Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ

Првпат во тој норвешки град се играше турнир за шахистки, а победи Ју Венјун од Кина
Поранешниот светски првак Магнус Карлсен (2.830 рејтинг-поени) од Норвешка и актуелната светска првенка Ју Венјун (2.559) од Кина триумфираа на силните шаховски турнири во норвешкиот град Ставангер. Во конкуренција на по шест шахисти во обете конкуренции, по 10 кола (секој со секого по двапати), Карлсен освои 17,5, а Венјун 19 поени.
Победа во класична партија носеше три поени, пораз нула поени, потоа 1,5 поен за реми во класична и победа во дополнителна забрзана, армагедон-партија (10 минути за играчот со бели фигури, седум минути за играчот со црни фигури, но со реми добива тој со црни), а реми во класичен и пораз во забрзан шах, еден поен.
За најдобриот шахист на денешницата ова беше шести триумф на турнирот во Норвешка (тој победи и во 2016, 2019, 2020, 2021 и во 2022 година) и огромен успех, оти миленикот на домашната публика немаше одиграно многу класични турнири. Втор е Хикару Накамура (рејтинг 2.794) од САД со 14,5 поени, а трет е Алиреза Фирузја (2.747) од Франција.
Кај шахистките Венјун славеше во последното коло против својата последна предизвикувачка за светска шампионка Леи Тингџие. Со оваа победа, таа влезе во историјата, оти стана прва победничка воопшто на овој турнир во Норвешка. Втора е Украинката Ана Музичук (2.505) со 16 поени, а трета Индијката Ваишали Рамешбабу (2.548) со 14,5 поени.
Резултати 10. коло, мажи: Карлсен – Каруана 1,5-1, Рамешбабу – Накамура 1,5-1, Лирен – Фирузја 1,5 поени. Табела: Карлсен 17,5, Накамура 14,5, Фирузја 13,5, Рамешабу 13, Каруана 11,5, Лирен 7 бода.
Резултати 10. коло, жени: Рамешбабу – Крамлинг 1-1,5, Музичук – Конеру 1,5-1, Венјун – Тингџие 3-0. Табела: Венјун 19, Музичук 16, Тингџие 14,5, Рамешбабу 12,5, Конеру 10, Крамлинг 8 бода. Г.И.