Минатиот јуни Франција официјално воведе забрана за домашни летови на кратки релации во обид да ги намали емисиите на јаглерод диоксид. За тоа многу се разговараше, но сепак одлуката е во сила нешто повеќе од една година. Дали забраната за домашни летови во Франција ги намали емисиите? Пред да биде воведена забраната, француската генерална дирекција за цивилно воздухопловство процени дека новата регулатива може да намали до 55.000 тони емисии – само 2,6 отсто од вкупните емисии од домашните летови во Франција годишно. Наизглед минималниот ефект на мерката врз намалувањето на емисиите на стакленички гасови беше основата на жалбата на Унијата на француски аеродроми против законот претходно оваа година, во која се тврди дека станува збор за „злоупотреба на овластувањата“. Жалбата ја загубија со пресудата на Државниот совет.
Меѓутоа, повеќе од една година по нејзиното воведување, сè уште нема официјални бројки за намалувањето на емисиите постигнати директно преку забраната. Единствените информации што ги имаат, според францускиот менаџер за воздухопловство на непрофитната организација „Транспорт и животна средина“, Жером ду Буше, се однесуваат на вкупните емисии од домашните летови минатата година. Во 2023 година тие се намалени за 3,4 отсто во однос на 2022 година, додека на меѓународно ниво овие емисии се зголемени.
– Тоа всушност е илустрација дека домашните летови во Франција генерално се намалени, а забраната за летови на кратки релации придонесува за тоа. Во која пропорција? Тешко е да се каже – објаснува тој.
Забраната ќе важи најмалку три години, по што француската влада ќе ги разгледа своите перформанси пред да преземе дополнителни чекори. За законот и неговата имплементација многу се дебатира во Франција, особено на темата дали навистина вреди да се користат овие летови. Неодамнешното национално истражување на авионскиот сообраќај спроведе анкета за тоа што би направиле доколку патувањата со авион не се достапни. На прашањето, 41 процент од испитаниците изјавиле дека ќе користат друг начин на транспорт.