Анот го добил името од арапскиот збор „капан“, кој се однесувал на големиот јавен кантар што бил сместен внатре или пред неговите порти и служел за мерење на стоката. Оригиналното име на објектот е караван-сарај на Иса-бег, но среќаваме документи во кои уште во 1506 година го нарекуваат „Капан-ан“
Знаменитостите на Македонија
„Капан-ан“ е поранешен ан и караван-сарај во Скопје, кој е сместен во внатрешноста на старата скопска чаршија. Изграден е по наредба на Иса-бег во втората половина на 15 век, а како ан работел до Втората светска војна.
Анот го добил името од арапскиот збор „капан“, кој се однесувал на големиот јавен кантар што бил сместен внатре или пред неговите порти и служел за мерење на стоката. Оригиналното име на објектот е караван-сарај на Иса-бег, но среќаваме документи во кои уште во 1506 година го нарекуваат „Капан-ан“. Капан подразбира канта, или голема вага за мерење. Тогашните градови имале вакви државни ваги, кои се користеле за мерење на увезената стока врз основа на што се наплаќала такса – кантарина. Во Скопје имало неколку вакви ваги, но тие во „Капан-ан“ биле од особено значење поради местоположбата во центарот на чаршијата. Далечните трговци прво ја носеле стоката тука, каде што таа се мерела и складирала пред да биде дистрибуирана до помалите продавници. Називот се проширил и надвор од границите на објектот, па ѝ дал име на околната Капан-чаршија или Капан-чешма.
Објектот сѐ уште има исклучителна локација: на запад се граничи со една од најпрометните чаршиски улици, на север има мал плоштад, на југ уште еден помал плоштад кој бил наречен Папуџиски мегдан, а на исток е ул. Битпазарска, каде што порано поминувала реката Серава. Главниот влез отсекогаш бил од север, додека јужниот долго време бил заѕидан. Впрочем тој е непосредно отворен, при последната реконструкција на анот.
„Капан-ан“ бил изграден во втората половина на 15 век, по наредба на третиот отомански управител, Иса-бег. За првпат се споменува во вакуфнамата на Јајапашината џамија во 1506 година. Низ историјата одиграл голема улога во развојот на сообраќајната трговија, бидејќи претставувал место во кое преноќувале трговски патници од многу далечни места. Анот бил разрушен со земјотресот во 1555 година, а потоа и во пожарот од 1689 г., по што бил реконструиран на доста попрост начин, со дрвена конструкција, а од првобитниот изглед се зачувани само неговите долни делови. Како ан работел сè до Втората светска војна. Во земјотресот од 1963 г., објектот, речиси, целосно бил разрушен и бил обновуван во периодот од 1971 до 1973, по што бил повторно пуштен во употреба во 1974 година. Денес, во него се сместени дуќани, меани и деловни канцеларии.
Објектот претставува правоаголна градба со површина од 1.066 квадратни метри, која однадвор е целосно затворена и содржи голем квадратен двор во внатрешноста. Има вкупно 44 простории, кои служеле за сместување на патниците и трговците со нивните каравани. Собите биле подредени во низа и распределени на приземјето и катот, од сите четири страни. На катот има дрвен трем на сите четири страни, на чии дрвени столбови е подигнат покривот. Кон анот водат два влеза, од јужната и од северната страна, во кои се влегува преку дрвени врати. Делот од чаршијата околу анот бил наречен Капан-чаршија, а пред анот имало и чешма наречена Капан-чешма.
Структурата има квадратна форма со внатрешен двор околу кој се нижат 20 простории на приземјето и 24 на катот. На првиот кат се чувала стоката, а на вториот кат престојувале посетителите. Сите простории се ориентирани кон внатре, со врти и прозорци што водат до тремовите. Тремовите, пак, гледаат кон атриумот каде што имало некаква чешма, веројатно шадрван и бунар, кои денес не се зачувани. На источната страна каде што сега среќаваме низа дуќани, имало и штала. Од нејзината структура е зачувана само археологија, која посочува дека тоа била тесна просторија долга 40 м, а широка 6 м. Се претпоставува дека таа се разликувала од шталите на другите анови и имала конструкција од полукружни лакови. Кон шталата се пристапувало преку премин низ источниот ѕид на објектот.
Самата структура била значително различна од таа што ја среќаваме денес. Зачувани се само приземното ниво и некои делови од надворешната фасада. Се претпоставува дека во оригиналната состојба, катот се потпирал на ѕидани столбови, кои подоцна биле заменети со дрвени. Д.Ст.