Владината зграда вечерва беше осветлена во портокалова боја по повод 25 Ноември – меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.
– Владата на Република Македонија цврсто стои зад заложбата за нулта толеранција спрема секоја форма на насилство врз жените и девојките. Неодамна ја ратификувавме Истанбулската Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, а минатиот месец го усвоивме Акцискиот план 2018-2020 за спроведување на конвенцијата. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кое се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички да ставиме крај на истото – беше наведено на фејсбук-профилот на премиерот Зоран Заев.
„Слушни ме и мене“’ е годинашното мото на Меѓународниот ден, а кампањата „16 дена активизам” која се одржува во светски рамки, почнува денеска и ќе трае до 10 декември. Целта е да се поттикне свесноста на заедницата и индивидуалниот придонес во борбата против насилството врз жените и девојките.
Портокаловата боја на кампањата ја симболизира светлата иднина без насилство врз жените.