Полицијата има полни раце во работа во ЕУ, а според извештајот на Европол, криминалот и натаму се шири / Фото: ЕПА

Без да навлегува во детали, како што се името и бројот на криминалните групи, Европол наведува дека во земјите што ја сочинувале Југославија има неколку групи, кои претежно се поделени по национална линија. Сепак, иако членовите на групите се национално хомогени, нивната деловна ориентација е јасно меѓународна. Специфичноста на овие балкански банди, се наведува, се состои во тоа што преку корупција успеале да создадат многу добри врски во земјите од Јужна Америка и дека со силно присуство во пристаништата и компаниите за прекуокеански транспорт успеале да воспостават контрола во текот на целиот процес на шверц на кокаин во Европа

Групен портрет на европското подземје

Криминалот поврзан со дрога, тешки убиства и разни тешки кривични дела полека но сигурно станува секојдневие на Балканот. Криминалот во балканските земји е само дел од многу поголема загатка што се шири низ Европа, според неодамна објавениот извештај на Европол. Во извештајот заснован на разузнавачките податоци на сите земји членки, Европол изброи вкупно 821 организирана криминална група што дејствуваат на територијата на земјите од Европската Унија, со вкупно над 25.000 члена. Тие се справуваат со секаков вид криминал што може да се замисли, а не постои агол на континентот што е „исчистен“ од нивното присуство.

Преку корупција успеале да создадат многу добри врски

Без да навлегува во детали, како што се името и бројот на криминалните групи, Европол наведува дека во земјите што ја сочинувале Југославија има неколку групи, кои претежно се поделени по национална линија. Сепак, иако членовите на групите се национално хомогени, нивната деловна ориентација е јасно меѓународна. Специфичноста на овие балкански банди, се наведува, се состои во тоа што преку корупција успеале да создадат многу добри врски во земјите од Јужна Америка и дека со силно присуство во пристаништата и компаниите за прекуокеански транспорт успеале да воспостават контрола во текот на целиот процес на шверц на кокаин во Европа. Овие групи, се додава, се крајно насилни, а најчесто причина за тоа насилство се проблеми во прометот на стоки или борба за удел на пазарот.

Колапс на државата – подем на организираниот криминал

Криминологот Добривоје Радовановиќ зборува нешто повеќе на оваа тема за белградскиот неделник НИН, каде што посочува дека подемот на организираниот криминал во регионот се случил паралелно со процесот на распаѓање на заедничката држава.
– Државната безбедност е директно одговорна за раѓањето на организираниот криминал во Србија, која на почетокот на 1990-тите ги покани сите криминалци да се вратат во земјата и во нивно име да извршуваат задачи што државата не смеела да ги прави поради воведените санкции. Овие работни места беа исклучително профитабилни, како за криминалците така и за нивните политички покровители, создавајќи суперорганизиран криминал на овие простори – посочува Радовановиќ.
Спротивно на општоприфатеното верување за специфичноста на Балканскиот Регион, кога станува збор за организираниот криминал, сликата е сосема недвосмислена на ниво на цела Европа. Во сите земји постојат организирани групи што се занимаваат со различни видови криминал. Набројувајќи ги криминалните групи, кои како и балканските имаат национална кохезија, на прво место се издвојува италијанската мафија, која е активна во 45 различни земји. Во оваа групација најпознати се семејствата од групата Ндрангета, кои првенствено се занимаваат со трговија со наркотици, оружје и измами. Главниот приход на оваа група е и прекуокеанскиот шверц на кокаин од Јужна Америка. Романската мафија е специјализирана за кражби на возила, кражби и трговија со луѓе за сексуална експлоатација, додека полската мафија својот приход го остварува првенствено со продажба на канабис и синтетички дроги.
Две третини од организираните криминални групи, сепак, се составени од членови од повеќе националности. Овде се издвојуваат групите што оперираат во Белгија и Холандија, а кои всушност се предводени од луѓе со турско и мароканско потекло. Тие главно шверцуваат кокаин и канабис. Во повеќето земји од Источна Европа има меѓуетнички криминални групи, а главно ги водат украински или полски државјани. Балтичките криминалци се карактеризираат со блиска соработка меѓу себе, но и со руското подземје.

Нема организиран криминал без поврзаност со државата

Од сите банди, половината беа специјализирани за трговија со наркотици, најмногу кокаин. Другата половина се фокусираше на измами, кражби, трговија со луѓе и шверцување мигранти. Опишувајќи ги нивните основни карактеристики, Европол наведува дека овие групи се агилни и многу приспособливи на надворешните околности и дека комбинираат флексибилност во организирањето со отпор кон кривично гонење, користејќи ја корупцијата како метод. Речиси сите групи (86 отсто од нив) користат легални деловни структури за да го камуфлираат својот реален бизнис и да ги перат приходите од криминалот. Најчесто инвестираат во градежната индустрија, угостителските или логистичките компании. Колку се издржливи, покажува податокот дека една третина од криминалните организации постојат повеќе од десет години.
Добривоје Радовановиќ посочува дека не постои држава што може да го искорени организираниот криминал.
– Но тие можат да го држат под контрола со ефективен правосуден систем. Можно е да се контролира криминалот доколку имате независно судство, независно обвинителство и полиција под контрола на такво обвинителство. Доколку во такви околности има строги санкции за учество во криминални активности и законска можност за незаконски стекнат имот, тогаш може да се зборува за објективни услови за борба против организираниот криминал – вели Радовановиќ.
Сепак, додава тој, организираниот криминал никогаш не може да се искорени.
– Криминалот користи два многу добри аргумента – сила и пари. Но, пред сѐ, речиси сите истражувачи се согласуваат – не постои организиран криминал без поврзаност со самата држава – заклучува тој.