Тие беа сестрани спортисти, а Славко основоположник на ракометот во Македонија. Никола поттикнат од постариот брат стигна до репрезентацијата на поранешна Југославија. Двајцата браќа беа и атлетски прваци, а Никола во професионалниот живот стана еден од најпознатите правници
Времето минува и многу спортски асови од минатото, иако веќе не се меѓу нас, вечно остануваат забележани во нашата спортска историја. Тие спортски легенди, секој во своето време, давале голем придонес за афирмацијата на својот народ и држава. Меѓу оние што никогаш не треба да се заборават на овие наши македонски простори, секако, е големиот спортски ентузијаст, проф. д-р. Славко Матовски. Постарите генерации се сеќаваат на него како на исклучително настојчив човек, за кого зборовите „не можам“ едноставно не постоеја! Тој уште од младоста, како осумнаесетгодишник, веднаш по Втората светска војна, ги покажуваше своите афинитети кон спортот. Тоа беше време кога паралелно со брзиот развој и изградба на новата држава се ставаше посебен акцент и на спортот. Младите се вклучуваа во веќе постојните клубови, а растеше и бројот на новоформираните, со што на сите што пројавуваа интерес им беше овозможено да почнат да спортуваат. Како и во сите сфери од општественото живеење така и во спортот почнаа поголеми вложувања за тој да се издигне на едно повисоко квалитетно ниво. Па така, поранешна Југославија во првите повоени години иако сѐ уште ги „лекуваше“ раните од војната, на спортско поле успеа да се организира и во некои спортови да им се доближи и да им парира дури и на поразвиените држави. Тогаш на површина „испливаа“ и многу талентирани момчиња, кои подоцна беа носители на сите активности во спортот за кој се определија. Еден од нив беше и големото име на македонскиот спорт Славко Матовски. Тој всушност кога почна да ја гради својата кариера истовремено се занимаваше со два спорта – атлетика и голем ракомет. Во вториот спорт, заедно со уште еден голем спортски ентузијаст, Никола Таневски-Јанди, беа и негови основоположници. Славко Матовски стана еден од главните актери во овој спорт, а заедно со Драган Геровски-Дале стигнаа и до репрезентацијата на поранешна Југославија.
Но, како што минуваше времето, големиот ракомет полека се губеше од спортската сцена, а на негово место завладеа малиот ракомет, кој на самиот старт стана многу популарен и ги освои младите. Кај нас неговите почетоци, во што директно беше инволвиран Славко Матовски, датираат од 1952 година. Оттогаш може да се каже оти ракометот не само што му стана основен спорт на Славко туку тој се смета и за негов основоположник во Македонија. Сепак, Славко не се откажуваше и од својата голема спортска љубов уште од студентските денови – атлетиката. Тој остави голема трага во кралицата на спортовите и беше еден од првите македонски рекордери во неколку дисциплини, а извесен период беше и тренер во АК Работнички. Но Славко нема да беше тој ако на овие два спорта не придодаде уште еден – одбојката. Сепак, по она што најмногу ќе се памети, тоа е фактот што на овие наши простори, тој беше творец на еден од најпопуларните и најуспешни наши спортови – ракометот.
КАКО РК РАБОТНИЧКИ СТАНА ХИТ
Заслугите на Славко Матовски, кој беше и од првата генерација студенти што го завршија ДИФ (Државен институт за физичка култура, а сега Факултет за спорт и здравје), во македонскиот спорт се огромни. Тој беше и иницијатор за формирањето на Заводот за физичка култура на Македонија (подоцна Комитет), а заедно со д-р Никола Христов има голема заслуга и за формирањето на Заводот за спортска медицина. Со еден збор, Славко беше човек целосно посветен на спортот, а својата најголема популарност како спортист, пак, ја доживеа во ракометот, во кој со Работнички во втората половина од 50-тите и почетокот на 60-тите години на минатиот век беше хит во спортот во Македонија. Причината е едноставна, РК Работнички и ФК Вардар беа единствените македонски клубови што се натпреваруваа во тогашната прволигашка југословенска конкуренција. Една година и РК Графичар од Скопје стана прволигаш, но тој во најсилната конкуренција се задржа само една сезона.
За Славко и неговиот придонес за спортот во Македонија има уште многу да се пишува. Јас му дадов и посебно место во мојата книга „Спортски стории“, оти таквите луѓе никогаш не смеат да се заборават. И во оваа пригода, кога всушност ќе пишувам текст посветен на неговиот помлад брат Никола, кој беше врвен ракометар и репрезентативец, едноставно не можев а да не го споменам неуморниот и легендарен Славко Матовски. Добро е што тој пред да замине од животната сцена напиша повеќе работи што остануваат како документ на тоа време. Од сиот негов пишувачки опус, најмногу ме импресионира книгата посветена на ракометниот клуб Работнички, клуб со кој практично заживеа спортот со кој се гордееме и денес. А, Славко не само што беше основач на клубот од Дебар Маало туку тој истовремено беше негов тренер и играч. Токму сите тие негови ангажмани придонесоа клубот долги години да опстојува и во тоа време да биде еден од најквалитетните спортски колективи во Македонија.
