„Ноќва виното, во крвта ми е, / црвено вино, црвени знамиња, / црвено вино, црвени знамиња, / пред очите на сигурно“ – пееше „Меморија“. Честитајќи го празникот Први мај – меѓународниот ден на трудот, на сите работници во Македонија, ве повикувам одлучно да кажеме не за сите што го негираат македонството. Но, ова треба да биде аманет и за идната власт: таа треба одлучно да се спротивстави на негирањето на македонството, однадвор и одвнатре. До 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Елементарна алгебра покажува дека во 2018 г. нашата земја беше именуваа како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис сето тоа беше избришано
Први мај 1890 година. Во говорот по повод првото одбележување на Први мај, Еленор Маркс (ќерката на Маркс) ќе рече: „Не смееме да бидеме како некои христијани кои грешат шест дена и одат во црква седмиот ден, туку мораме секојдневно да зборуваме за каузата и да ги натераме сите, мажите, но особено жените, да се приклучат и да ни помогнат“, завршувајќи со стиховите: „Станете како лавови после сон / Во неприкосновен број /… / Вие сте многу – тие се малку“.
Македонија се распаѓа, се разнебитува по сите основи и шевови: во секоја институција, катадневно, а ние, Македонците, сме неми набљудувачи и сведоци на дивеењето на денешнава власт. Изминатиов месец Македонската академија на науките и уметностите е изложена на невиден притисок, однадвор и одвнатре, од македонските немакедонци само затоа што се бори за македонството. Синтагмата македонски немакедонци означува Македонци што исклучиво од лукративни причини, вешто сокриени зад изговорот „европска иднина“, се за промена на Уставот. Бугарската заедница не треба никогаш да се внесе во Преамбулата на нашиот Устав. Сум пишувал, пишувале и други (Трајче Стојанов), но, сепак, не е на одмет да повторам. Албанското малцинство беше блиску бројката 20 проценти, дозволивме или ни наметнаа лажирање (неофицијални ставови на многу политички елити), па станаа повеќе од 20 проценти, потоа „го добија“ Уставот – станаа дел од албанскиот народ, што всушност значи државотворен народ. Патеката за бугарското малцинство ќе има обратен редослед: прво ќе „го добијат“ Уставот, со вклучување на синтагмата „дел од бугарскиот народ“, потоа со невидена жестина, притисок и поткупување ќе дојдат до бројката 20 проценти, па ќе станат и тие државотворен народ. Така, Македонија ќе стане пример за учебници – парадоксална држава: иако државата Бугарија го негира постоењето на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, државата Македонија, којашто би требала да се грижи за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик, всушност, дозволува, ако се промени Уставот, бугарскиот народ да стане државотворен народ во Македонија!
Професорот Стојанов многу попластично го опишува овој процес: „И сите вие што денес од партиска позиција го браните Договорот со Бугарија, за да си ги одбраните бедните функции, раководните места и ситните привилегии, први ќе зажалите за тоа. Затоа што немојте да мислите дека, откако ќе го добијат Уставот, во процесот на ‘правење на бројката’ Бугари, тие, новоосвестените македонски Бугари, ќе ве остават вие да бидете министри, началници, судии или директори!? Ааа, не, не, обаче, како децениски ‘обесправени’, тие, новите Б’лгари, како ‘малцинство’, ќе бидат министри, началници, судии, директори, ректори, а вие – нивни измеќари. Впрочем, еднаш го гледавме тој филм, зарем не!? То ест актуелен ни е, ни се развива пред носот, а по изборите уште повеќе ќе ни разјасни!“
Што се однесува на Македонија, мене друга јанѕа ме јаде, чувство на неспокој: дали некогаш во Македонија и, ако да, кога ќе има соживот меѓу нејзините граѓани? Што се подразбира под терминот соживот? Денес во Македонија постојат две разделени општества, па затоа државата се распаѓа. Слоганот „Македонија – едно општество и едно семејство за сите, сите се граѓани од прв ред“ се трансформира во неговата спротивност: две разделени општества. Приказната за Вавилон, можеби, е најдобрата метафора за денешна Македонија – една држава со две (паралелни) општества: две општества опстојуваат на иста територија со различни верзии на Уставот, со различно владеење, со различна економија, со различен однос спрема сопствената држава, со различна отчетност, различен поглед на иднината, накусо, фрагментацијата ad absurdum.
