Македонија во минатиот век во спортот беше препознатлива по двајцата врвни мечувалци Александар Анастасов и Кирил Ристевски, кои освоија девет шампионски титули во Југославија. Тие беа инспирација за младите мечувалци, меѓу кои беше и подоцнежниот шампион и репрезентативец Зоран Стојановиќ

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (308) Зоран Стојановиќ (1)

Ако во некој спорт во својата средина имаш вистински шампиони, нема да биде никакво изненадување ако во спортот во кој се прославиле подоцна се вклучат многу момчиња и девојки, со желба и тие да станат шампиони или барем приближно да ги постигнуваат резултатите на оние што всушност биле нивна инспирација да зачекорат на спортските патеки. Таков е примерот и со македонскиот мечувалечки тандем Александар Анастасов и Кирил Ристевски. Тие со своите резултати се искачија на самиот врв и станаа спортисти кон кои сите гледаа со почит. Во годините по скопскиот земјотрес од 1963 година, двајцата предводени од големиот педагог, инаку своевремено мечувалечки првак Владимир Шуманов, на пријатно изненадување на спортската јавност во Македонија неколку години доминираа на југословенската мечувалечка сцена. Тоа малку ги збуни љубителите на спортот, кои по нивните први успеси се прашува од каде сега, покрај неколкуте многу попопуларни спортови, токму во мечувањето во нашата средина да се родат двајца големи шампиони. И навистина беше малку чудно, зашто многумина и не знаеја оти мечувањето воопшто се негува како спорт на овие наши простори.
Но, со време, кога споменатата двојка почна да постигнува врвни резултати, а стигна и до југословенските титули, веќе немаше дилема оти се случува нешто навистина квалитетно во „анонимниот“ спорт. Велам анонимниот зашто, да повторам, мал беше бројот на оние што знаеја оти поранешниот шампион Владимир Шуманов, без голема помпа и без многу да се експонира, во една мала скопска сала, со нерамен патос и штици што штрчеа на сите страни, почна да создава мечувалечки шампиони. Тоа и се случи, па на поранешните југословенски простори на големо почна да се зборува за подемот и квалитетното издигнување на мечувањето во Македонија, благодарение токму на двата големи аса Анастасов и Ристевски.

Магијата на мечувањето

Од тие моменти, кога со сабјата, мечот или со флоретот, двајцата ќе постигнеа некој голем резултат, тоа се коментираше и сите љубители на спортот им се восхитуваа, а нормално очекуваа Анастасов и Ристевски и во иднина да продолжат да нижат успеси. И навистина се случи тоа, па овој тандем не само што стана доминантен на просторите на поранешната држава туку нивните имиња често беа спомнувани не само во македонската туку и во југословенската јавност. Со еден збор, тие станаа магнет и за оние што уште се немаа определено со кој спорт да се занимаваат, да се вклучат токму во мечувањето. Еден од оние што во вистинска смисла на зборот тргнаа по нивните стапки, со желба што побрзо да ги откријат вештините на мечувањето, беше подоцнежниот шампион Зоран Стојановиќ.
– Анастасов и Ристевски ни беа предводници на сите што се вклучувавме во овој спорт. Секој од нас мечтаеше да се вивне барем приближно до оние височини до кои стигнаа тие. А тие двајцата, само за потсетување, освоија дури девет поединечни шампионски титули во поранешна Југославија, од кои пет му припаднаа на Анастасов, а четири на Ристевски. Токму тоа беше она што ме импресионира, па и кај мене веќе длабоко беше навлезена „магијата“ на мечувањето. Едноставно, овој спорт ме освои. Почнав да тренирам со голем ентузијазам, со ист онаков со каков што во работата и тренинзите влегуваше нашиот учител, незаборавниот и скромен човек Владимир Шуманов. Ми се чини оти токму тој има голема заслуга не само за мојот подем туку за сите млади мечувалци што во тие 60-ти години од минатиот век се зачленуваа во МК Работнички. Но, морам да кажам оти голема заслуга што првпат влегов во салата за мечување има една српска глумица, на чие име не можам да се сетам, а која едно време престојуваше во Скопје на снимање на некој филм. Прво кон неа гледав само како на глумица, но подоцна кај неа открив и нешто друго. Имено, речиси секогаш по снимањето, со спортска торба се упатуваше кон салата. Откако еден ден забележа како постојано загледувам во салата да видам што се случува внатре, таа ми рече: Ајде влези со мене, па ќе видиш колку убав спорт е мечувањето. Ја послушав, влегов во салата и веќе не излегов – вели Стојановиќ.

