Централниот бек на Мотор, Аиденас Маласинскас, третпат сезонава воодушеви со својата несебична тимска игра и со девет гола, па со право се најде во изборот на најдобриот ракометен тим на 9-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ). Со својата трета номинација за најдобар централен бек, Литванецот се изедначи по бројот на номинирања со десниот бек на Киелце, Алекс Душебаев, и пикерот на Левен, Јаник Колбахар, кои во досегашниот тек од сезоната, исто така, по трипати беа избрани во тимот на колото во ЛШ.
Второ коло по ред улогата најдобро десно крило е 18-годишниот Валтер Кринц од Кристијанстад. Во претходното коло со осум гола беше лидер во победата над Веспрем, а овој пат со својот осми гол од мртов агол на три секунди до крајот на мечот, ја запечати победата над европскиот првак Монпелје. Првпат сезонава место во најдобриот тим на колото во ЛШ добија левото крило на Сегед, Стефан Сигурмансон, левиот бек на Барселона, Жилберто Дуарте, десниот бек на Вардар, Даинис Кристопанс, пикерот на ПСЖ, Хенрик Тофт Хансен, и голманот на Веспрем, Роланд Миклер.