БРИКС како најмоќниот интегративен блок на планетата – изјави претседателот на Комитетот за меѓународни работи на руската Државна дума, Леонид Слуцки.

Тој посочи дека и противниците на БРИКС сакаат да дознаат повеќе за процесите во блокот, а некои противници потоа стануваат поддржувачи. Слуцки притоа истакна дека БРИКС сега брзо се шири.

БРИКС е основан во 2006 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, додека Јужна Африка се приклучи во 2010 година. Организацијата неодамна се прошири и ги вклучи Иран, Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати. Саудиска Арабија соопшти дека размислува да се приклучи, а Азербејџан и Малезија официјално се пријавија за прием.

БРИКС ја има наведената цел да го засили влијанието на големите економии во развој за да се спротивстави на глобалниот поредок предводен од Западот. Неговите основачи повикаа на поправеден светски поредок и реформи на Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Е.Р.