Фото: ЕПА

Според новите законски измени, со кои се согласи и ги потпиша бугарскиот претседател Радев, секоја образовна програма во бугарските училишта поврзана со „нетрадиционална сексуална ориентација“ ќе биде означена како „пропаганда“

БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ОДОБРИ ЗАБРАНА ЗА ОБРАЗОВНИ ПРОГРАМИ ЗА „НЕТРАДИЦИОНАЛНА СЕКСУАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА“ ЗА КОИ СЕ ПРОТИВЕШЕ ЛГБТИ-ЗАЕДНИЦАТА

Бугарскиот претседател Румен Радев не стави вето (поточно го одобри законското решение) на новиот закон за забрана на секаков вид образовни програми за „нетрадиционална сексуална ориентација“ во бугарските училишта, игнорирајќи ги повиците на Советот на Европа и граѓанските активисти од ЛГБТИ-заедницата. Според новите законски измени, секоја образовна програма во бугарските училишта поврзана со „нетрадиционална сексуална ориентација“ ќе биде означена како „пропаганда“.
Амандманите што беа поднесени од партијата Преродба и усвоени со помош на ГЕРБ (ЕПП) и левичарската БСП (ПЕС) беа усвоени брзо, по две читања во ист ден минатата недела. Тие беа објавени во Државниот весник во петокот и сега ќе стапат во сила, со согласност на претседателот.
Од друга страна, Советот на Европа го повика бугарскиот претседател да не дава зелено светло за законот и да излезе во пресрет на барањата на ЛГБТИ-заедницата. Имено, над шест илјади луѓе во Бугарија потпишаа петиција со која се апелираше до Радев да стави вето за законот, но сепак бугарскиот претседател го одобри законот, потпишувајќи указ.

Бугарија се соочува со остри критики од меѓународните институции

Бугарија и Радев се соочија со голем број критики од меѓународните институции по усвојувањето на законот.
– Бугарскиот парламент штотуку усвои закон со кој се забранува претставување на ЛГБТИ-идентитети во училиштата. Ги повикувам бугарските власти да спречат и да се борат против говор на омраза, дискриминација и насилство врз ЛГБТИ-лицата, да обезбедат пристап до информации и веднаш да го укинат законот – напиша Беатрис Фреско-Ролфо, членка на Комитетот за еднаквост на Советот на Европа во Парламентарното собрание (ПССЕ), на социјалната мрежа Икс.
Критиката ја повтори и Високиот комесаријат на ОН за човекови права.
– Длабоко сме загрижени од потпишувањето на законот на амандманот во Бугарија со кој се забранува дискусија за сексуалната ориентација и родовиот идентитет во училиштата и повикуваме законот да се преиспита во согласност со меѓународните обврски на земјата за човекови права – наведе портпаролката Лиз Тросел во соопштение објавено во петокот.
На 13 јули еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали објави дека ќе започне истрага за тоа дали законот против ЛГБТИ го прекршува правото на ЕУ. Дали испрати писмо до бугарскиот министер за образование Галин Цоков, кој има рок до крајот на месецов да објасни што точно значи новиот закон, до какви санкции ќе доведе и како ќе се спроведува.

Законот беше отфрлен од минатиот состав на бугарскиот парламент

Новиот бугарски закон наведува дека „дејствата поврзани со пропаганда, промовирање или поттикнување на кој било начин, директно или индиректно, на идеи и ставови поврзани со нетрадиционална сексуална ориентација и/или утврдување родов идентитет различен од биолошкиот се забранети“. „Нетрадиционалната сексуална ориентација“ во законот е дефинирана како „различна од општоприфатените и вградени во бугарската правна традиција поими за емоционална, романтична, сексуална или сензуална привлечност меѓу лица од спротивниот пол“.
Законот против ЛГБТИ беше отфрлен од претходниот состав на бугарскиот парламент, но сегашното Народно собрание го усвои. По потпишувањето на законската регулатива, претседателската администрација издаде соопштение во кое се наведува дека „шефот на државата го изрази својот став за измените на законот за предучилишно и училишно образование со потпишување указ за негово објавување“. Р.С.