Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ во повеќе написи ќе ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
Снежана Стојчевска, поетеса и директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“
Јазикот е жива материја и ќе се развива и ќе живее сè до неговиот последен говорител. Секој мајчин јазик е најубав, така и нашиот мајчин јазик – македонскиот. Токму затоа треба да го негуваме преку правилна употреба, преку жив и правилен говор, но и преку читање и пишување дела на македонски јазик.
Мајчин јазик е јазикот на кој нашите мајки ни читале приказни, ни пееле приспивни песни, јазикот на кој сонуваме, на кој се радуваме и тагуваме, јазикот на кој се расправаме или благословуваме, јазикот на кој се молиме.
Како дојдовме до тоа првите зборови на нашите деца да бидат изговорени на англиски јазик, па дури потоа да проговорат на македонски? Како дојдовме до тоа децата подобро да ни размислуваат на англиски, подобро да говорат, да читаат и да пишуваат на туѓ јазик, отколку на мајчиниот македонски јазик?
Глобализацијата е брз воз во еден правец и закана за сите мали јазици и култури. Токму затоа треба да бидеме свесни што имаме, но и што можеме да изгубиме. Никогаш не треба да заборавиме дека правото слободно да го говориме, да учиме и да создаваме на мајчиниот јазик, нашите предци го платиле со живот.
Има два виновника за тоа каде се наоѓаме, воопшто за целата оваа ситуација: еден е поединецот, а друго е општеството во кое живееме. Секој од нас треба да биде свесен за улогата што ја има во целиот овој процес и секој може да придонесе да се подобри состојбата со тоа што на децата ќе им читаме, ќе им пуштиме цртан филм или музика на македонски јазик.
Миграцијата е реален проблем, кој исто така има свое влијание врз употребата на јазикот. Можеби не првата, но веќе втората или третата генерација иселеници го губат контактот со сопствената земја, а со тоа и со мајчиниот јазик и како што се намалува бројот на жители, така се намалува и бројот на активни говорители на македонскиот јазик.
Ситуацијата е уште поалармантна и од комплетната негрижа и немањето план и стратегија за развој и негување на јазикот. Поразителна е состојбата во која се наоѓаме и тоа е последица на постојаното кратење и поткусурување на културата и на образованието. Природно е младината да сака да биде во тек со светот, да следи содржини што интернетот и новите технологии ги нудат преку поткасти и платформи, филм, музика. Ние немаме, односно имаме оскудна образовна и детска програма, детски емисии, цртани, серии, музика, документарни програми, филмови, забавна програма, додека изобилуваме со турски, српски, грчки, шпански серии и програми. Не може да се каже дека се вложува во јазикот, ако неговото место во културата и во образованието не е на прво место. Во моментов се случува „бум“ во издаваштвото на литературата за деца и млади, нешто слично како во деведесеттите години и тогашната музичка поп-сцена. Но колку време ќе помине за овие книги да дојдат до образовните програми, до библиотеките?
За жал, ние сме општество што функционира на индивидуални проблесоци. Немаме систем, немаме протокол, немаме план, немаме стратегија за ништо. И колку повеќе политичарите се расфрлаат со празни флоскули од типот: го заштитивме јазикот, чист или признаен македонски јазик, толку позастрашувачка е реалната состојба во која се наоѓаме.
Реалноста е дека во секојдневната употреба јазикот наместо да се збогатува, осиромашува. Македонските автори не се застапени во библиотеките, не се интересни за издавачите, бидејќи не носат профит, особено поезијата, а се минимално поддржани од Министерството за култура. Образовните програми не се обновуваат со нови и актуелни автори, книгите што се во програмата се неатрактивни за децата, а преводите се стари и изобилуваат со зборови и фрази што ги прават тешко разбирливи, па децата губат интерес. Тука се и медиумите и начинот на кој говорат ТВ-водителите, новинарите и спикерите на вести. Постојано сведочиме за нелекторирани текстови во медиумите, за крајно неписмени текстови закачени на шалтери или врати, кои нам на моменти ни се смешни, а во суштина се тажни.
Како дел од книжевната сцена на која опстојувам повеќе од десет години, ја имам можноста одблизу да ги согледам и да ги почувствувам работите. Сега одблизу ѝ погледнувам на реалноста в очи и како директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Состојбата што ја затекнав во институцијата, за мене како автор беше поразителна: со години не се порачувале книги од македонски автори, не се следела актуелната книжевна сцена, туку се набавувало тоа што го барале читателите, сомнителни љубовни романи, „чик-лит“, трилери и бестселери без книжевна, јазична и естетска вредност. Оваа ситуација ме освести и ме натера да размислувам за тоа каде е денес македонскиот писател, а со тоа и македонскиот јазик? Одговорот е: на маргините. Затоа и ја започнавме кампањата „Читаме современи македонски автори“, за да ја доближиме македонската книжевност до читателите, да ги поддржиме и авторите, издавачите, а на тој начин да го поддржиме и македонскиот јазик.
Сè додека не пројавиме свесност и не покажеме самопочит – нема да имаме напредок. Ние имаме флоскули, а немаме стратегија, затоа ќе го пробиваме дното и ќе бидеме дел од една севкупна општествена деградација во која ќе страда и јазикот како нераскинлив дел од целокупното општествено и културно живеење на еден народ.