„Стратешки проекти“ – штетни или корисни за граѓаните на Македонија

Сѐ уште не е стивнато настојувањето да се избуткаат на сила, во минута пред крај, „стратешките проекти“, проследени со донесување посебни стратешки закони во Собранието на Македонија. Ова се однесува на три проекти за „сончеви паркови“ со заеднички инсталиран капацитет од 600 MW и когенеративната постројка „Митилинеос“ со 145 MW електричен и 93 MW топлински капацитет.
За да им биде појасно на читателите, не сум против приватен капитал за изградба на енергетски постројки. Јас сум против ДОГОВОРНАТА ОБВРСКА ДЕКА МОРАМЕ ДА ЈА ОТКУПИМЕ ПРОИЗВЕДЕНАТА ЕНЕРГИЈА: „Гаранција на страна на купувачот: Договорна гаранција ’Земи или плати’ каде што купувачот е обврзан да ја плати целосната количина на електрична енергија како што е договорено според условите за плаќање!“
l Дали предлагачите на овие закони/проекти не знаат дека оваа енергија не можеме да ја искористиме, а ќе мораме да ја плаќаме?
l Дали знаат, а мислат дека ние не знаеме дека овие договори се штетни за граѓаните на Македонија?
l Дали знаат дека знаеме, ама баш им е гајле и си мислат дека се недопирливи? И дека ќе си ја спроведат намерата без последици за нив?
Во однос на трите „сончеви парка“ сметам дека не ни се потребни и не можат да придонесат за енергетската стабилност во Македонија. Ако се прифатат овие закони/проекти, граѓаните во Македонија 20-30 години ќе МОРА ДА ГО ПЛАЌААТ секој киловатчас произведена енергија со однапред дефинирана цена над 50 евра/киловатчас. Дури и цената на таа енергија на берзата да биде 1 или 2 евра.
Енергијата произведена од овие „стратешки проекти“ не може да се искористи во Македонија. Просечната потрошувачка на електрична енергија е на ниво од 500 до 600 MWh секој час, во зависност од периодот на денот. Видливо е дека во дневниот период од 11 до 14 часот потрошувачката е смалена (јасно, во утринските часови од 1 до 6 часот е најмала). Во Македонија, според јавните најави, веќе е инсталиран и приклучен приватен консум од 600 MW. Овие производители, енергијата ја продаваат на берзата, преку трговците со електрична енергија. На следниот дијаграм е прикажано производството на сончева енергија од овој сегашен приклучен капацитет, смален за 25 отсто. Не е реално да се очекува постојано производство од 600 MW секој час. Максималното производство е во 11 часот (436 MWh), ама консумот е најмал во тој период!


А ИНСИСТИРААТ ДА СЕ ВГРАДАТ НОВИ 600 MW!
Eлектроенергетскиот систем на Македонија има сопствено производство, кое треба да е поевтино од цената на електричната енергија на берзата. Проблемите со термоцентралите (РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино) и високата цена на производство се друг сериозен проблем на нашата енергетика.
Нашето електростопанство најпрвин треба да ја искористи енергијата од сопствените обновливи извори (сонце, ветер). Мора да обезбеди проток на вода од акумулациите и притоа произведува електрична енергија. Мора да има приклучен на мрежа барем еден блок, макар да работи и со својот технички минимум од 160 MW. Ова е нужно заради стохастичката природа на производство на енергија од обновливи извори. Мора да се обезбеди стабилно базно производство, како заштита на системот. Кога над оваа количина ќе се внесе производството од постојните сончеви постројки и единствено уште да се додадат 145 MW од очекуваниот „Митилинеос“, видлива е разликата од потребата и производството. За да им биде појасно на читателите, консумот и производството на електрична енергија од различни извори се прикажани на следниот дијаграм:
Носителите на предлогот за овие закони/договори дали не знаат или само така им одговара и не ја прикажуваат вистинската состојба со когенеративната постројка „Митилинеос“? Особено во делот на откупот на вкупната количина на топлинска енергија? Еве неколку бројки за да се види нивната намера финансиски да ги оптоварат граѓаните во следните 30 години.
„Митилинеос“ е предвидено да биде со топлински капацитет 93 MWth и годишно производство од 275 GWh. МОРА ДА СЕ ПЛАТАТ ОВИЕ 275 GWh! Требало не требало, плати. Дури и банкарска гаранција за обезбедено плаќање. Главната причина што најгласно ја промовираат во полза на овој проект е дека цената на топлинска енергија ќе биде 40 отсто од регулираната цена одобрена од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
На перфиден (безобразен) начин не сакаат да ја информираат јавноста дека и сега топлинската енергија купена од ТЕ-ТО Скопје се плаќа 43 отсто поевтино во однос на регулираната цена според РКЕ.
Но има и други интересни показатели за незнаење, манипулирање (не сакам да го користам тешкиот збор „те гледаат во очи и лажат“), или недоволна координираност во изјавите!
Вкупниот топлински консум на АД „ЕСМ топлификација“ за грејната сезона 2023 е 263,9 GWh. Помал од предвидениот консум што МОРА да му го плаќаме на „Митилинеос“.
ТЕ-ТО Скопје е со инсталиран топлификациски капацитет од 160 MW. Значи веќе имаме доволен инсталиран капацитет што е поголем од предвидениот на „Митилинеос“. И немаме потреба да платиме 50 милиони евра државна помош. Ниту да трошиме за нова „енергетска зона“ (некој спомна 20 милиони евра?). Покрај тоа што го имаме, НЕ МОРА ДА МУ КУПИМЕ СÈ ШТО ЌЕ ПРОИЗВЕДЕ. Купуваме кога ни треба, спротивно од проектот „Митилинеос“.
За корисниците на топлификацискиот систем е од посебен интерес да знаат дека 30 отсто од произведената топлинска енергија е набавена од ТЕ-ТО Скопје. По цена од 2,3 ден./kWh, која е 43 отсто пониска од 5,3415 ден./kWh регулираната цена.
Да резимираме: имаме капацитет 160 MWth, цената е 43 отсто пониска од регулираната цена од РКЕ. Не мораме да вложиме 50+20 милиони евра без никаква добивка.

Предвидениот проект „Митилинеос“ е непотребен и штетен.

Прашања до советникот за природен гас, течни горива и топлинска енергија на претседателот и членовите на Регулаторната комисија за енергетика:
1. Зошто во регулираната цена за топлинска енергија што ја плаќаат граѓаните не е земено во предвид дека 30 отсто се набавени со 43 отсто пониска вредност во однос на регулираната цена, која е поврзана единствено со цената на природниот гас? Со тоа се оштетени корисниците (според груба пресметка наплатено им е повеќе 3.915.505 евра).
2. Зошто во Одлуката за цената на топлинска енергија, само со една реченица (скришно) се спомнати овие 30 отсто, а не со потребните бројки и цена?
3. Зошто единствено 30 отсто (според пресметка 79.172,64 MWh) се користи поевтиното производство на ТЕ-ТО Скопје за задоволување на топлинскиот консум, иако има потенцијал да ги задоволи вкупните потреби?
4. Дали навистина единствено 30 отсто се преземени на овој начин (поевтино) или таа количина е значително поголема?

Проф. д-р Константин Димитров