Нацијата во потрага по лидер кој ќе ги одбрани националните интереси

Македонските политичари последните години покажаа дека немаат намера по ниту една основа да се спротивставуваат на непристојните предлози што доаѓаат од надвор (од познати светски центри на моќ), со единствена цел да ја задржат наклоноста токму на тие западни центри и на тој начин што подолго да останат на власт заради тесни лукративни цели, игнорирајќи го широкиот и длабок национален интерес

НАСТАНИ ОД НАШЕТО СОСЕДСТВО КАКО ПОВОД: ВО ФУНКЦИЈА НА ОДБРАНА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ

Одбраната на националните интереси подразбира постојано спротивставување на фактите со оние што инсистираат на спротивното, со јасна тенденција она што е неприфатливо да остане неприфатливо, а она што е стратегиски интерес да се брани по секоја цена, дури и кога од другата страна е некоја голема сила.
Тоа покажува дека секоја сериозна земја точно знае што сака, но и колку таа е подготвена да ги брани националните интереси по секоја цена без оглед на големината на притисоците, што од неа прави почитуван и рамноправен партнер на секоја маса.

Лажен пркос или цврст став?

Тоа извесен период во континуитет го прави актуелниот косовски премиер Албин Курти, кој упорно одбива да ги спроведе препораките што до него ги упатува меѓународната заедница, продолжувајќи и натаму да работи на своја рака, онака како што ветил пред своите граѓани.
Несомнено, зад неговото „бунтовништво“ повторно стои некаква затскриена премолчена согласност и агенда на одредени центри. Самиот негов настап колку и да е театрален, сепак открива какво треба да биде однесувањето на вистинските лидери кога станува збор за заштитата на националните интереси.
Последниот период се крена голема време во меѓународната заедница околу едностраната одлука на косовскиот премиер да го исфрли српскиот динар од употреба на територијата на северниот дел на Косово и да го воведе еврото како единствено платежно средство. Реагираше официјален Белград, но реагираа и Брисел и Вашингтон, кои од косовскиот премиер побараа одложување на ваквата одлука за да се обезбедат услови за таквиот чекор, за да не дојде до нови ескалации во тој дел на Косово и пошироко во регионот.
Очигледно надворешниот притисок не даде плод, па Курти продолжи да развива свој концепт на валутна, па и монетарна политика, без оглед од каде доаѓаат предупредувањата. Последниот обид да ги промени работите и да го разубеди косовскиот премиер од отстранувањето на српскиот динар од употреба во северниот дел на земјата дојде од претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
– Потребно ни е решение. Затоа побарав од премиерот да ја суспендира одлуката додека ние, заедно со Европската Унија, односно со САД и Косово, работиме на долгорочно решение што ќе ги задоволи вашите потреби. Тоа вклучува електронски трансфери во евра преку косовскиот систем. Но сега мора да направиме нешто итно. За жал, не успеав да го натерам да се посвети на тоа – рече Ескобар по средбата со Курти.
Неодамна и поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани раскажуваше како во 2008 година на сличен начин ја одбила поранешната американска државна секретарка Кондолиза Рајс, која од неа барала да не го блокира македонското зачленување во НАТО.
– Ми се јавува Кондолиза, не ми вели здраво, како си, веднаш ми вели: „Имаме проблем“. Ѝ велам: „Да, голем“. Ми вели: „Знаеш, треба да прифатиш да влезат под името ФИРОМ“. Се наоѓаме една седмица пред Букурешт, не може да продолжат разговорите, не постои договор со Скопје. Ми вели: „Ќе го прифатиш“. Ѝ велам: „Само преку мене мртва“. Ми вели: „Не ме разбра“. Ѝ велам: „Што не разбрав?“. Ми вели: „Претседателот ќе биде многу вознемирен“. Ѝ велам: „Нема да биде ни прв ни последен пат претседателот да биде вознемирен“. Како што сфаќате, овој разговор не помина многу добро. И бидејќи не помина добро и се изнервирав, реков нешто за што се каам. Ѝ реков: „Јас и ти имаме една разлика. Ти си поставена од претседателот, што значи одговараш пред претседателот, јас сум избрана и одговарам пред народот!“ И го завршивме разговорот – раскажа Бакојани.

За националните интереси нема пазарење!

