Дедо Иљо Малешевски

„Нашиот свет лав ’ржи преку нашите македонски гори и долини и нѐ повикува сите да земеме оружје. Каде и да сте, побрзајте заедно со нашите оружја во нашите раце да ги спасиме тие невини жртви од ова валкано и зајадливо понижување. Сетете се дека нашите татковци ја пролеаја својата крв за грчката и српската слобода. Сетете се на настаните од претходната година и ќе видиме дека крвта од нашите… сè уште стои на алексинаскиот и шипченскиот премин, чија крв тие не ја штедеа за нашата слобода… Македонци! Сега е време да ги убедиме нашите образовани предавници дека Македонија дури и по пет века ропство може да раѓа и да има во себе синови, херои! Малешевски Планини“

ПОВОД: 202 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ЛЕГЕНДА ДЕДО ИЉО МАЛЕШЕВСКИ (1)

Македонија има голем број херои, но една од најголемите македонски легенди е Дедо Иљо Малешевски, познат и како Иљо Војвода. Во услови кога македонскиот народ нема своја држава, Иљо Малешевски како ајдутин се пројавува како заштитник на народот и предвесник на македонскиот револуционерен дух за слобода, а како војвода и учесник во Македонското (Кресненско) востание е претходник на македонските великани како што се Гоце Делчев и Даме Груев. Бидејќи ликот и делото на Дедо Иљо Малешевски имаат извонредно значење за македонската слобода и државност, весникот „Нова Македонија“ во две продолженија пишува за неговиот живот, но и придонесот за македонската современост.

Денеска, 28 мај, се одбележуваат 202 години од раѓањето на Илија Марков, познат како Дедо Иљо Малешевски или Иљо Војвода, кој останува запаметен како македонски ајдутски војвода, но и предвесник на македонскиот револуционерен дух за слобода. Поради својот слободарски дух во средината на 19 век се одметнал и создал ајдутска дружина со која дејствувал во источниот дел на Македонија, најчесто во родниот крај Малешевијата. Како поборник на идејата за ослободување на балканските народи од османлиската власт во 1859 година преминал во Србија. Во борбите помеѓу Србите и Османлиите во 1862 година предводел повеќемина македонски доброволци познати како Иљовата легија или Македонски одред. Учествувал со македонски доброволци во Српско-турската војна во составот на Руско-македонскиот баталјон. Бил тешко ранет и се лекувал во Србија, а потоа заминал во Романија. Со македонски доброволци (ополченци) се борел и во Руско-турската војна во ослободувањето на Бугарија. Се истакнал во борбите на Шипка. По ослободувањето на Ќустендил, со 150 македонски доброволци се одвоил од руската армија и учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Со своја чета од 200 до 300 востаници учествувал во Македонското (Кресненското) востание.

Потекло

Иљо Марков потекнува од Малешево, познато како Малеш, Малешевија и сл. Малешево е затворена планинска котлина во горниот тек на реката Брегалница. На исток се наоѓа планината Кадилица, која ја одделува Малешевската Котлина од долината Струма. На југ се издига Плачковица, која е висока 1.754 м. Малешево со околните планини создало добри услови за дејствување на ајдутите. Пошумените планини биле добро засолниште за ајдутите. Според Ј.Џ. Васиљевиќ, семејството на Иљо му припаѓало на родот Мутракинови, кои се викале Кализовци и Маркови. П. Хитов истакнува дека таткото на Иљо се викал Марко, а по него се нарекол Марков. В. Стојанов го именувал како Иљо Марков. Во документите од 60-тите години на 19 век е именуван како капетан Иљо, а потоа како Дедо Иљо. Се сретнува и како Кара Иљо, Иљо Малешевски и сл.
Во постарата литература како датум на раѓање на Иљо Малешевски е наведена 1805 година, меѓутоа во 1867 година Васил Д. Стојанов запишал дека таа година Иљо имал 45 години, од што произлегува дека е роден во 1822 година. Според Ј. Х. Васиљевиќ, Иљо во 1865 година имал најмногу 50 години, односно роден е во 1815 година. Во конзуларните извештаи од 1860-1862 година се наведува дека Иљо имал една ќерка од околу 10 години и два малолетни сина од 5 до 8 години. Од овој податок може да се заклучи дека Иљо веќе околу 12-15 години бил оженет. Во едно писмо на неговата жена Стојанка-Цона, напишано околу 1860 година, која исто така потекнувала од Берово, пишува дека таа се омажила пред 11 години, односно околу 1849 година.

