Откако неодамнешните студии го утврдија присуството на нанопластични и микропластични честички во респираторните системи на популацијата на луѓето и на птиците, една нова студија моделираше што се случува кога луѓето вдишуваат различни видови пластични честички и каде завршуваат.
Предводен од вишиот предавач по машинско инженерство д-р Суваш Саха, истражувачкиот тим на Универзитетот за технологија во Сиднеј (УТС) користеше пресметковна динамика на честички на течност за да ги проучува трансферот и таложењето на нанопластични и микропластични честички со различни големини и форми во зависност од стапката на дишење.
Резултатите од моделирањето, објавени во списанието „Енвајрамент адвенсес“, посочија жаришта во човечкиот респираторен систем во кое пластичните честички може да се акумулираат, од носната празнина и гркланот до белите дробови. Трудот е насловен „Транспорт и таложење микропластика и нанопластика во човечкиот респираторен тракт“.
Д-р Саха рече дека се зголемуваат доказите за значајното влијание на нанопластиката и микропластиката врз респираторното здравје и студијата на УТС ќе обезбеди суштински увиди за развој на насочени стратегии за ублажување на потенцијалните ризици и за обезбедување ефективни здравствени интервенции.
– Експерименталните докази силно сугерираат дека овие пластични честички ја засилуваат човечката подложност на спектар на белодробни нарушувања, вклучувајќи и хронична опструктивна белодробна болест, фиброза, диспнеја (отежнато дишење), астма и формирање на она што се нарекува јазли од матирано стакло – рече Саха.
Според студијата:
– Загадувањето на воздухот со пластични честички е продорно, а вдишувањето е рангирано како втор најверојатен пат за изложување на луѓето.
– Примарните типови се намерно произведени, вклучувајќи широк спектар на козметика и производи за лична нега, како што е паста за заби.
– Секундарните се фрагменти добиени од деградација на поголеми пластични производи, како што се шишиња со вода, пластични садови за храна и облека.
– Екстензивните истражувања го идентификуваа синтетичкиот текстил како главен извор на пластични честички во воздухот во затворен простор, додека надворешната средина претставува мноштво извори што опфаќаат контаминирани аеросоли од океанот до честички што потекнуваат од третман на отпадни води.
Д-р Саха рече дека моделирањето на тимот на УТС открило дека стапката на дишење заедно со големината и обликот на честичките одредува каде во респираторниот систем ќе се таложат пластични честички.
– Побрзите стапки на дишење доведоа до зголемено таложење во горниот респираторен тракт, особено за поголеми микропластики, додека побавното дишење го олеснува подлабокото продирање и таложење на помали нанопластични честички. Обликот на честичките е уште еден фактор, со несферични микропластични честички што покажуваат склоност за подлабока пенетрација во белите дробови во споредба со сферичната микропластика и нанопластиката, што потенцијално води до различни здравствени исходи – вели Д-р Саха.
Овие наоди го нагласуваат императивното разгледување на стапките на дишење и големината на честичките во процените на здравствениот ризик поврзани со респираторната изложеност на нанопластични и микропластични честички.