Сите овие примери од нашето најблиско соседство јасно говорат дека кога станува збор за националните интереси, колку и да се тие себични и на директна штета на други земји, во конкретниот случај на Македонија, сепак кога ќе се покаже цврст и непоколеблив став, тогаш дури и големите сили мора да ја прифатат таквата реалност и да го прифатат тој став. Дури се оди и чекор понатаму, по една таква дипломатска победа, влогот се зголемува и државата што покажала цврст став, секогаш добива подобра понуда. Од друга страна, ако еднаш се согласи на уцените и потклекне под притисоците, тогаш станува цел на постојани уцени и е принудена на постојани отстапки, оти тоа од неа се очекува.
Македонските политичари последните години покажаа дека немаат намера по ниту една основа да се спротивставуваат на непристојните предлози што доаѓаат од страна, со единствена цел да ја задржат наклоноста на Западот и на тој начин што подолго да останат на власт.
Еклатантен пример за таквата попустливост беше прифаќањето на Преспанската спогодба под условите што ниту една друга земја не би ги прифатила. Едноставно, по 2017 година немаше никакво „стоп“ за сите грчки барања, така што Атина поради македонскиот попустлив став доби многу повеќе од она што и самата го очекуваше. Поучена од грчкиот пристап, слично постапи и официјална Софија, која иако една година претходно со македонската страна потпиша Договор за пријателство и соработка, сфати дека кога од спротивната страна има политичари што не се спротивставуваат туку беспоговорно ги исполнуваат сите барања што доаѓаат од надвор, може да ја инволвира и ЕУ и да го искористи пристапниот процес така што билатерален спор ќе го трансформира во критериум за членство на земјава во ЕУ. Од тоа произлезе таканаречениот француски предлог, кој македонската страна најпрво театрално го одби, за потоа за кратко да каже дека го прифаќа оти „биле прифатени сите македонски забелешки“. Експертите беа децидни, дека не само што во францускиот предлог не беше сменета ниту запирка од првичниот текст туку станува збор само за обичен театар што власта сакаше да го покаже пред македонските граѓани, да покаже некаков „отпор“ и некаква „победа“ по многубројните забелешки во домашната јавност дека власта се однесува вазалски кон меѓународниот фактор.

Каде исчезнаа македонското достоинство, чест, углед, непокорност…?

Она што е повеќе од јасно тоа е дека македонските политичари од власта во изминатите седум години не покажаа ниту малку гордост и пркос, како што покажуваат лидерите од соседните земји, кои трпат притисоци, но кои опстојуваат во одбраната на националните интереси и на крајот за сопственото високо ниво на патриотска возгордеаност и пркос, повторно се наградени. Од друга страна, Македонија покрај сета кооперативност што ја демонстрира кон сојузниците, целосно е оставена на марините на евроинтегративните процеси само затоа што покажа дека е лесен материјал за обликување и дека прифаќа што и да ѝ се наметне.
– Курти долго време демонстрира некакво спротивставување и кон Американците и кон Брисел, но во заднината може да се насети дека сето тоа е некаква премолчена согласност и од нивна страна. Да сакаше Брисел вистински да му се спротивстави, уште веднаш ќе им ја укинеше визната либерализација, па кога Курти ќе се соочеше со притисок од неговите граѓани, тогаш ќе беше поинаква работата. Но, како и да е, тој со својот однос покажува дека кога станува збор за интересот на државата, тогаш ќе се најдат начини како тој да се оствари, па дури тоа да значи спротивставување на големите центри на моќ. За жал, македонските политичари не покажаа такви манири. Никој немаше да нѐ нападне ако не прифатевме ерга омнес или ако го одбиевме францускиот предлог и побаравме преговори со ЕУ според критериумите од Копенхаген. Нашиве мислат дека колку повеќе се кооперативни кон странците, толку повеќе некој ќе ни ја цени државата. Па, ни оние земји што ни се долгогодишни сојузници кога гледаат како попуштаме за сѐ, едноставно не можат да се заложат за нас. Во свет во кој владеат интересите, работите функционираат поинаку. Кога ќе те видат дека си попустлив, тогаш ќе гледаат да земат од тебе сѐ што можат. Ако нашиве беа доблесни и го одбиеја францускиот предлог, немаше да дојде полош, туку подобар. Грција со години се спротивставуваше на секаков притисок на САД за името, за на крајот да добие ерга омнес. Исто така и Бугарија. Не им фати око германскиот предлог, го одбија, па потоа си добија француски предлог по мера. Дипломатијата е прагматична работа, но прагмата подразбира и линија „стоп“. Кога ќе им кажеш дека за тоа немаш мандат од граѓаните, поинаку ќе те гледаат. Сите тие што доаѓаат од страна се апаратчици што не биле избрани од граѓаните, па затоа не им е гајле за нечии национални интереси, гледаат да ја протуркаат агендата за која се платени. Нашиве политичари ем се дебело платени ем туркаат туѓи агенди. Затоа се најдовме во ваква незавидна ситуација сега. Крајно време е да дојдат политичари со интегритет, кои ќе му кажат „не“ кому било ако почувствуваат дека се загрозени нашите национални интереси. А за такво нешто, потребно е да се постигне и внатрешно единство за одредени прашања за кои никој нема да прави отстапки, по која било цена – истакнуваат аналитичарите со кои дискутиравме за одредени надворешнополитички односи и за македонските политики во тој контекст.