Фото: ЕПА

Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април), ви ги претставуваме досегашните циклуси (во претходните продолженија ги претставивме турнирите од 1953 до 2013 година)

ШАХ – ИСТОРИЈА НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ (7)

Турнирот на кандидатите, последниот тест што шахистот мора да го помине за да го предизвика светскиот шампион во шах, има богата историја, која датира од 1950 година. Овој настан се појави како одговор на потребата од систематски пристап за одредување на предизвикувачот на светскиот првак. Пред 1950 година, кандидатите мораа да се движат низ лавиринтот од преговори директно со шампионот, да обезбедат финансирање и да организираат меч, односно процес што немаше структура и конзистентност, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април), ви ги претставивме досегашните циклуси (во претходните продолженија ги претставивме турнирите од 1953 до 2013 година).

РЕВАНШ ВО СОЧИ (2014 Г.)

Првиот велемајстор (ВМ) на Индија, Вишванатан Ананд, единствениот шахист што стана светски првак (ФИДЕ) во три различни формати (нокаут, турнир и меч), а ја загуби светската круна само три месеци претходно, напиша во својата автобиографија „Мајстор на умот“: „Поранешните играчи и медиумите ми даваа мали шанси во почетокот на турнирот. Всушност, си го предвидов последното место и размислував како да се чувствувам помалку мизерно“, напиша Ананд.
Легендарниот шампион победи на три меча, со Левон Аронијан, Шахријар Мамеѓаров и со Веселин Топалов, а ремизира на две партии со Сергеј Карјакин, Владимир Крамник, Дмитриј Андрејкин и Петер Свидлер, за да дојде до победа на едно коло пред крајот со 8,5 поени од 14 партии. Мечот за светски првак, кој во суштина стана реванш против Магнус Карлсен, се одржа и во Русија, во Сочи. Карлсен ја задржа титулата победувајќи со 6,5-4,5.

ПОТРАГА ЗА ВРАЌАЊЕ НА КРУНАТА (МОСКВА, 2016 Г.)

Турнирот на кандидатитe во 2016 година, во Москва, ги собра Топалов, Ананд, Левон Аронијан, Карјакин, Свидлер, Фабијано Каруана, Хикару Накамура и Аниш Гири, а на последните тројца тоа им беше деби. Русинот Сергеј Карјакин убедливо славеше губејќи само една партија од Ананд, а победи во четири, запечатувајќи го првото место со триумф во последното коло против Каруана. Половина година подоцна во Њујорк (САД), тимот на Карјакин се вклучи во широко рекламирана потрага за „враќање на круната на Русија“, но, и покрај тоа што Карјакин прв поведе, Карлсен возврати и потоа победи во тајбрејк со забрзано темпо на игра.

НОВА АМЕРИКАНСКА НАДЕЖ (БЕРЛИН, 2018 Г.)

По СП во забрзан и брз шах во Берлин три години претходно, шахот се врати во германската престолнина со најважниот турнир во годината, во кој главните улоги ги толкуваа: Карјакин, Аронијан, Динг Лирен, Мамеѓаров, Александар Гришчук, Каруана, Весли Со и Крамник. Само Лирен и Со немаа претходно искуство со турнир на кандидати. За Крамник ова беше четврти и последен турнир од ваков тип, оти една година подоцна најави повлекување. Еден од фаворитите, Американецот Каруана (25), почна со победи во првото и во четвртото коло, но, сепак, се одлепи од другите дури кон крајот на турнирот и го обезбеди својот успех со победа во последното коло, носејќи нова надеж за САД дека по Боби Фишер повторно ќе имаат светски првак. Следниот меч за светски првак во Лондон беше еден од најнеобичните, оти сите 12 партии завршија со реми, а потоа Карлсен ја одбрани титулата во тајбрејкот. Г.И.

(Идната недела: Кандидати, ковид-19…)