Француската брза железничка мрежа е погодена од вандалски дејствија и поради тоа е нарушен транспортниот систем. Нападите со предизвикани пожари врз голем дел од француската брза железничка мрежа се координирани акти на „саботажа“, изјави за француски медиуми извор близок до истрагата.
Нападите биле „очигледно координирани“, рече изворот откако железничкиот оператор објави дека биле жртва на „напад од големи размери за парализирање на мрежата Те-же-ве (TGV)“.
Железничкиот оператор Ес-ен-си-еф (SNCF) соопшти утрово дека поради вандалските напади е нарушен транспортниот систем. Соопштението е објавено само неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз.
Според нив, многу рути ќе мора да бидат откажани и ситуацијата ќе трае „барем цел викенд додека се вршат поправките“.