Прва натпреварувачка возбуда

Кон крајот на 60-тите години имаше еден вистински наплив на млади мечувалци, машки и женски, меѓу кои имаше многу таленти.
– Интересно е оти тренерот Шуманов имаше остро око и тој веднаш можеше да оцени кој е талент за овој спорт, а кој не е. Така, тој правеше една брза селекција и групата на оние поталентирани мечувалци, меѓу кои бев и јас, почна секојдневно да тренира и да ги совладува прво основните, а потоа и покомплицираните елементи од мечувалскиот спорт. Кога веќе се најдов во групата на поквалитетни почетници, не сакав да ја испуштам шансата и затоа бев многу дисциплиниран и редовен на тренинзите. Тоа Шуманов го респектираше и со посебно внимание работеше со мене. Тоа, пак, од друга страна, уште повеќе ме „потпалуваше“ и секогаш со нетрпение ги очекував тренинзите. Потоа едвај го чекав и моментот кога и јас ќе се појавам на сцената и ќе влезам во дуелите со противниците. Конечно дојде и тој момент. По неколкуте настапи во конкуренција на македонските мечувалци, оние од помладите категории, еден ден бев изненаден кога Шуманов ми рече да се подготвам оти ќе настапам на државното младинско првенство во Зрењанин. Тоа кај мене предизвика голема возбуда и не можев да поверувам оти дојде времето и јас, кој уште бев млад и неискусен, да ги бранам боите на Работнички на едно првенство на Југославија – вели Стојановиќ.

Елиминиран во Зрењанин, блесок во Скопје

Работнички, како клуб на Железницата, за разлика од другите, ја имаше привилегијата да може бесплатно (со гратис-билети) да патува со воз и да оди на сите натпревари низ поранешната држава.
– Навистина билетите ни беа бесплатни, но моравме да се возиме само со втора класа. Се случуваше понекогаш цела екипа, на пример како на ова патување во Зрењанин, дури деветмина да се стуткаме во едно купе со дрвени клупи. Но тоа не ни пречеше, дури ни беше и интересно. За нас беше важно да стигнеме до местото на одржувањето на натпреварот. Така, моето прво позначајно патување беше во Зрењанин, каде што како младинец се натпреварував во флорет со многу поискусни мечувалци, кои зад себе имаа и завидни кариери. Се чувствував малку невообичаено. Уште кога влегов во салата и кога првпат видов како изгледа една вистинска мечувалска арена, со сите неопходни реквизите, бев збунет, дури почувствував и трема од амбиентот. Таму првпат се соочив и со електричното регистрирање на поените. Сето тоа, барем за мене, беше нешто ново, па се прашував како ќе се снајдам на овие нови услови за натпревар. Стартот не ми беше најуспешен, испаднав уште во првото коло, но тоа не ме обесхрабри. Напротив, ме стимулира со уште поголем елан да тренирам и, кога ќе дојде денот, да им покажам на моите противници кој сум и што сум. Тој ден конечно дојде и на првенството на Југославија во април 1971 година, во Скопје, во истата конкуренција, но овој пат во дисциплината меч, го освоив четвртото место. Овој пласман беше оценет како голем успех и мислам дека беше изненадувачки за сите. Дури и самиот не можев да поверувам како стигнав толку високо. Како награда за високиот пласман од организаторите добив една слика со мотив од Скопје – се сеќава Стојановиќ.
Оттука тргнуваат вистинското докажување и подемот на следбеникот на тандемот Анастасов-Ристевски, тогаш младинецот Зоран Стојановиќ. Она вистинското допрва требаше да дојде, зашто настапот во Скопје не само што го охрабри туку придонесе магијата на мечувањето уште повеќе да заживее во него. Во годините што следуваа тој резултатски ги стигна дотогаш неприкосновените шампиони Анастасов и Ристевски. Стојановиќ три години како младинец и 17 години како сениор настапуваше за поранешната држава и имаше импресивна кариера, во која дури 12 пати беше државен шампион во меч и во флорет, во поединечна и во екипна конкуренција.
За тоа како течеше понатаму неговата кариера, како натпреварувач, а паралелно со тоа и како тренер, ќе читате идната недела.


Зоран Стојановиќ

Роден: во 1956 година во Тетово
Кариера: Мечувалечки клуб Работнички, репрезентација на Македонија и поранешна Југославија
Успеси: 12 пати сениорски првак на поранешна Југославија во меч и во флорет во поединечна и во екипна конкуренција, први места на Средбата на солидарноста и на турнирот во Истанбул, неколку втори и трети места на меѓународните турнири, учесник на четири светски првенства, во Лозана, Лион, Софија и во Будимпешта, и Европско првенство во Австрија, настапи на 13 балканијади и освои осум медали (пет сребрени и три бронзени), двапати по осамостојувањето на Македонија беше национален првак, а во 2017 година во Киавара, Италија, беше трет на Европското првенство за ветерани
Функционер: Претседател на Мечувалечката федерација на Македонија, генерален секретар, потоа и претседател на Сојузот на спортовите на Скопје, осум години со мандат за уште четири години член на УО на МОК