Во просториите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), попладнево се одржа координативна средба за потпорниот ѕид и подземните води на улица „Белградска“, близу Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Министерството за здравство во наредниот период ќе го решава проблемот со оградата, а град Скопје и општина Центар ќе имаат координативна средба деновиве за решавање на проблемот со подземните води.
– Имавме координативна средба каде го разгледавме прашањето за потпорниот ѕид и подземните води на улица „Белградска“, во близина на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. На состанокот, прашањето се разгледа сеопфатно, како и долгорочно решение и краткорочно акутно решение што би можеле да понудиме како систем во државата. Долгорочно, проблемот е многу посериозен и поголем. Станува збор за целосно зафаќање на подземните води од Водно зашто дел од каналската мрежа е изградена во педесеттите години на минатиот век, е уништена, затрпана, а дел се одржува, целосно одржување на тој систем во моментов не може да се рече дека имаме, поради што потребно е реконструкција и целосно нова изградба на нов систем – изјави државниот советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи, Драги Тарчуговски.
Долгорочно решение што, додаде тој, би требало да трае со години, можеби и цела деценија.
– Но, тоа е државен проблем што ќе се решава во иднина. Што може да направиме акутно и веднаш? Поправката на оградата што е во надлежност на Министерството за здравство, бидејќи таа е само ограда за еден објект, односно за универзитетските клиники. Тоа ќе се реши во наредниот период од страна на Министерството за здравство. Може да се бара акутно решение, итно и на подземните води што се веќе површински води на улицата „Белградска“ и нивно решавање, тоа значи дека ќе се разгледа прашањето меѓу Град Скопје и Општина Центар – рече Тарчуговски.
Тој очекува наредните денови да се одржи координативна средба само меѓу Град Скопје и Општина Центар и да се види што е тоа што може да се направи, како итно решение за решавање на овој проблем.
– Каптирањето на вода е сериозен проблем, меѓутоа финансиска конструкција, дали тоа се мери со милиони денари или со милиони евра, не би можел јас да одговорам. За тоа треба да има една поголема студија. Ако зборуваме за сеопфатно решение за целокупната каналска мрежа, тоа е сигурно повеќе десетина милиони евра, сепак тоа е апроксимативно, треба стручните служби, изработувачи на проекти, тоа да го кажат бидејќи цената е само еден сегмент во заштитата на животот и здравјето на луѓето и материјалните добра. Ако станува збор само за улица „Белградска“, од улица „Водњанска“ до Инфективна клиника, бидејќи тоа е релативно мала должина, не повеќе од километар, ами помалку, тогаш не станува збор за некои енормни високи суми. Но, сепак, е во значителен дел на буџетот на Градот и на Општината – одговори Тарчуговски на новинарско прашање околу финансиите.
Тој информираше дека до нив, немало барање од граѓани за еднонасочност на улицата. Одговарајќи на прашање, посочи дека не верува оти ѕидот ќе се поправа за три дена. Според него, ќе се поправа наредниот период, можеби цело лето.