Куртановиќ, кој освои многу трофеи на татамите, остана верен на каратето. Тој со својот брат Самир го формира карате-клубот „Кеикс“ и откако ја заврши кариерата продолжи да работи како тренер

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (296) Елвир Куртановиќ (2)

По осамостојувањето на Македонија, во првите години од последната декада од минатиот век, Елвир Куртановиќ беше нашиот најекспониран каратист. Тој уште како младо момче почна да се качува на пиедесталот, за најголемиот успех да го постигне во конкуренција на млади сениори, кога на Европското првенство во Кардиф (Велс) во 1993 година го освои златниот медал. Ова беше почеток на една убава и богата кариера и сигнал оти во Македонија никнуваат млади каратисти со еднакви квалитети како нивните врсници од другите земји. Елвир и сите оние млади таленти од неговото време, всушност ја продолжија традицијата што почнаа да ја градат нивните претходници уште кон крајот на 60-тите години, па сѐ до распадот на поранешната држава. Многумина од нив ги бранеа боите на Југославија и имаа завидни резултати на државните првенства.
– Уште како кадет и младинец настапував на првенствата на Југославија, а во годината кога дефинитивно се распадна поранешната држава станав нејзин првак во категоријата младинци. Првото место ми гарантираше учество на Европското младинско првенство, но до тоа не дојде зашто државата, а со тоа и репрезентацијата не постоеше. Ете, таква ми беше судбината, но не се разочарав зашто Карате-федерацијата на Македонија многу брзо стана полноправна членка на светската асоцијација, па така, јас и моите другари имавме дури и поголеми можности, настапувајќи под знамето на нашата држава да учествуваме на сите светски приредби – се сеќава Куртановиќ.

Европски студентски првак

Елвир Куртановиќ својата меѓународна репутација ја доби во 1993 година, кога во конкуренција на помлади сениори ја освои титулата на Европското првенство во Кардиф. Ова беше убав почеток за младиот каратист, кој и во следните години со несмалено темпо продолжи со своите успешни настапи на татамите.
– Две години подоцна станав и европски студентски првак. На шампионатот што се одржа во Бањска Бистрица, во Словачка, во 1995 година, бев најдобар во својата категорија и го освоив второто злато од големите приредби. Мора да се истакне оти ова првенство беше речиси на исто рамниште како сениорското Европско првенство, зашто сите бевме студенти. Јас успеав да се искачам на највисокото место на пиедесталот, со што потврдив оти она остварување од пред две години не беше случајно – вели Куртановиќ.
Со две титули од две значајни првенства Куртановиќ стана каратист кон кого сите гледаа со респект. Неговото име често беше споменувано во светот на каратето и тој, особено на големите приредби, не беше посакуван противник за ривалите.
– Во мојата кариера освоив многу први места на турнирите, кои некогаш по квалитет беа на нивото на европските првенства. Но секако тие имаа помала тежина од оние на официјално најголемите меѓународни приредби. Јас сум презадоволен и од сребрените медали од европските првенства во вадо рју што се одржа во Париз во 1996 година и од среброто освоено следната година на ЕП во Луксембург. Сите тие пласмани потврдуваа оти во последната декада од минатиот век сум припаѓал на европскиот, а со тоа и на светскиот крем. – вели Куртановиќ. Во поново време малку се под забораваат овие резултати, но не треба да биде така. Асовите од минатото треба секогаш и во секое време да ја имаат достојната почит.

Учесник на три светски првенства

Настапите на првенствата на Македонија, кои се одржуваа секоја година откако нашата земја стана независна држава, беа особено привлечни за сите каратисти. Причината беше едноставна, тие ја отвораа вратата на победниците да учествуваат на европските и на светските првенства. Со оглед на квалитетите со кои располагаше Куртановиќ, за него не беше проблем во домашна конкуренција да триумфира. Затоа, како шампион на Македонија зачестија неговите настапи на светските и на европските првенства. Така, покрај онаа партиципација на ЕП на кои освојуваше медали, не изостанаа и учествата на Елвир на светските првенства. Така, на пример, тој во еден краток период кон средината од 90-тите години учествуваше на три светски првенства, што за наши услови претставува импресивна бројка.
– Првпат на СП настапив во шпанската Гранада. Иако претходно имав учества и медали од ЕП, како и од ЕП за студенти, сепак, светските првенства беа нешто друго, со поинаков шмек. Тука, конкуренцијата беше многу посилна и тешко можеше да се дојде до челните места. Сепак, бев задоволен што во Гранада стигнав до втората фаза од натпреварите и на крајот се најдов на делба од осмото до 16. место. Второто светско првенство на кое учествував беше во Котакинабаулу во Малезија, во 1996 година. И таму го остварив истиот пласман, зашто, да бидам објективен, во конкуренција на каратистите од Азија и од Америка, па и од Африка и немав сили за повисок пласман. Ситуацијата, што се однесува барем до мојот пласман не се промени, па и на третото, последно СП на кое учествував, во Сан Сити во Јужна Африка, го делев од осмото до 16. место. За жал, на СП не можев да се пласирам погоре со оглед на големата конкуренција што владееше, а која ја наметнуваа каратистите од Азија, особено од Јапонија – вели Куртановиќ.
Без оглед на тоа што не успеа да избори повисок пласман, сепак, останува фактот оти Куртановиќ е еден од ретките македонски спортисти што имал толку многу учества на светските и на европските првенства, што е уште еден показател за неговите квалитети.

Со братот Самир продолжуваат во каратето

Очигледно, откако заврши со активниот натпреварувачки дел од кариерата, Елвир не можеше без каратето. Затоа, во договор со својот брат Самир го формираа карате клубот „Кеикс“, кој е еден од најдобрите во Македонија.
– Не можев да се разделам толку лесно од спортот, кој ја исполнуваше не само мојата младост туку и мојот живот. Затоа решив со поддршка на мојот брат Самир да формираме клуб во кој ќе ги обучуваме младите и ќе создаваме нови шампиони, кои ќе ја пронесуваат славата на македонското карате низ светот. Таква е нашата визија, кон која се стремиме и која беше причина да го формираме клубот. Како што јас во младоста не го трошев залудно времето, истото тоа им го порачувам и на сегашниве млади генерации, правилно да се насочат и да се занимаваат со нешто корисно. А зарем има нешто поубаво од тоа да се занимаваат со некој од спортовите и да се радуваат на сопствените успеси? Сметам дека ова е исправно размислување, стекнато од лично искуство – вели Елвир.
Елвир Куртановиќ импресионира со својата стабилност, што е всушност одлика и на сите оние што се занимаваат со каратето. Ова е спорт што бара самодисциплина, а истовремено придонесува младиот човек правилно да се развива и да ги исполнува сите обврски што ги бара современиот живот.
– Поради сите овие аспекти формиравме клуб во кој членуваат млади и здрави личности на кои би се потпирала иднината на нашата држава – вели легендарниот карате-шампион Елвир Куртановиќ.
Тука би ја завршил приказната за Елвир Куртановиќ, кој со своите врвни резултати зазема легендарно место, не само во каратето туку воопшто во македонската спортска историја. Тој беше прв, откако Македонија стана самостојна и независна држава, што ѝ подари златен медал од Европското првенство во 1993 година. Медалот дојде во вистински час, кога ни беше потребна афирмација на сите полиња, за да покажеме оти сме народ со свои квалитети и вредности.