Одметнување

Пред одметнувањето, Иљо се занимавал со земјоделство и други општи работи во Берово и низ Македонија. Во зима и напролет тој по малешевските и околните села организирал аргати и аргатки и како нивни предводник во летото ги водел на работа по големите чифлици во Скопското и Серското Поле. Уште во тој период, Иљо бил шетан човек, познавал повеќе луѓе и се научил и свикнал да предводи луѓе, да се расправа со османлиските бегови и да се пресметува со разбојниците. Иако бил неписмен, оставал впечаток на просветен човек. Бил великодушен, полн, широкограден и јак, средно восок, со јуначко тело. Според еден негов современик, Иљо имал „долги црни коси, црн мустаќ, испечено лице, орлов нос, долгунесто лице, јасно и убаво чело и големи црни очи, мил поглед“.
Постојат повеќе верзии за годината и причините за одметнувањето на Иљо. Според една од верзиите, Иљо пред да стане ајдутин, при спасувањето на својата сестра од потурчување, убил еден од Турците и се засолнил во Рилскиот манастир, каде што станал чувар на манастирските имоти. Две години по враќањето на Иљо од Рилскиот манастир, некои од беровските Турци и беровскиот буљукбашија Габо Парамун решиле да се пресметаат со него затоа што сметале дека тој ги извршил сите убиства на Турците и сите палежи во Берово.
Во Берово се раскажувало дека неговиот постар брат Станко бил скаран со еден Турчин, поради некоја нерасчистена сметка од собирањето на десетокот, кој тие заедно го вршеле. Според писмото на Цона, судирот настанал поради тоа што кога Иљо побарал од бајрактарот Мехемед да му ги плати трите оки масло што му ги дал Иљо на вересија, тој се налутил и решил да го убие. Односно не една, туку повеќе причини биле поттик Турците да ги нападнат Иљо и неговиот брат Станко на нивата каде што работеле, кај местото Селце. Во текот на нападот Станко бил смртно ранет, а Иљо во десната рака. Станко пред да умре успеал да убие еден од напаѓачите. Судирот се пренел во колибата изградена во нивата, каде што Иљо го заклал буљукбашијата Габа, а убил и двајца сејмени, по што успеал да избега ранет. По овој настан Иљо станал ајдутин.
Повеќето автори што пишувале за животот на овој македонски ајдутин се согласуваат дека убиството на неговиот брат е причината за неговото одметнување, меѓутоа во историската литература се сретнуваат различни години. Најверојатно одметнувањето на Иљо се случило по неговата женидба со Цона. Таа во едно писмо истакнува дека: „Пред 11 години го зедов за стопан Илија Марков и родив со него три деца (Никола, Јован и една девојка). Кога дојде лани Зејнел-паша во Ќустендил… мене со трите деца ме пратија во Ќустендил во затворот, каде што седам една година и просиме да се храниме со децата“.
Според рускиот конзул Н. Геров, Зејнел-паша го посетил Ќустендил во 1859 година. Оттука произлегува дека Иљо се оженил со Цона во 1849 година и една година подоцна се одметнал. Ликвидирањето на Турците од страна на Иљо имало голем одглас кај народот. Кај него пристигнувале повеќе луѓе за да станат ајдути или да побараат помош.

Ајдутски војвода

Од многубројните незадоволни луѓе, Иљо избрал 15 лица и ја формирал својата ајдучка дружина со свое знаме, кое имало сива боја. Прв негов бајрактар бил Стојмен, кој се истакнал со својата храброст и доследност. Како последен негов бајрактар се спомнува Ценко Грленецот. Иљо имал и сопствен печат со натписот: капетан Иљо Марков.
Меѓутоа не е позната годината од која го користел овој печат. За другите соборци на Иљо многу малку се знае. Тој три-четири пати формирал нова дружина, но познати се имињата на ајдутите од неговата прва дружина. Во неa влегувале: Стоимен, Мито Заго, Ѓорѓи Голчо, Ѓорѓи Попчев, Станко Парата, Димитрија, Стојко, Ѓорѓи, Шестопрст, Чангуљ, Демир и др. Како пријатели на Иљо се споменуваат: Ристе од Разловци, Димитрија (Демир) од Русиново, Ѓорѓи Ајката и др. Од сите овие, десетмина се од Берово. Оттука во народните песни се пее дека: идат ајдути, ајдути беровци.
Во литературата може да се сретне дека во дружината на Иљо имало и Турци, а според некои автори, Иљо за да му даде општонароден карактер на бунтот и за да ги чува христијаните од нападите на муслиманите, на некои од своите ајдути им дал турски имиња или прекари: Димитар – Демир, Атанас – Џафер, Димо, Димитрија – Ченгул, Ристе – Џабире и слично.

Поради својата храброст бил награден со српскиот орден „Таковски“

Во 1860 година Иљо со својата чета се префрлил во Србија, каде што нашол погодна почва дејствување. Кнезот Михајло Обреновиќ Трети од Србија направил центар на востаничката и националната активност на Балканот. Во 1861 година се вклучил во Првата бугарска легија и станал помошник на Георги Раковски при воената подготовка на Легијата. На 3 јуни 1862 година, на Чукур чешма дошло до инцидент помеѓу турското и српското население, а Османлиите го бомбардирале Белград. Во борбите, Иљо Војвода се истакнал со својата храброст и му било доверено знамето на Легијата.
По растурањето на Легијата од српската влада, Иљо со дел од своите ајдути заминал за Крагуевац. Кога османлиските власти разбрале за неговото учество во борбите во Белград, повторно го уапсиле неговото семејство и го затвориле во Скопје. Неговото семејство било посетено од бугарскиот просветен деец Најден Геров, кој им помогнал. По две години престој во Крагуевац, Иљо се вратил во Белград, каде што бил награден од Михајло Обреновиќ Трети со орден и титула, а му била доделена и пензија од 150 динари. Активно учествувал со чета од 300 луѓе, заедно со своите синови Никола и Иван, во Српско-турската војна од 1876-1878 година.
На крајот на војната, во селото Демиград во големите борби помеѓу Србите и Османлиите, Иљо бил тешко ранет. Како последица од ранувањето, му биле извадени две ребра и останал инвалид со десната рака. За покажаната храброст во војната бил награден со српскиот орден за храброст „Таковски“. Д.Ст.

(продолжува)