Почнувајќи од воените злосторства на ОНА (УЧК) во 2001 година, кои останаа без судска разврска, како хашките случаи, преку игнорирањето на македонското знаме и македонските национални празници во општините каде што е мнозинско етничкото албанско население, провоцирањето на македонскиот позитивноправен систем со изградба на споменици на ОНА, палетата од зафати за дезавуирање на македонското мултиетничко општество и негово трансформирање во бинационална држава, заканите за рециклирање на политичкото насилство… сето тоа се само парчиња од мозаикот на активностите на ДУИ, кој дава сериозни индиции дека „Македонија како унитарна држава никогаш не била приоритет во политичкото дејствување на оваа партија, произлезена од милитантни формации, кои своевремено и од НАТО беа карактеризирани како терористички“, потсетуваат наши соговорници
Препознатливи се активностите на ДУИ низ годините што флагрантно ги загрозуваат државата и уставниот поредок
Дваесет и двете години (речиси) континуирано учество во власта на македонската држава, се чини дека никако не успеаја да ја трансформираат онаа првична перцепција за создавањето на Демократската унија за интеграција (ДУИ), како политичка партија создадена од милитанти, чија цел беше (е) дезинтеграција на суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. „Родена“ како политички субјект од припадници на милитантните групации на ОНА (УЧК), кои во 2001 година со напади врз безбедносните институции, но и цивилното население во Македонија, практично воено-безбедносно ја загрозија државата, по потпишувањето на Охридскиот договор (на кој сепак не се потписници), ДУИ настапи на политичката сцена во земјава декларирана како „демократски политички субјект“. Но и кога беше во зенитот на своето политичко влијание и моќ, ДУИ секогаш кога ќе почувствуваше дека некој ги оспорува компетенцијата, квалитетот и начинот на нејзиното учество во власта – сѐ повеќе се радикализираше, од повиците за – симнување на воените чизми (и оружје) од таваните и закани со ново милитантно, радикално и масовно безбедносно загрозување на државата. И покрај сите привилегии и „попусти“ што ги доби при коалициското практикување на власта во текот на две децении од тридецениската македонска независност, дури зачудувачки е како во оваа партија не успеаја или дури не се ни обидоа да ја надраснат таквата етноцентристичка и заканувачка матрица во односот спрема државата, во која реално се (беа) влијателен политички фактор, што им овозможи и мошне значителни економски придобивки, како партиски така и лични, на припадниците на ДУИ и на нивните блиски.
Вечниот „ас во ракавот“ на ДУИ – безбедносна закана
Во краткиот опозициски стаж на ДУИ, по парламентарните избори што се одржаа во мај, годинава, доминантната политичка активност им се сведува на иницијативи за промена на политичкиот систем во земјава, кој ќе им овозможи трајно и непрекинато учество во власта. Надвор од сите демократски принципи и практики, спротивно на македонскиот устав, политичката иницијативност на ДУИ во овој период е насочена кон „легализирање“ на досегашниот „неформално“ применуван принцип на конституирање на извршната власт – победник со победник. Притоа се мисли на победници во одреден етнички ареал на избирачкото тело, „принцип“ што е непристојно да биде ставен на хартија како законски акт во демократска држава со амбиција да стане членка на Европската Унија и која треба да спроведува реформи во насока на имплементација на европските граѓански вредности. Од друга страна, особено контрадикторно и парадоксално е што дури и самата ДУИ веќе го има прекршено тој „неформален договор“ за коалицирање на победник со победник, што сега сака да го „озакони“ и да го стави и во Устав. Како „надградба“ на оваа опозициска иницијативност на ДУИ се лансираше во јавноста и предлогот за регионализација на Македонија што би ја одразувала „демографската реалност“, според примерот на Белгија ли, Северна Ирска ли, Швајцарија ли…, но амбицијата на „интегративците“ е секако дезинтеграција на унитарниот карактер на државата. Ироничната непринципиелност во иницијативите на ДУИ, кои се прогласуваат за „најправоверни“ заштитници на Охридскиот договор е во тоа што токму тој договор треба да го гарантира унитарниот карактер на Македонија, што се чини дека на интегративците не им се допаѓа. Но во ДУИ се подготвени овие свои иницијативи, освен низ политичка дебата, да ги „извојуваат“ и со манифестации на масовност, односно протести пред институциите. Протестите дури и се најавени од страна на лидерот и други високи претставници на партијата да се одржуваат со почеток на есента.
Во ваквите најави за протести на ДУИ, во македонската јавност (поучена од многубројните претходни искуства во дејствувањето на ДУИ) се препознава тон на безбедносна закана за државата, кој многу често и многу јасно се употребуваше и во предизборната реторика на оваа партија.
Ваквите иницијативи и потези на ДУИ се оценети како неодговорно однесување што го загрозува меѓуетничкиот имиџ во државата и претставува закана за мирот и стабилноста на Македонија како држава, со потенцијал да ги загрозат територијалниот интегритет и суверенитет на земјата, или да создадат криза. Актуелната извршна власт смета дека има задача да ја одбрани државата од секакво загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет. Правниците, пак, нагласуваат дека сѐ додека политичките иницијативи се во фаза на дебата (без насилни манифестации), може да се сметаат во рамките на легитимноста. Но ако од дебатата се поттикнуваат и предизвикуваат дејства што би ги загрозиле безбедноста и уставниот поредок на државата, обвинителството и МВР треба да реагираат според одредби од Кривичниот законик, според кој, загрозувањето на уставниот поредок е едно од најтешките кривични дела.
Унитарна Македонија никогаш не е во приоритетите на ДУИ
Во текот на сите 22 години на споделување на власта во Македонија, ДУИ никогаш не се потруди барем да создаде впечаток дека како политички субјект во државата ги споделува нејзините интереси, односно дека нејзините партиски интереси се усогласени со државните. Напротив, нејзините функционери дури никогаш не се воздржувале да истакнуваат дека етничко-партиските интереси се секогаш пред македонските национални интереси и во тој контекст често настапувале од позиција на интерес на соседните држави, Косово и Албанија. Таков беше и ставот на ДУИ, при последниот „инцидент од суета“ на претседателката на Косово, Вјоса Османи, на скопскиот аеродром, кога некритички побараа државата Македонија да му се извини на Косово.
Кога станува збор за ситуациите кога ДУИ со своето дејствување ги загрозувала безбедноста и мирот, како и суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, не би се претерало кога би се рекло – дека тоа е состојба на поигрување со континуирана тензија. Почнувајќи од воените злосторства на ОНА (УЧК) во 2001 година, кои останаа без судска разврска, како хашките случаи, преку игнорирањето на македонското знаме и македонските национални празници во општините каде што е мнозинско етничкото албанско население, иритирањето на македонската јавност со изградба на споменици на ОНА, тенденциите за сведување на мултиетничкото општество во Македонија на бинационална држава… сето тоа се само парчиња од мозаикот на активностите ДУИ, кој дава сериозни индиции дека Македонија како унитарна држава никогаш не била приоритет во политичкото дејствување на оваа партија, произлезена од милитантни формации, кои своевремено и од НАТО беа карактеризирани како терористички.