ПОМЛАДИОТ ПО СТАПКИТЕ НА ПОСТАРИОТ БРАТ
Влијанието на Славко беше многу големо и кај помладиот брат Никола. Се чини оти не можеше да биде и поинаку, зашто кога растеш покрај брат што е еминентна спортска фигура, нормално е и кај тебе да се јават таа страст и желба за спортување. Таков беше примерот токму со Никола, со кого пред да почине имав снимено емисија во рамките од серијалот посветен на македонските спортски легенди. Па, со оглед на тоа што и тој беше врвен ракометар и репрезентативец на поранешна Југославија, ќе пренесам некои делови од разговорот, кои сметам оти се интересни зашто нѐ навраќаат на едно убаво спортско минато.
– Мојот постар брат Славко ми беше најголема инспирација и јас да почнам да спортувам. Тој не само што беше голем ентузијаст туку беше и настојчив човек, кој она што ќе го наумеше, иако на патот му искрснуваа многу пречки, тоа и го реализираше. Таков беше случајот и со ракометниот клуб Работнички, за чие формирање тој беше главниот „виновник“. Со оглед на тоа што беше дипломиран студент на ДИФ, и тоа во онаа прва генерација студенти од Македонија, а веќе и со искуство од занимавањето со големиот ракомет, целосно му се посвети на малиот ракомет. Тој и тука беше првиот тренер на нашите простори, кој со подоцнежните успеси на Работнички, во кој ме вклучи и мене, ги потврди своите квалитети како стручњак и педагог.
Интересно е да се каже оти спортските почетоци на двајцата браќа беа исти. Славко се појавуваше во повеќе спортови, а истото тоа се случи и со Никола. Но за разлика од постариот брат, кој беше активен во четири спорта (ракомет, атлетика, одбојка и кошарка), а во два, атлетика и ракомет, беше и тренер, Никола за свој основен спорт го одбра ракометот, иако претходно играше и кошарка за младинската екипа на Работнички, а по потреба беше и атлетичар. Дури во „кралицата на спортовите“ беше и шампион на Македонија на 110 метри со пречки.
СЕПАК РАКОМЕТОТ ПОБЕДИ
Бидејќи го привлекуваа сите спортови со топка, Коле не можеше да се реши за кој спорт да се определи. Сепак на крајот го одбра ракометот иако како младинец имаше забележителен настап на еден младински кошаркарски турнир на „Калемегдан“ во Белград.
– Таму настапив за екипата на Работнички. Тоа беше еден состав во кој сите бевме другари. Тука, покрај другите, беа: Фишиќ, Књазев, Мировски, Дрнков, Лечиќ, кој подоцна стана вистинска тренерска легенда. На турнирот во Белград, иако без доволно искусно, одигравме одлично, па веднаш по настапот дојдоа и пофалби од никој друг, туку од еден од најголемите европски тренерски стручњаци д-р Александар Николиќ. Тој беше воодушевен од нашата игра и ни прогнозираше убава иднина доколку продолжевме во кошарката. Тогаш имав 16 години и бев на крстосница со кој спорт да продолжам. Кошарката ја сакав, но некако повеќе ме привлекуваше ракометот и во изборот на кој спорт да се определам, сепак победи ракометот. Тука голема улога одигра и фактот што во средината од 50-тите години на минатиот век имаше една голема експанзија на ракометниот спорт, па, така, младата популација сѐ повеќе се определуваше за него. За мене, пак, и логично беше покрај братот Славко, кој веќе сериозно зачекори на ракометните терени, и јас да тргнам по неговиот пат. Тогаш се создаваше и амбициозниот тим на Работнички, кој потоа неколку години беше македонски претставник во тогашната Прва југословенска лига. Во тоа време фудбалерите на Вардар и ракометарите на Работнички беа двата клуба што им носеа многу радости на љубителите на спортот во Македонија. Тие прераснаа во наши спортски брендови со кои сите се гордеевме- се сеќаваше на тоа време Коле.
Во натамошниот тек на кариерата на Никола Матовски, кој паралелно со спортувањето го заврши Правниот факултет, подоцна стана и еден од најпознатите југословенски и европски правници. Тој како врвен стручњак во својата област беше и претседател на Здружението на ООН во Југославија, а во 1990 година стана претставник на поранешната држава во Комитетот за казнено право во Стразбур. За сите овие моменти од животот на Никола ќе читате идниот понеделник.
Никола Матовски
Роден: Во 1939 година во Скопје, починал во 2016 година
Кариера: Атлетичар, кошаркар и ракометар во ЖСД Работнички, ракометен репрезентативец на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: Атлетски првак на Македонија на 110 метри со пречки и во повеќе други дисциплини. Со АК Работнички екипен првак на Македонија. Во 1958 година со РК Работнички за првпат влегува во Првата југословенска лига. Студентска шампионска титула во ракомет и во Франција.