Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека ќе се следи третманот на младиот Леонид Индов во нашата држава откако тој со хеликоптер е транспортиран од Виена каде беше на лекување.
– Утрово потпишав, со одлука на Влада сѐ ќе биде организирано засега да се врати детето во Македонија, па понатаму ќе видиме каков ќе биде третманот. И како Министерство за здравство и како Влада ќе бидеме максимално ангажирани во вакви случаи – изјави Таравари одговарајќи на новинарско прашање.
Утрово, од Министерството за внатрешни работи и од Центарот за управување со кризи информираа дека вчера, доцна попладне, Индов бил транспортиран со хеликоптер од Виена во Скопје.
Тој беше на лекување во Виена и за него на 10 јули годинава, неговиот татко упати барање до ЦУК за воздухопловен транспорт. Според соопштеното, хеликоптерот за воздухопловни единици на МВР бил опремен со медицинска опрема, а во него бил и медицински тим од ГОБ „8 Септември“.
– Во хеликоптерот на МВР се става специфична медицинска опрема согласно можностите, а и медицински персонал, за транспорт на болни и повредени. Во координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на барањето беше позитивно одговорено и вчера се изврши реализација на транспортот со хеликоптер опремен со соодветни медицинска опрема и персонал, од Виена, Австрија до Скопје. Транспортот со хеликоптер се реализира согласно Договорот за соработка и транспорт на болни лица помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на 6 февруари 2024 година од Скопје за транспорт на Леонид до Клиниката во Виена, Австрија на лекување – е наведено во соопштението на ЦУК.
Младиот Леонид Индов во јули минатата година се повреди на летување во Грција.