Премиерот Христијан Мицкоски денеска зборувајќи за настанот со црквата во село Галате апелираше да не се игра на етничка и верска карта, посочувајќи дека очекува да има и други вакви изолирани инциденти. Мицкоски додаде дека и владиката и жителите се оградиле од вакви инциденти.
– Цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта бидејќи тоа е картата на која што овие криминалци кои во изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност итн., и ова се такви изолирани инциденти што ќе следат. Ја слушнавте изјавата и на владиката, слушнавте и ја прочитавте прес-конференцијата на којшто се оградува од ваквите инциденти, жителите на село Галате кои исто така се оградуваат од ваквите инциденти – рече Мицкоски.
Она што е интересно, според Мицкоски, е дека на социјалните медиуми за едно од лицата инволвирани во случајот излегле слики на коишто се гледа дека тој е во друштво на политички активни ликови.
– Ако се земе предвид и политичката провиниенција и поддршката на градоначалникот во Општина Врапчиште, но и се уште полициската структура која што е во ОВР Гостивар, тогаш многу лесно може да се дојде до заклучок дека ова е дел од оној фолклор што се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација и ваков тип на инциденти којшто следи ќе има. Зошто? Затоа што не можеме како Влада имајќи ги предвид последните измени во Законот за полиција и Законот за работа на МВР да се случат промените во раководните структури бидејќи тие се лимитирани на пет години искуство на висока позиција. Ќе мора за следните два-три месеци да се случи измена на тој закон за да настане измена во тие раководни структури за да можеме реално да ја контролираме ситуацијата – рече Мицкоски.
Укажа дека во периодот што следи „овие корумпирани политички елити од минатото ќе се обидат преку своите центри на влијание да создаваат етнички конфликти и тензии“.