Служењето воен рок е на дневен ред во богатиот свет
Легната на стомак во каллива холандска шума, Сабрина ван ден Гурберг пука со ќор-фишеци од автоматска пушка „колт Ц7“. Студентката по медицина од трета година учествува во Диенјаар (година на служба), нова програма што им овозможува на младите Холанѓани да се пријават на едногодишно проба во вооружените сили, наместо на редовниот четиригодишен мандат. Програмата е успешна, привлекувајќи по тројца кандидати за секое место, а владата планира да ја зголеми од 625 на 1.000 специјализанти следната година.
Сепак, тешко дека ова може да почне да ги решава проблемите со регрутирањето во земјата. Холандските вооружени сили имаат 49.000 лица, помалку од една петтина од нивната големина за време на Студената војна, а една од десет позиции е празна. Минатата година редовното запишување донесе само 3.600 од очекуваните 5.000 нови војници. Ова се случува во момент кога, во услови на најголемата војна на континентот од 1945 година, многу европски земји всушност сакаат да ги прошират своите вооружени сили, а не само да ги задржат. Германија се надева дека до 2030 година ќе ја зголеми својата војска од 182.000 на 203.000, а Франција од 240.000 на 275.000. Полска планира од 197.000 да стигне до 220.000 до крајот на годинава и на крајот до 300.000.
Проблемот е што денешните индивидуалистички млади луѓе ориентирани кон кариера не сакаат да се приклучат. И не е само Европа таа што се бори со регрутирање. Во конфликтните жаришта во светот и околу нив прашањето како да се натераат повеќе луѓе во униформа е од витално значење. Некои земји размислуваат за старо решение: задолжителен воен рок за млади (или млади мажи), често за оние што го напуштаат училиштето. Терминологијата варира. Регрутирањето вообичаено значи принудување на цивилите да се пријават во вооружените сили, додека воената служба често се однесува на подгрупа од тоа – наредување на младите луѓе да направат ангажман во силите.
На почетокот на 20 век, околу 80 отсто од земјите имаа некаква форма на регрутирање; до средината на 2010-тите беше нешто под 40 отсто. Практиката го достигна својот врв за време на светските војни, а многу земји продолжија да се потпираат на неа во текот на Студената војна. Потоа, фокусот на Западот се сврте кон антибунтовничките кампањи со висока технологија, како што се оние во Авганистан и во Ирак. Армиите со масовни регрути главно беа заменети со помали, професионални доброволни сили. Од 1995 година, 13 членки на ОЕЦД, клуб на претежно богати земји, го укинаа воениот рок. Сите, освен осум од 32-те членки на НАТО, се откажаа од тоа. Но некои земји како што се Иран, Северна Кореја и Русија ги удвоија своите армии.
Во земјите што се соочуваат со сериозна закана од војна или веќе се во војна има итна дискусија за задолжителната воена служба и регрутирање. Земете ја Украина. Повеќе од две години од почетокот на војната, илјадници мажи таму бегаат преку границите на земјата или се кријат, за да избегнат да им бидат доставени документи за упис. На 2 април недостигот од војници значеше дека владата на Украина е принудена да ја намали минималната возраст за регрутирање од 27 на 25 години. Русија упати стотици илјади мобилизирани мажи во војна.
Во Израел воените должности се централен столб на државјанството. По нападите на 7 октомври, околу 300.000 Израелци го напуштија цивилниот живот и побрзаа да им се приклучат на нивните единици. Израел сака да го продолжи стажот на воените регрути на три години (младите жени во моментов служат 24 месеци, а младите мажи 32) и да ја продолжи возраста за повикот за резервистите на 45 години. Во исто време, ослободувањето на ултраортодоксните Евреи од службата е предмет на жестока политичка борба.
