Дури и најмалите нарачки на производи често завршуваат во масивно пакување. Тоа не е нужно невнимание на компанијата, но сепак е значаен проблем. Поговорката вели дека добрите работи доаѓаат во мали пакувања. Ако нарачате чешел со големина на плик, голема е веројатноста дека ќе ви пристигне дома на прагот во картонска кутија што одговара на пакување за тромбон.
– Овој тренд е повеќе од само здодевен, тоа е кошмар за одржливоста. Повеќе од три милијарди дрвја се сечат секоја година за да се направи хартиена амбалажа што завршува во вашиот дом или во канта за отпадоци – вели Никол Рајкрофт, извршен директор на еколошка непрофитна организација што соработува со компании за зачувување на загрозените шуми.
Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, производството на хартиена амбалажа е зголемено за 65 отсто во последните две децении. Експанзијата на онлајн купувањето само ги влошува работите.
– Во раните денови на е-трговијата производите имаа седум пати поголемо пакување од она при физичко пазарување – вели Рајкрофт.
Сега е околу четири и пол пати повеќе, но сепак е премногу.
– Меѓутоа, кога станува збор за несовпаѓање помеѓу големината на производот и контејнерот, не станува збор само за невнимание од страна на компанијата – забележува Бери Кронхаус, директор за продажба и маркетинг.
Тоа не е толку случајно како што може да изгледа, смета тој. Местата како „Амазон“ и „Волмарт“ и нивните центри за е-трговија трошат многу време обидувајќи се да го откријат тоа.
Психологијата на пакувањето
Обично, големината на кутијата се одредува со софтвер или алгоритам, кој често наоѓа точно совпаѓање. Но во подготовката и испраќањето на нарачките до клиентите сѐ уште се вклучени луѓе, поради што често стоката завршува во големи кутии.
На пример, магацинот може да нема доволно кутии со вистинска големина, што предизвикува да се избере следната најдобра алтернатива, која често е поголема.
– Кога се потпирате на луѓето и тие имаат 100.000 нарачки за испорака, тие мора да го направат тоа брзо – вели Кронхаус.
Особено кога клиентите плаќаат за превозот, додава тој, не ѝ штети на компанијата да се употреби поголемо пакување.
Во некои случаи, потрошувачите повеќе ги вреднуваат производите кога доаѓаат во поголеми контејнери. Тоа се нарекува „психологија на пакувањето“, вели Рајкрофт, а некои компании ја користат во своја полза – или барем не се мачат да се уверат дека кутиите се со соодветна големина за нивната содржина.
Ставката што пристигнува во големо пакување прави купувањето да изгледа како добра зделка, според холандска фирма за истражување на пазарот. Купувачите ги проектираат човечките карактеристики на пакувањето, што исто така може да влијае на нивните одлуки за купување.
На пример, една студија од 2017 година покажа дека потрошувачите ги поврзуваат високите и тенки пакувања со храна за здравје и виткост. Брендовите што сакаат да поттикнат одредени емоции можат соодветно да го приспособат своето пакување.
Импликации за одржливост
Без оглед на причината за неусогласеноста, пакувањето во голема амбалажа создава значителен проблем со отпадот. Колку е поголемо пакувањето, толку е поголем неговиот јаглероден отпечаток и толку повеќе уништување на животната средина може да предизвика. Иако картонските кутии од онлајн нарачките можеби се најочигледниот виновник, многу индустрии користат преголеми пакувања, првенствено направени од хартија и пластика. Се проценува дека индустријата за храна и пијалаци е најголемиот сектор во употребата на пакувања од хартија. И некои брендови во модната индустрија користат исто толку растителни влакна во нивното пакување колку што користат и во текстилот.
Во моментов, 54 отсто од пулпата што се користи за производство на хартиени пакувања и производи од хартија се рециклира, но 43 отсто од таа пулпа сè уште се произведува од девствени шумски влакна (ново дрво сечено за првпат). Половина од овие девствени влакна би можеле да потекнуваат од шуми што се означени како „древни и загрозени“. Само 3 отсто од пулпата е добиена од алтернативни еколошки влакна, како што се пченична слама или багас.
Ова е голем проблем бидејќи зачувувањето на шумите стана составен дел од борбата против климатските промени. Приближно една третина од вкупните шуми во светот се уништени од човековата активност. Ова вклучува сечење дрвја за производство на хартиена амбалажа.