Збогум за славниот писател Исмаил Кадаре
Познатиот албански писател Исмаил Кадаре почина на 1 јули од срцев удар, во болница во Тирана, на 88-годишна возраст. Кадаре е роден во Ѓирокастро, на 28 јануари 1936 година. Бил академик, политичар, поранешен пратеник на Народното собрание (1970-1982), потпретседател на Демократскиот фронт и еден од најголемите современи писатели. Пишуваше главно проза, но неговиот придонес се прошири и на драматургијата, поезијата и преводите.
Започнал да пишува уште кога бил млад, прво поезија, со која станал познат, а потоа проза, станувајќи главен албански прозаист. Неговите дела се преведени на околу 45 различни јазици, со што е главен претставник на албанската литература низ светот. Во 1958 година дипломирал на Катедрата за јазик и книжевност на Универзитетот во Тирана, за да продолжи две години во Москва на Институтот за светска книжевност „Максим Горки“ (1958-1960). Кадаре е еден од најголемите писатели на албанската литература и наедно еден од најголемите писатели на современата светска литература.
Со своето дело, кое бележи рекорден број преводи (на над 45 странски јазици), тој ја направил Албанија позната на светот со својата вековна историја и култура. Патот на книжевното творештво како поет го започнал во средношколските години со „Момчешки инспирации“ (1954) и „Соништа“, (1957). Поетското творештво на Исмаил Кадаре се издвојува по своите длабоки идеи и по својата богата и оригинална слика; важна улога за збогатувањето на албанската поезија. Тој е еден од најбрилијантните современи писатели, неколкупати номиниран за Нобеловата награда за литература. Најпознато негово дело е „Генералот на мртвата војска“. Во есента 1990 година Исмаил Кадаре решил да ја напушти Албанија и да остане во Париз. Писателот во тоа време ваквото заминување го оправдувал со „недостигот на демократски промени“. Во 1996 година Кадаре стана постојан член на Академијата за морални и политички науки во Франција. Во последните години тој, заедно со сопругата Елена, живееше на релацијата Франција – Албанија.
Исмаил Кадаре е лауреат на многу национални и меѓународни книжевни награди. Кадаре бил дописен член на Француската академија за морални и политички науки и надворешен член на АШАК. Бил делегат на Правописниот конгрес (1972). Во 2005 година ја добил наградата „Букер“, Исмаил Кадаре е одликуван од Претседателот на Република Албанија со орденот „Чест на нацијата“ и од француската држава со ордените на честа „Крстот на легијата“ и „Офицер на легијата на честа“. Во 2012 година му беше доделена големата шпанска награда „Принцот од Астурија за литература“, една од најпрестижните книжевни награди во светот. В.Д.
Добитник на македонската награда „Прозарт“
На Кадаре во 2020 година во Скопје му беше доделена наградата „Прозарт“ на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, за придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин поради пандемијата, на лауреатот наградата му беше врачена во неговиот дом во Париз. Одборот на наградата го сочинуваа: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови. Со писмено обраќање, Кадаре тогаш изрази благодарност за признанието.
– Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата поради моменталната пандемија, но се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно. Се разбира дека ми е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и почестен сум што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела можеби првично ме сметаат за албански писател, и тоа е доста разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор што истражува извесни настани во историјата што не се важни само за Балканскиот Регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак. Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и слично. Го кажувам сево ова за да нагласам дека наградата што ја слави литературата на Балканот е особено добредојдено признание од истакнати литературни творци и горд сум што можам да дадам придонес – порача тој.
Треба да се покаже дека е можно пријателство меѓу балканските народи
„Албанците ги китат два прекрасни амблеми што докажуваат дека тие не се само такви какви што честопати ги претставуваат. Тоа се Мајка Тереза и Скендербег. Албанците мораат својот хуманизам да ѝ го спротивстават на пропагандата, дека, наводно, се див народ. Поради тоа, наше е да се држиме до доброто и вистината. Таквото дејствување е важно и за новиот систем на вредностите на Балканот. Треба да се покаже дека е можно пријателство меѓу балканските народи. Веќе стана модерно кога станува збор за рацсепување на народите да се споменуваат Балканците. Мора да се противиме на тоа. Мораме да работиме на промена на таквиот имиџ. И на тоа треба да работиме заедно. Па, сепак сите сме во иста куќа, на Балканскиот Полуостров.“
Исмаил Кадаре