Неочекуваната промена на временските услови и наглите варијации на температурата во текот на денот претставуваат вистински тест за нашиот физиолошки и имунолошки систем, бидејќи организмот се обидува да се приспособи на новите услови на надворешната средина. За време на оваа адаптација телото може да се соочи со нагли промени во здравствената состојба
Три годишни времиња во еден ден
Наутро судено, преку ден исклучително топло, навечер повторно ниски температури, а повремено дожд… Вакви нагли временски промени има веќе подолг временски период, по релативно топлата зима. Промени, според прогнозите, ќе има и во наредниот период, а тие не им пречат само на метереопатите. Драматичните менувања на временските услови создаваат физички и психолошки проблеми кај многумина, кои бараат помош, најчесто кај своите матични лекари.
– Наглите временски промени негативно влијаат врз здравјето на пациентите, особено кај хронично болните. Се интензивираат болките кај оние со ревматолошки заболувања, па неопходен е и дополнителен третман со аналгетици. Доаѓаат пациенти со изнемоштеност, главоболки, повраќање, се следи пад на крвниот притисок, даваме супституциона рехидратациона терапија, течности и витамини. Кај хронично болните пациенти исто така се среќаваат и варијации во крвниот притисок, односно покачени вредности на крвен притисок и ординираме дополнителна антихипертензивна терапија – вели д-р Христина Стојчевска, матична лекарка.
Неочекуваната промена на временските услови и наглите варијации на температурата во текот на денот претставуваат вистински тест за нашиот физиолошки и имунолошки систем, бидејќи организмот се обидува да се приспособи на новите услови на надворешната средина, објаснува д-р Емилија Христовска, специјалистка по медицина на труд во „Ре-медика“.
– За време на оваа адаптација телото може да се соочи со нагли промени во здравствената состојба и влошување на основните хронични заболувања. Најчести промени со кои се соочуваме при нагли промени на временските услови се нагла појава на инфекции на респираторниот тракт, предизвикани од одредени бактерии и вируси, зачестена појава на настинки, појава на сезонски алергии, егзацербација на астма и хроничен бронхитис, зголемен ризик од инфекција на синусите, како и други респираторни заболувања – објаснува д-р Христовска.
Болките во зглобовите и мускулите се многу честа појава со која се соочуваме при нагли промени на временските услови, а тоа, како што објаснува нашата соговорничка, се должи на наглите промени на атмосферскиот притисок или влажноста на воздухот. Намалениот воздушен притисок што го опкружува телото може да им овозможи на мускулите, тетивите и другите ткива околу зглобовите да се прошират.
– Ова може да изврши притисок врз зглобовите и нервите и да предизвикува реакција – вели докторката.
Таа објаснува дека ефектите врз кардиоваскуларниот систем се особено значајни. Поради наглите варијации на атмосферскиот притисок, температурата и влажноста на воздухот доаѓа до физиолошка адаптација на организмот. На неа лицата што се на редовна терапија за срцеви и кардиоваскуларни болести треба да се приспособат за краток временски период, а тоа може да резултира со нагло влошување на здравствената состојба и зголемен ризик од појава на срцев и мозочен удар.
– Можеме да кажеме дека луѓето што страдаат од мигрена и честа појава на главоболки најмногу ќе ги почувствуваат наглите промени на временските услови. Барометрискиот притисок или тежината на воздухот се намалува кога времето е влажно и се зголемува кога е суво. Кога барометрискиот притисок се менува, може да создаде притисок помеѓу синусите што резултира со хемиски дисбаланс, односно нерамнотежа во мозочните невротрансмитери, вклучувајќи и серотонин и да резултира со појава на главоболка или мигрена – вели докторката.
Таа додава дека голем број студии направени за проучување на ефектите на временските услови врз ментално здравје на луѓето покажале дека при нагли промени на временските услови зголемена е зачестеноста на стресот, кој е поврзан со зголемена стапка на: анксиозни нарушувања, посттрауматско стресно нарушување (ПТСН), депресија и суицидни идеи.
Докторите потсетуваат на потребата за здрава исхрана, соодветна физичка активност и редовен сон. Н.Б.З.