Македонци, ние мораме секојдневно да зборуваме за македонската кауза, со единствена цел повторно да ги придобиеме нашите вистински пријатели – во 2018 година тие беа повеќе од шест милијарди граѓани на планетата Земја – тогаш, во 2018, не бевме сами, денес нив ги нема, денес, всушност, ние сме изолирани – оставени на ветрометина да нѐ понижуваат и навредуваат сите, дури и одвнатре!
Граѓаните со коишто би требало да градиме соживот порачуваат дека тие ќе градат соживот со нас само ако го внесеме бугарското малцинство во Уставот. Македонија нема проблем со бугарското малцинство, туку со државата Бугарија и со некои нејзини институции. Од нас се бара, за да започнат преговорите со ЕУ, ние да се декларираме за немакедонци, всушност, ние, Македонците, да се самоуништиме. Дали ако Македонија стане граѓанска држава, сите граѓани на Македонија ќе бидат навистина космополити – граѓани на светот? Или? Дали тогаш сите народни што живеат во Македонија се државотворни? Дали граѓанскиот карактер на Уставот, всушност, имплицира дека нема потреба од границата 20 проценти? Денес Македонците се борат, по срамните договори со Грција и со Бугарија и прифаќањето на Преговарачката рамка, за елементарни човекови права: македонски идентитет, македонски јазик, македонска историја, да кажат дека во Македонија живеат граѓани од македонско етничко потекло. Оттука, Македонците, всушност, се борат за придавката македонска, македонски, македонско!!! Ако другите граѓани на Македонија не нѐ поддржат во ова, дали тие, всушност, не сакаат соживот со нас?
Денешниве властодршци, во однос на македонскиот јазик, безобѕирно лажат и манипулираат – исклучиво од лукративни причини, па затоа повторно ќе слушнете/прочитате: „македонскиот јазик го зацементиравме… го потпишавме првиот европски документ со македонски јазик“. Да не се залажуваме: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ тогаш кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа нема да се случи на денот кога ќе започнат пристапните преговори, тоа нема да се случи ниту на денот кога ќе се потпише Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку на денот кога сите членки на ЕУ ќе го ратификуваат Договорот за пристапување. Така, Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ ќе треба да се ратификува во Собранието на Република Бугарија. А што мислите кога ќе се случи тоа? Според сегашните ставови на Република Бугарија, тогаш кога ќе потврдиме дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, дека македонскиот јазик е вештачка, комунистичка творба, што постои од 1945 година, или, со други зборови, тогаш кога ќе се согласиме дека Македонците се Бугари или македонски Бугари, а името Македонци доаѓа од тоа што тие живеат на територијата Македонија, инаку, всушност, тие се Бугари. Опцијата што ја застапуваат тековните властодршци е Македонија без Македонците.
Македонци, ве повикувам масовно да гласате не претстојните избори, при што, според моето мислење, заокружете го кој било друг број, само не бројот што ги определува тековните властодршци. Недвосмислено сите во Македонија се за европска Македонија, но само некои политички партии се за Македонија со Македонци.
„Ноќва виното, во крвта ми е, / црвено вино, црвени знамиња, / црвено вино, црвени знамиња, / пред очите на сигурно“ – пееше „Меморија“. Честитајќи го празникот Први мај – меѓународниот ден на трудот, на сите работници во Македонија, ве повикувам одлучно да кажеме не за сите што го негираат македонството. Но, ова треба да биде аманет и за идната власт: таа треба одлучно да се спротивстави на негирањето на македонството, однадвор и одвнатре. До 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Елементарна алгебра покажува дека во 2018 г. нашата земја беше именуваа како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис сето тоа беше избришано.
Македонци, парафразирајќи ја Еленор Маркс, ние мораме секојдневно да зборуваме за македонската кауза, со единствена цел повторно да ги придобиеме нашите вистински пријатели – во 2018 година тие беа повеќе од шест милијарди граѓани на планетата Земја – тогаш, во 2018, не бевме сами, денес нив ги нема, денес, всушност, ние сме изолирани – оставени на ветрометина да нѐ понижуваат и навредуваат сите, дури и одвнатре!