Куќата на Китановци претставува високоразвиена куќа со троделна поделба на основата и средишно поставен чардак. Икона заштитничка на куќата е Богородица, донесена од Одеса како подарок, која била вградена во еден од ѕидовите, во присуство на тројца свештеници. Мебелот во куќата бил донесен од европските средишта, а целиот приход што семејството го заработило од ресторанот на брегот на Црно Море го насочувало кон изградба на куќата во највисок стил
Знаменитостите на Македонија
Куќа на Китановци, позната и како Куќа на Ќитановци, е староградска куќа во селото Вевчани. Таа е прогласена за споменик на културата на Македонија. Претходниот дом на Ќитановци, поточна на Андре Ќитаноски, била веднаш над стариот среден јаз што тече низ Вевчани. Ќитановци тоа место го викале Долни Ќитаној. Од оваа куќа е зачуван камен од ќошот на кој е издлабена во 1872 година. Истиот камен е сега во куќата на Андре.
Куќата започнал да ја гради Андре Китаноски со негови средства стекнати во градот Галати, Влашка, денешна Романија, кој во 1898 година го купил плацот и почнал да го рамни местото. Камен-темелникот бил поставен пролетта 1904 година. На свеченоста присуствувале охридскиот валија и чаушот со дваесетина војници. Куќата била завршена во 1906 година.
Во целата градба (куќата, авлиите, просториите за стоката и економијата, плевната, куличето и подѕидувањето на јазот и целиот простор) се вградени околу 2.500 кубни метри камен. Тогаш за првпат бил употребен цемент во некоја куќа од Струшко-Охридскиот Регион. Просториите во кои бил користен цемент служеле како простории за личната хигиена.
Во периодот колку што траела градбата постојано биле ангажирани 25 работници, а греди и друг материјал се носеле од планината Јабланица. Каменот, кој го делкале познатите дримколски мајстори, бил плаќан во злато. Биле воспоставени и пет варници. Подоцна една од тие пет варници служела како бунар. Дрвенаријата била правена на самото место од вевчански мајстори. Бил изграден и дрвен мост, кој ја поврзувал куќата со дворот, авлијата и бавчата. Во 1906 година Китановци се вселиле во куќата.
Еден дел од дворот бил покриен (сулдерма) со ќерамиди, на крајот на дворот имало чешма, која постојано течела. Во 1908 година од Солун биле купени тросед, двосед, фотелји, огледало и пиштол со дрвена футрола. Постоела и семејна стражарница, за да ги чува децата и жените од арнаутските банди, чија цел на напади биле богатите печалбарски семејства. Во 1925 година во оваа куќа е направен и првиот македонско-романски речник со 87 збора.
Во 1941 година дел од имотот на куќата бил одземен од албанските власти. Подоцна, тука била сместена и партизанската радиостаница. За време на НОБ, во 1944 година во куќата бил одржан првиот состанок на НОО за Струшко. Во неа е формиран и првиот Народен одбор на струшката околија. Во знак на заслуга, на 2 август 1954 година на куќата е откриена и спомен-плоча. Во 1946 година за првпат бил сменет покривот. Во 1994 година повторно бил сменет покривот. Пролетта 2006 година бил поправан симсот на балконите. Во 2011 година куќата бил прогласена за споменик на културата. Д.Ст.