Фото: ЕПА

Составот од 24 репрезентации воведен за изданието на шампионатот во 2016 година го зголеми бројот на селекции што се натпреваруваат на највисоко ниво, а се одржа нивото на конкурентност, пишува УЕФА

Шпанија, Франција, Англија и Холандија се пласираа во полуфиналето на фудбалското Европско првенство (ЕП) во Германија, но мораа да се борат напорно за да напредуваат, возбудливите натпревари во осминафиналето и во четврт-финалето следуваа по исклучително конкурентна групна фаза, од која дебитантот Грузија се пласира во осминафиналето, Словенија, исто така, првпат стигна до нокаут-фаза, а Романија се врати првпат од 2000 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Овие резултати илустрираат како составот од 24 репрезентации воведен за изданието на шампионатот во 2016 година го зголеми бројот на селекции што се натпреваруваат на највисоко ниво, а се одржа нивото на конкурентност, пишува УЕФА. Во 2016 година Велс стигна до полуфиналето, уште еден дебитант, Исланд до четврт-финалето, а Данска беше полуфиналист на ЕП 2020.

Можноста за третопласираните репрезентации да настапат во осминафиналето значи дека повеќе селекции имаат за што да играат во текот на целиот период. На ЕП 2020 и годинава по 23 од 24-те репрезентации имаа за што да играат во нивните последни натпревари во групната фаза.

Натпреварите на ЕП 2024 беа неверојатно тесни, што е пример за растечката конкурентност на турнирот. Просечната разлика за победа на ЕП 2024 е само 1,08 гол, најниска од изданието со осум репрезентации во 1992 година и значително помала од просечната разлика од 1,39 за победа забележана на ЕП 2008, пишува УЕФА. Ова не е само резултат на тесните нокаут-натпревари, бидејќи просечната разлика на победа на крајот од групната фаза беше 1,03 гол. Сите 24 репрезентации освоија најмалку по еден бод, а просечната разлика во бодови помеѓу првата и четвртата селекција во групите беше 4,5 поени, најниска од ЕП 1996, првото европско првенство на кое играа 16 репрезентации. Н.М.


Првпат меѓу четирите најдобри се селекции од сите три места во групите

Откако на европските првенства (ЕП) во фудбал настапуваат 24 репрезентации, од 2016 година, првпат во полуфиналето се селекции што освоиле некое од првите три места во своите групи, кои носеа пласман во осминафиналето. Шпанија и Англија се претставници на првопласираните, Франција на второпласираните, а Холандија на третопласираните репрезентации. На ЕП 2016 полуфиналист беше Португалија, која беше трета во својата група, а меѓу четирите најдобри се најдоа и Франција, Германија и Велс, кои беа први во своите групи. На минатото ЕП, одиграно во 2021 година, во полуфиналето настапија по две репрезентации од првите (Италија и Англија) и од вторите позиции (Данска и Шпанија) во групната фаза. Н.М.