Водечкиот автор на студијата рече дека резултатите покажуваат дека лекот треба рутински да се пропишува за лекување кардиоваскуларни болести

Инјекцијата за слабеење би можела да го намали ризикот од срцев удар и да го подобри кардиоваскуларното здравје за милиони луѓе во Велика Британија, според истражувањето што би можело да биде најголем медицински напредок по статините (лекови за намалување на нивото на холестерол во крвта).
Една нова студија покажа дека учесниците што земале лек семаглутид, активната состојка во брендовите како „вегови“ и „оземпик“, имале 20 отсто помал ризик од срцев и мозочен удар или смрт од кардиоваскуларни болести.
Истражувањето, претставено на Европскиот конгрес за дебелина и предводено од истражувачи од Универзитетскиот колеџ во Лондон, исто така откри дека семаглутидот произведува кардиоваскуларни придобивки за неговите учесници, без оглед на нивната почетна тежина или количеството на изгубена тежина. Тоа сугерира дека луѓето што се малку дебели или што изгубиле само малку тежина може да имаат подобрени кардиоваскуларни исходи.
Проф. Џон Динфилд, директор на Националниот институт за истражување на резултатите од кардиоваскуларни заболувања и главен автор на студијата, рече дека резултатите покажале дека лекот треба рутински да се пропишува за лекување кардиоваскуларни болести и дека милиони луѓе во Велика Британија би можеле да го земаат лекот во следните неколку години.
– Овој фантастичен лек навистина ја менува играта. Ова истражување сугерира дека постојат потенцијални алтернативни механизми за подобрување на кардиоваскуларните исходи со семаглутид покрај губење на тежината… Јасно е дека нешто друго се случува што има корист за кардиоваскуларниот систем – рече Динфилд.

Одлична студија

Студијата опфатила 17.604 лица на возраст од 45 години и постари, со индекс на телесна маса поголем од 27, од 41 земја. На учесниците, кои исто така имале претходен кардиоваскуларен настан како што е срцев удар, им била дадена пропишана неделна доза од 2,5 мг семаглутид или плацебо во просечен период од 40 месеци.
Од 8.803 пациенти во групата на семаглутиди, 569 (6,5 отсто) доживеале примарен кардиоваскуларен настан како што е срцев удар, во споредба со 701 (8 отсто) од 8.801 пациенти во плацебо-групата.
Семаглутид под трговското име „вегови“ се пропишува во САД за губење на тежината од 2023 година.
Динфилд рече дека во 1990-тите статините – лекови што го намалуваат нивото на холестерол – се сметаа за медицински напредок што е револуционерен во третманот на кардиолошката пракса и додаде дека семаглутидот може да се смета за слично револуционерен во подобрувањето на кардиоваскуларното здравје.

Можни заштеди

Проф. Џејсон Халфорд, претседател на Европската асоцијација за проучување на дебелината, рече дека бидејќи може да се види дека лекот го подобрува кардиоваскуларното здравје, би било економски корисно да се пропишува помасовно.
– Мислам дека во следните десет години ќе видиме радикална промена во пристапот до здравствената заштита. Кога трошоците ќе се намалат, заштедите за здравствениот систем ќе бидат значителни – вели Џејсон.
Според Британската фондација за срце, околу 7,6 милиони луѓе во Велика Британија живеат со болести на срцето или крвните садови.
Друга студија базирана на истото клиничко испитување покажа дека учесниците на кои им пропишале семаглутид изгубиле во просек 10,2 отсто од нивната телесна тежина и 7,7 см во половината во период од четири години, додека во плацебо-групата изгубила 1,5 отсто од својата телесна тежина и 1,3 см во половината.
Посебна студија што ги истражува новите инјекции за слабеење покажа дека тие може да бидат значително поефикасни од оние што се веќе достапни на пазарот. „Ретатрутид“, неделна инјекција, дејствува така што го потиснува апетитот и исто така му помага на телото да согорува повеќе маснотии, според клиничкото испитување од втората фаза.

Испитувањето на 338 дебели учесници покажа дека учесниците изгубиле 24 отсто од својата телесна тежина во период од 48 недели. Истражувачите велат дека е поефективен за слабеење од „оземпик“ или „вегови“, кои дејствуваат само со потиснување на апетитот.
– Пред пет или десет години не можевме да замислиме лекови што ќе предизвикаат ваков вид на губење на тежината. Испитувањето сугерира дека „ретатрутид“ сè уште не го достигнал својот врв, така што најверојатно ќе резултира со понатамошно губење на тежината, ако го дадеме овој лек уште подолго, мислам дека тоа може да доведе до губење дури на 30 отсто од телесната тежина – подвлекува проф. Навид Сатар од Универзитетот во Глазгов, кој работел на испитувања на други третмани за слабеење.