Фото: „Нова Македонија“

Клучно е претседателот да воспостави контакти пред сѐ со водечките европски политичари, но и со САД како наш клучен стратегиски партнер, за разлика од сегашните контакти, кои се сведуваат само на куртоазни посети на земјите од соседството. Негова улога ќе биде да знае да ја претстави националната политика во меѓународни рамки на начин на кој земјава ќе добива сојузници кога станува збор за нејзините стратегиски интереси, наместо да биде инфериорна во секој поглед

ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ СЕ МНОГУСЛОЈНА МАТЕРИЈА И УСПЕШНОСТА ЗАВИСИ ОД УМЕШНОСТА НА ОНОЈ ШТО Е НА ЧЕЛО НА ДРЖАВАТА

Во наредниот период наизменично ќе објавуваме повеќе текстови во кои ќе загатнеме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните. Низ стручни анализи, консултации со експерти, професори, поранешни дипломати, ќе понудиме повеќе насоки како претседателот на државата може да ја афирмира претседателската функција на многу повисоко ниво од сегашната протоколарна улога што ја има, без оглед што Уставот му го дава правото да биде врховен командант на вооружените сили. Намерата на овој серијал текстови е да се најде модус со кој во иднина, се разбира во согласност со Уставот и законите, ќе му се обезбеди поголем пакет на ингеренции на првиот човек на државата, за да може и тој активно да учествува во креирањето на надворешната, внатрешната, економската, енергетската, образовната, здравствената и сите други политики важни за иднината на државата. Целта е претседателот во иднина да стане вистински репрезент како на државата така и на граѓаните, поточно да биде граѓански коректор на сите погрешни политики и креатор на нови решенија и идеи што ќе значат вистински напредок на државата. Со еден збор, лидер.

Почна да се разжестува претседателската кампања во пресрет на првиот круг на претседателските избори закажани за 24 април, при што заеднички именител за сите кандидати е што говорат за работи што се надвор од нивните ингеренции, но кои очигледно граѓаните сакаат да ги слушаат како иновативни и креативни приоди надвор од нефлексибилните законски ограничувања на претседателските овластувања. Тоа значи само едно, дека граѓаните во претседателот сакаат да видат многу повеќе од обична протоколарна личност, која само ќе се слика кога ќе ги прима акредитивите од новите амбасадори, која еднаш годишно ќе се обраќа во Собранието, ќе држи јалови расправи на Советот за безбедност или, пак, повремено ќе се појавува на некои настани колку само да се види дека земјава има претседател.

Претседателот е генератор за идеи и иницијативи во сите области од
општественото живеење

И покрај обидите на албанските политички субјекти во земјава дополнително да ги намалат претседателските ингеренции така што тој би се избирал во Собранието, сепак многу поважно во вакви турбулентни времиња е претседателот на државата да добие значително повеќе ингеренции од оние што сега ги има, со изразен јасен граѓански изборен легитимитет, што е исклучително важно кога станува збор за делот на меѓународната, односно надворешната политика.
Една стамена, мудра, чесна, вредна и патриотски настроена личност ќе знае секогаш каква политика да води во меѓународни рамки, особено ако утврди дека надворешната политика се движи во погрешна насока и прави непоправлива штета на националните интереси.
Деновиве е актуелна посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Франција, кој со францускиот претседател Емануел Макрон ќе разговара за постигнување договори за воената соработка, за соработка во земјоделството, во областа на енергетиката, како и во делот на производството на електрична енергија. Ќе разговараат и за евроинтеграциите на земјата, како и за проблемот со Косово.
Ова, без оглед на српскиот претседателски систем, е добар пример што значи кога претседателот и кај нас би имал поголеми ингеренции, дека тој, паралелно со Владата, може да работи во насока на обезбедување подобри позиции на земјата во меѓународни рамки.
Клучно е претседателот да воспостави контакти пред сѐ со водечките европски политичари, но и со САД како наш клучен стратегиски партнер, за разлика од сегашните контакти, кои се сведуваат само на куртоазни посети на земјите од соседството. Негова улога ќе биде да знае да ја претстави националната политика во странство на начин на кој земјава ќе добива сојузници кога станува збор за нејзините стратегиски интереси, наместо да биде инфериорна во секој поглед и на тој начин склона на постојани условувања.
– Улогата на претседателот во меѓународни рамки мора да биде многу поголема, односно тој да има поголеми ингеренции и активно да се вклучи во креирањето на надворешната политика. Па, дури и да ги нема тие ингеренции, никој не го спречува да воспоставува комуникации со други претседатели на држави, да бара средби, да лобира, за да може да го презентира македонскиот став насекаде. Имавме спор со Грција за името. Грчките претседатели, кои исто така имаат помали ингеренции, сите овие години завршија исклучително силна дипломатска работа така што на секоја посета низ светот постојано ја пласираа тезата дека Македонија го присвоила името, ја присвоила грчката историја, едноставно од 1990-та година наваму изградија наратив во меѓународни рамки дека ние сме узурпатори на името „Македонија“. Колку и да се залажуваме дека ние сме биле во право, дека пријателите не разбираат, сепак тоа им помина, па обичен билатерален спор за разликите околу името кулминираше со светска поддршка за Грција за промена на нашето име и сега тоа е меѓународен договор депониран во ОН. Од друга страна, нашите претседатели едноставно беа инфериорни во таа борба, надворешната политика не беше воопшто дорасната на итрата грчка дипломатија, која трпеливо го градеше она што на крајот го постигна, промена на името на државата за севкупна употреба – велат аналитичарите.

