Милена Златевска, членка на Управниот одбор на Заедницата на Македонците во Република Хрватска
Иако веќе неколку децении работи и живее во Пула, Хрватска, Милена Златевска сепак сѐ уште со мислите е во Македонија. Својата носталгија за Македонија, од која, како што вели, е само привремено отселена, на најдобар начин ја лекува пишувајќи поезија и други литературни творби за Македонија.
– Ако живееш во неа, во слава нејзина си, ако се свртиш, само убавини гледаш, ако заминеш, за неа патиш, ако солзи ти течат за неа, во песна ја пееш. Таа и таква е Македонија – вели Милена.
Но иако таа досега има напишано илјадници песни и објавено десетици книги, сепак досега не нашла лек за својата носталгија. Милена Златевска вели дека Македонија е вечна, затоа во Библијата е опеана.
Милена Златевска, која е една од најактивните Македонки во Заедницата на Македонците во Хрватска, неодамна беше во посета на татковината и учествуваше на Семакедонскиот собир, кој се одржа во Офицерскиот дом во Битола, по повод 152 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Таа одржа мошне впечатлив говор, кој предизвика силни емоции кај присутните. Иако за себе вели дека добро се снашла во Пула и дека одлично се вклопила во секојдневното живење на Хрватска, сепак таа не можe без Македонија, особено без нејзиното родно место Мaкедонски Брод.
– Сите знаеме дека Пула е прекрасна, изобилува со културно-историски споменици. Пула е град со историја. Таму секоја коцка, секој камен пишува историја. Но, сепак, кога сум во Пула, постојано со мислите сум во Македонија, во мојата татковина, во моето родно место Македонски Брод. Љубовта што ја чувствувам спрема мојата татковина, која ми е моја втора домовина, како што би рекле Хрватите, не се опишува со зборови. Откако сум во Хрватска, јас цело време пишувам поезија, но мислам дека сѐ уште не сум нашла ни зборови ни мисли со кои би ги опишала своите чувства за Македонија. Во Хрватска постојано станувам и легнувам со мислите за Македонија. Таа не е носталгија. Таа за мене е многу повеќе од тоа – ни изјави Златевска за време на посетата на Битола.
На Семакедонската средба што се одржа во Битола, на која учествуваа многу македонски иселеници, како и Македонци од Албанија, Бугарија и од Грција, Златевска се обрати во името на управниот одбор на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, македонското културно друштво на Истарската жупанија „Св.Кирил и Методиј“ од Пула, редакцискиот одбор на „Македонски глас“, советот на Македонското национално малцинство за Град Пула и македонската православна црковна општина „Св. Јоаким Осоговски“ од Пула.
Изразувајќи неопислива радост што учествуваше на средбата и што имаше можност да разговара со присутните Македонци од другите држави, Милена Златевска главно зборуваше за тоа како се организирани Македонците во Хрватска и односот на Хрватска спрема заедниците.
– Заедницата на Македонците во Република Хрватска постои и дејствува 32 години, а ја сочинуваат шест македонски културни друштва, и тоа: МКД „Охридски бисер“ од Загреб, МКД „Браќа Миладиновци“ од Осиек, МКД „Биљана“ од Задар, МКД „Македонија“ од Сплит, МКД „Илинден“ од Риека и
МКД ИЖ „Св.Кирил и Методиј“ од Пула. Во Република Хрватска работат и дејствуваат уште и совети и претставници на жупаниите и на градовите каде што имаме доволен број на декларирани Македонци. Конкретно во Пула, Советот на Македонското национално малцинство дејствува 21 година, а е финансиран од буџетот на Град Пула. Во Истарската жупанија имаме претставник на македонското национално малцинство и е финансиран од буџетот на жупанијата – вели таа.
Според Златевска, Хрватска на извонреден начин го има решено статусот на националните малцинства и Македонците таму ги уживаат сите права и слободи.
– Заедницата и сите македонски друштва се финансирани од Советот на националните малцинства во Република Хрватска, преку програми. Преку заедницата, годишно од печат излегуваат шест броја на „Македонски глас“. Минатата година беа прославени 30 години од излегувањето на првиот број, а годинава ќе биде прославен и 150 број на списанието. Преку заедницата годишно од печат излегуваат и по две-три книги, кои се финансирани од страна на Советот на националните малцинства во Република Хрватска, каде што и јас имав чест да бидат печатени моите пет двојазични збирки на поезија – рече Златевска.
Зборувајќи за начинот на кој функционираат македонската заедница и македонските културни друштва, Златевска вели дека во Република Хрватска покрај Заедницата на Македонците, работи и дејствува и Македонската православна црква, која исто така е финансирана од буџетот на Република Хрватска, а минатата година беше осветена првата Македонска православна црква во Република Хрватска, во Загреб. Македонски православни црковни општини има регистрирано во Загреб, Пула, Риека и во Сплит.
Македонската православна црковна општина „Св. Јоаким Осоговски“ од Пула работи и дејствува 29 години, финансирана е и од Град Пула.
Во Пула, Риека, Загреб, Сплит, Осиек и во Дуго Село работат училишта на македонски јазик по моделот Ц од прво до осмо одделение, а во Осиек, Риека и Загреб македонскиот јазик се предава и во средното училиште, исто така по моделот Ц.
Оценките на учениците се пишуваат во свидетелство и дневник, наставниот кадар е вработен преку Министерството за образование и спорт во Република Хрватска. Училиштето во Пула работи 17 години, а минатата година беа прославени 15 години од работата на Катедрата по македонистика во Риека.
– Конкретно за работата на друштвата, посебно можам да кажам за друштвото во Пула, дека покрај што е финансирано од страна на Советот на националните малцинства во Република Хрватска, финансирано е и од страна на Истарската жупанија, Град Пула и од Министерството на наука и образование од Република Хрватска, преку поднесени програми што треба да бидат реализирани во текот на годината. Преку целата година одработуваме пет културни манифестации, и тоа: Денови на македонската култура, Денови на глаголицата, Денови на Кочо Рацин, Денови на македонскиот филм и Фестивал на сличност и разлика на јазикот и говорот во Истра, сличност и разлика со македонскиот јазик. Деновите на македонската култура во Истра ги отвараме за Божиќ, а ги затвораме за Св. Никола, што значи во оваа културна манифестација се одбележуваат сите македонски верски и државни празници. Во Друштвото работат осум секции, и тоа: фолклорна, хор, оркестар, литературна, ликовна, филмска, етнокреативна и секција за македонската кујна – нагласи во разговорот за „Нова Македонија“ Милена Златевска.
Таа потенцира дека таков модел на права на националните малцинства какви што има во Хрватска нема нигде во светот.
– Затоа ја користам пригодата преку „Нова Македонија“ да упатам огромна благодарност до Република Хрватска, до Советот за националните малцинства во Република Хрватска, до Истарската жупанија и до Град Пула, за сета помош што ни ја дава Хрватска за реализирање на сите програми – вели Златевска.
Таа изрази благодарност и до Амбасадата на Македонија во Хрватска, која во границите на своите можности ги помага сите нивни активности и свечености.
Инаку, Милена за сите свои активности на разни полиња има добиено над 200 награди, разни сертификати, благодарници, пофалби. Неодамна од страна на Заедницата на Македонците во Република Хрватска таа беше номинирана за наградата на Кабинетот на претседателот на Македонија за заслужна Македонка во дијаспората.
Но за неа лично најголема награда е што во сите изминати години успеала да ја одржи врската со татковината и што при секоја посета на Македонија наидува на незаборавни средби и дружења.