Македонскиот амбасадор во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски е повикан назад на консултации и врз основа на тие консултации и на ревизија ќе се донесе крајната одлука за неговиот понатамошен ангажман. Овој процес ќе трае најмалку уште еден месец. Секој ден добивам преглед на работата на нашите дипломатски конзуларни претставништва и во голема мера сум разочаран од тоа што се прави. Нема да има толеранција за неработење и за злоупотреба, посочи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Тој вечерва во гостувањето на Канал 5, во врска со повикувањето на Фрчкоски на консултации, рече дека врз основа на ревизија која што веќе е отпочната во рамките на Министерството за надворешни работи ќе се одлучи која крајна одлука ќе се донесе за неговиот понатамошен ангажман во мисијата.
-Јас не би сакал со јавноста да споделувам конкретни информации без да биде завршена внатрешна процедура. Тоа се индиции, но ќе ви кажам дека бев навистина загрижен во делот на финансиско материјалното работење на тоа дипломатско конзуларно претставништво и во делот на дипломатското работење. Не може да се случува да има сериозни докази за недостаток на финансиски средства. Не може ниту еден претставник на државата да ги надминува ограничувањата кои што му се поставени во делот на тоа како се користат финансиските средства и тоа правило како за тој амбасадор, ќе важи и за сите други амбасадори кои што државата ги има – рече Муцунски.
Тој напомена дека она што му било презентирано е застрашувачки. Тоа се, како што подвлече, „индиции кои што сигнализираа сериозни негативни тенденции“.
-Недостаток на илјадници долари, евра, милиони денари не е идеологија, туку е ноторен факт. Од фактите не можеме да бегаме, а јас на крајот на денот доколку не го заштитам јавниот имот, и јас би бил подложен на понатамошна потенцијална одговорност – додаде Муцунски.
Муцунски посочи и дека амбасадорот Весел Мемеди од Рим е вратен на консултации заради сомнение за несоодветно дипломатско постапување.
-Сега разгледуваме како ќе се решава и тоа прашање, бидејќи тука имаме сериозно пречекорување на овластувањето на дипломатско конзуларното преставништво. Имав ситуација во последните денови каде што од страна на министер за надворешни работи, мој колега од земја членка на ЕУ, бев лично информиран за несоодветно постапување. И тоа ќе го истражиме и ќе оцениме во следните денови дали и тој амбасадор исто така треба да биде вратен на консулатации – рече Муцунски.
Тој напомена дека се што било запоставено во последните години ќе биде ставено во ред и дека ќе има дипломати надвор од државата кои ќе работат за промоција на нашите интереси.
-Не е амбасада присутна во друга земја за да ми пренесува вести и информации кои можам сам од мојот мобилен телефон да ги добијам. Тие имаат обврска да имаат политички контакти, да привлекуваат инвестиции, но тоа што било запоставено во последните години јас ги уверувам граѓаните дека ќе биде ставено во ред, дека ќе имаат дипломати надвор од државата кои што ќе работат за промоција на нивните интереси, наместо на пример да користат службени картици за претплата на Нетфликс. Тоа веќе нема да го има во МНР – додаде Муцунски.
Како што посочи, сите недостатоци во функционирањето на дипломатска конзуларната мрежа ќе се надмине со воспоставување на еден тим на искусни луѓе во рамките на структурата на Министерството.
Во врска со повикувањето и на македонскиот амбасар во Тирана Данчо Марковски, Муцунски рече дека амбасадорот се соочил со крајна незаинтересираност од домашните институции. Како што посочи, Марковски ќе биде вратен во Тирана да го дозаврши својот мандат.
-Со амбасадорот Марковски имав подолг разговор, но истовремено направивме и анализа на тоа што тој го правел и за што го информирал МНР. Морам да констатирам дека амбасадорот Марковски се соочил со една крајна незаинтересираност од домашните институции и тоа не само од МНР, но и други институции кои што не работеле совесно, бидејќи еден амбасадор за ваков тип на прашања има ограничување до каде може да работи и да функционира без да добие инструкција од МНР. Најголемиот проблем бил во Скопје, односно немало никаков интерес да се пристапи кон решавање на очигледен проблем кој што постоел во државата, за кој што објективна вина не наоѓам кај Република Албанија – рече Муцунски.
Тој додаде дека кај Албанија има вина во однос на некои недоследности, но како што рече, објективната вина била тука во Скопје.