Претседателот е синоним на една принципиелна и цврста надворешна
политика, која нема да ја доведува земјата во ситуации да мора постојано да прави отстапки и да запаѓа во внатрешни кризи

Според нашите соговорници, доколку претседателот има поголеми ингеренции и, што е уште поважно, е чесен, работлив и патриотски настроен, тој ќе знае како да ја раскаже македонската приказна во меѓународни рамки.
– Претседателот на државата не треба да го гледаме често во вилата на Водно, туку во вакви кризни времиња мора да биде растрчан наоколу низ Европа, но и низ светот, за да лобира за Македонија. САД повеќе години ни се стратегиски партнер, но ниту еден американски претседател не дојде во официјална посета на земјава, не говорам за инцидентните посети на бегалците, а уште помалку се реализираат средби на македонските претседатели со американски претседател. Тука треба да се работи повеќе. Кога претседателот на државата ќе има директна комуникација со првиот човек на САД, но и со водечките европски претставници, тогаш ќе знае да направи вистинска процена на ситуацијата и во согласност со тоа да предлага решенија и политики. Така можеби немаше да ни се случи „францускиот предлог“, туку сето тоа ќе беше многу подобро испеглано во наша полза, исто онака како што тоа го направи бугарскиот претседател Радев, за подоцна да ја одликува француската амбасадорка во Софија оти успеала да ги стави сите бугарски барања токму во францускиот предлог. Тоа е дело на бугарскиот претседател, тој се растрча низ Европа за да ја објасни бугарската позиција и од една апсурдна ситуација, успеа да направи добитна комбинација за својата држава – посочуваат соговорниците.
Затоа тие сметаат дека секој иден македонски претседател мора многу повеќе внимание да ѝ посвети на надворешната политика, како клучна за зачувување на националните интереси, наместо да остава сѐ на владата и на министерот за надворешни работи.
– Претседателот во секој момент мора да знае каква надворешна политика се води, да биде активно вклучен во секои преговори, а не оставен по страна. Всушност, тој треба да биде лидерот што ќе биде синоним на една принципиелна и цврста надворешна политика, која нема да ја доведува земјата во ситуации да мора постојано да прави отстапки и да запаѓа во внатрешни кризи само затоа што некој на своја рака ги терал политиките. Претседателот го знае точно курсот на нашата надворешна политика, но тоа не го спречува да наоѓа и можности што ќе значат дополнително создавање пријатели на надворешен план. Тоа го прават и најмоќните земји, кои првенствено тргнуваат од сопствените интереси, а потоа ги усогласуваат со своите преостанати определби – констатираат соговорниците.