Универзитетски професори, книжевни истражувачи, преведувачи, лингвисти, студенти, уметници и високи претставници на македонската заедница во Србија беа дел од вечерта посветена на современата македонска книжевност во Ниш, на која се промовираа две капитални дела објавени оваа година во Србија што се однесуваат на современата македонска проза и поезија. И двете книги се дело на Данијела Костадиновиќ.
– Костадиновиќ се обврза, со многу љубов, и професионално, со висока стручност да ја гради српската, а особено нишката македонистика. Таа продолжува да чекори по патот што го трасираше Мирољуб Стојановиќ на Универзитетот во Ниш. И околу 40 години таа македонистика својот топол дом го има на Филозофскиот факултет во Ниш – истакна Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Промовирајќи ја научната монографија на Костадиновиќ, „Каде што дрвјата умираат: магичниот реализам на Живко Чинго“, објавена оваа година, како нејзин рецензент, Мојсова-Чепишевска нагласи дека преку неа, Костадиновиќ се потврдува како одличен познавач на широк спектар теоретска литература од различни области – теории на литературата, фолклористика, историја на религијата, антропологија, психоанализа.
– Оваа книга претставува значаен придонес во откривањето на постојаниот дијалог меѓу фолклорните традиции и современото/модерно раскажување. Ова е книга од која ќе учат и македонските и српските студенти. Љубителите на српската и на македонската книжевност ќе ја читаат оваа книга за великиот Чинго и неговата поетика и преку неа ќе спознаат суштински важни елементи на македонската раскажувачка проза – рече Мојсова-Чепишевска.
За монографијата посветена на магичниот реализам на Чинго се осврна и Данијела Поповиќ-Николиќ од Филозофскиот факултет во Ниш.
Вториот дел на настанот беше посветен на книгата на Ацо Шопов, „Дрво на ридот“, што во препев на Костадиновиќ, годинава за првпат беше објавена и на српски јазик. Наедно, ова е прво издание во кое одделно, интегрално, оваа книга на Шопов се објавува во препев. За неа, промотивна реч одржа рецензентот на изданието, Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, кој се осврна на комплексноста на поетското творештво на Шопов за превод и на целогодишната посветеност на Костадиновиќ на овој преведувачки потфат.
– Објавување на првиот квалитетен превод на една од најважните книги на автор класик е многу важен чин за секоја национална книжевност. Меѓу таквите важни објави, кога станува збор за македонската современа книжевност, припаѓа и ова издание. Езерото на животот на Ацо Шопов сега бранува и во препев на српски јазик, со нови читања – истакна Антоновски.
Покрај книжевната вечер, македонските и српските колеги од двата универзитетски центри разменија идеи и договорија конкретни чекори за натамошно продлабочување на соработката.