Во меѓувреме, во Азија, Тајван се обидува да се подготви за можна војна. Тајван го продолжи воениот рок во 2022 година, од четири месеци на една година. Но островот сè уште може да се пофали само со 169.000 активни војници (Кина има околу два милиона). Јужна Кореја, каде што воената служба има брутална репутација, се обидува да ја направи попривлечна. Службата е скратена на 18 месеци, платите растат, а садистичките наредници се скратени. Владата исто така сака да вработи повеќе жени (регрутирањето само за мажи поттикна машко незадоволство и антифеминистичка политика).
На многу места регрутерите за вооружените сили се борат соочени со променливите вредности: младите луѓе одбиваат да се борат дури и во одбранбени војни. Со децении Истражувањето на светските вредности (ВВС), академски истражувачки проект, им го поставуваше на луѓето низ светот истото прашање: Дали би биле подготвени да се борите за својата земја? Во најновиот круг на истражувањето, помеѓу 2017 и 2022 година, само 36 отсто од Холанѓаните на возраст од 16 до 29 години рекле „да“.
Регрутерите се обидуваат да се спротивстават со реториката на патриотизам, самоисполнување и заеднички вредности; нагласениот слоган на вооружените сили на Германија, Бундесверот, е „Ние. Служиме. Германија“. Водат и кампањи со инфлуенсери на Тикток и на Инстаграм. Но, се чини дека со ништо не можат да ги погодат своите цели.
Ова е делумно очекувано. Како што земјите стануваат побогати така нивните граѓани имаат тенденција да станат помалку желни да се жртвуваат за нацијата. Херфрид Минклер, германски политиколог, ги нарече западните демократии „постхеројски“ општества, во кои „највисока вредност е зачувувањето на човечкиот живот“ и личната благосостојба. Историјата секако игра улога. Подготвеноста за борба е ниска во земјите што ја загубија Втората светска војна (Германија, Италија и Јапонија). Во Шпанија и во Португалија децениската воена диктатура остави многу граѓани сомнителни кон вооружените сили.
Но работите може да се сменат кога ќе се приближат конфликтите. Според трудот на Волфганг Вагнер и Александар Сорг од Универзитетот ВУ во Амстердам и Михал Ондерко од Универзитетот „Еразмус“ во Ротердам, близината до војна ги прави граѓаните поподготвени за борба. Во Европа тоа помага да се објасни зошто земјите блиски до Русија се помалку пацифисти.
Политичкото усогласување е лош индикатор за подготвеноста да се носи оружје.
– Радикалната десница не е толку желна да се бори – вели Вагнер, барем во Германија и Холандија.
Минатата година тој и неговите колеги нарачаа студија во тие земји, која покажа дека малку луѓе што планираат да гласаат за партиите на екстремната левица или екстремната десница се подготвени да се борат за својата земја. Оние што ги поддржуваа центристичките партии, како што се германските социјалдемократи и демохристијаните, беа поподготвени да го сторат тоа.
Покрај промената на вредностите, воените регрутери се соочуваат со економска пречка: младите луѓе во моментов имаат многу работодавци што конкурираат за нивните услуги. Во повеќето богати земји, генерацијата зед има свој избор на работни места. Невработеноста кај младите од 15 до 24 години во Европската Унија беше 14,5 отсто минатата година, што е намалување од 22,4 отсто од 2015 година. Во Германија таа беше само 5,8 отсто. На толку тесни пазари на трудот, армиите тешко се натпреваруваат со приватниот сектор. Освен тоа, седењето на маса е многу поубаво отколку да се лази низ кал.
Меѓутоа, во некои богати земји, подготвеноста на младите да се борат останува висока. Во Франција уделот е 58 отсто, според ВВС. Бројката е уште поголема во Сингапур, Тајван и во Јужна Кореја. Во Данска, Финска, Норвешка и во Шведска, четири од најбогатите и најмирни земји во светот, две третини или повеќе од граѓаните велат дека се подготвени. Нивните вооружени сили, кои се прошируваат, исто така немаат проблем да најдат војници: сите четири земји имаат задолжителна воена служба за младите луѓе.