Човештвото е жртва на „екстремна топлотна епидемија“, предупреди денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повикувајќи на мерки за ограничување на влијанието на топлотните бранови кои се зголемуваат поради климатските промени.
– Ако има едно нешто што го обединува нашиот поделен свет, тоа е што станува се потопол … Милијарди луѓе се соочуваат со епидемија на екстремни горештини, изложени на топлотни бранови кои се сè поубиствени, со температури кои надминуваат 50 степени Целзиусови – изјави Гутереш.
Според европската мрежа Коперникус, 21, 22 и 24 јули оваа година биле најтоплите денови досега регистрирани во светот.
– Осакатувачка топлина е насекаде. Милијарди луѓе ширум светот венеат под сè посилните топлотни бранови предизвикани главно од климатската криза предизвикана од фосилни горива. Повеќе од 70 отсто од глобалната работна сила – 2,4 милијарди луѓе – сега се изложени на висок ризик од екстремни горештини. Најпогодени се најранливите заедници – се вели во повикот за акција на Гутереш објавен од ОН.
Како одговор на брзиот пораст на обемот, интензитетот, зачестеноста и времетраењето на екстремните горештини, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска повика на итни и заеднички напори за зајакнување на меѓународната соработка за справување со екстремните горештини во четири критични области: Грижа за ранливите, заштита на работниците, зголемување на отпорноста на економиите и општествата со користење на податоци и наука, ограничување на порастот на температурата на 1,5 степен Целзиусов со постепено укинување на фосилните горива и зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија.