Националистичките политики на соседите и настојувањето на некои моќни земји за остварување супрематија над помалите народи, нам ни се познати, па, оттука, сепак, голем дел од вината за денешнава состојба во Македонија е во нас. Немакедонскиот Македонец не е космополит – тој не е граѓанин на светот со вообичаеното значење, нему му е потребна целосна негација на сѐ што е македонско, па, така, немакедонскиот Македонец има особени карактеристики: тој, признавајќи ги договорите со Грција и со Бугарија, не го признава постоењето на Македонците во соседството, а прифаќајќи ја Преговарачката рамка (официјален документ на ЕУ), во која се оспорува правото на македонскиот народ на националната самобитност и посебност, тој, всушност, признава дека не е Македонец. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка не ги признаваат постоењето на македонската нација, македонскиот народ и на македонскиот јазик.
Терминот космополит (граѓанин на светот) се користи за да опише широк спектар на различни гледишта поврзани со идејата дека сите човечки суштества се, може или треба да бидат граѓани во една единствена заедница, притоа разликувајќи, на пример, политички космополитизам, економски космополитизам и морален космополитизам. Следејќи ја филозофската традиција на Западот, за космополитизмот пишувале многу филозофи: од Диоген од Синопа (јонска колонија на брегот на Црно Море, во Анадолија), кој вели: „Јас сум граѓанин на светот“, до Кант, кој го воведе концептот „космополитско право“, сугерирајќи трета сфера на јавното право – покрај уставното право и меѓународното право, според кое поединците ги имаат овие права во својство на „граѓани на земјата“, а не на одредени држави. Во деветнаесеттиот век, според Маркс и Енгелс, космополитизмот е идеолошки одраз на капитализмот: зборот космополит е поврзан со ефектите на капиталистичката глобализација, вклучувајќи ја идеологија што ја легитимира „слободната“ трговија во однос на слободата на поединците, иако токму капиталистичкиот поредок е причина за постоењето на пролетаријатот. Меѓутоа, во исто време, Маркс и Енгелс, исто така, сметаат дека пролетаријатот во секоја земја споделува суштински карактеристики и има заеднички интереси, а комунистичкото движење има цел да ги обедини пролетерите, што, всушност, претставува посебен облик на космополитизам: „Пролетери од сите земји, обединете се!“
Во неодамнешниот есеј на осумдесет и четиригодишниот мислител и професор Ели Заретски (Eli Zaretsky), со наслов „Израел и кризата на јудаизмот“, објавен на 20 февруари 2024 година, во списанието „Лондонскиот преглед на книги“ (The London Review of Books), авторот зборува за кризата на хебрејскиот идентитет во термини на кризата на нивната религија – јудаизмот, потенцирајќи дека постои „противречност вградена во хебрејскиот идентитет од самиот почеток: универзален Бог, кој создал сè и секого, но избрал нејасен, племенски, поробен народ, да ја пренесе Неговата порака“. Чувството на Евреите за избран народ, кој ја пренесува пораката на Бога, „се заснова на посебниот карактер на еврејската идеја за Бог, кој го создава универзумот ex nihilo – идеја што постоеше во древниот Египет, во Персија, а подоцна и во исламот – но, до исламот, ниту еден народ не ја прифати идејата со таква конзистентна страст како Евреите“.
Темата космополитизам Заретски ја поврзува со синтагмата „нееврејски Евреин“, предложена во 1958 година, од Исак Дојчер (Isaac Deutscher), а означува Евреин што не практикува јудаизам и не е националист. „Религија? Јас сум атеист. Еврејски национализам? Јас сум интернационалист… Сепак, јас сум Евреин со силата на мојата безусловна солидарност со прогонетите и истребените. Јас сум Евреин затоа што го чувствувам пулсот на еврејската историја“ – се зборови на Дојчер.
Во есејот „Нееврејски Евреин“, Дојчер вклучува примери на мислители што се Евреи по раѓање, но нивното творештво и дејствување ги надминаа границите на еврејството: Барух Спиноза, Хајнрих Хајне, Карл Маркс, Роза Луксембург, Леон Троцки и Зигмунд Фројд.
Економскиот космополитизам се оствари, барем делумно, преку глобализацијата, моралниот космополитизам се преточи во „општи принципи на правото признати од цивилизираните нации“ (Статут на Меѓународниот суд на правдата, членот 38) или ius cogens erga omnes (закон обврзувачки за сите), иако, за жал, тие принципи не се однесуваат на Македонија: договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка се неправедни документи.
Политичкиот космополитизам се трансформира, во многу земји, во својата негација – национализам. „Космополитизмот е иманентен на колективното битие на Македонците… присутен како атавистичко, генетско наследство и денес кај нив. Но, тоа ним, од националистички и шовинистички канибали, кои сега ни доаѓаат не само од соседството туку и од подалеку, …, повеќе им носело историска штета, отколку корист, доведувајќи ги до сегашниот идентитетски геноцид“ (Клетников).
Националистичките политики на соседите и настојувањето на некои моќни земји за остварување супрематија над помалите народи, нам ни се познати, па, оттука, сепак, голем дел од вината за денешнава состојба во Македонија е во нас. Немакедонскиот Македонец не е космополит – тој не е граѓанин на светот со вообичаеното значење, нему му е потребна целосна негација на сѐ што е македонско, па, така, немакедонскиот Македонец има особени карактеристики: тој, признавајќи ги договорите со Грција и со Бугарија, не го признава постоењето на Македонците во соседството, а прифаќајќи ја Преговарачката рамка (официјален документ на ЕУ), во која се оспорува правото на македонскиот народ на националната самобитност и посебност, тој, всушност, признава дека не е Македонец. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка не го признаваат постоењето на македонската нација, македонскиот народ и на македонскиот јазик.
Да биде иронијата уште поголема, во ЕУ се воведува терминот национално државјанство. Во членот 20 од документот „Договорот за функционирање на Европската Унија“ („Службен весник на Европската Унија“, 26.10.2012 година) се утврдува државјанството на Унијата. Членот 20 гласи: „Секоја личност што поседува националност на држава членка ќе биде државјанин на Унијата. Државјанството на Унијата ќе биде дополнување на и не го заменува националното државјанство“. Еве го членот и на англиски јазик, за споредба: „Every person holding the nationality of a Member State shall be a citizen of the Union. Citizenship of the Union shall be additional to and not replace national citizenship“.
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори да се потсетиме на Петре М. Андреевски: „Беа браќа и први братучеди, / убави сестри, тетки и стрини, / и некои вујчеи и светијонии… / И, борејќи се сите за иста татковина, / се поделија, се замразија, се закрвија, / под туѓи капи главите си ги ставија. / А кога ги побараа капите на главите, / веќе немаа ни капи, ни глави“.
Доаѓаат валани времиња, па затоа треба да се водиме од „правилото ‘Мрази го гревот, а не грешникот’ – иако доволно лесно се разбира, ретко се практикува и затоа отровот на омразата се шири во светот“ (Махатма Ганди).
Отровот на омраза ќе се шири најмногу меѓу Македонците: „Немојте да имате никаков страв, тоа се луѓе што немаат никакви квалитети, имаат само една желба да дојдат на власт и да останат во фотелји“ – коментира политичар што предаде и продаде сѐ македонско за да остане на власт – бедно, манипулативно и недостојно.
Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори не е време за молк: „следните генерации нема да судат по злото и насилството на лошите луѓе, напротив, ќе судат по молкот на добрите“ (Мартин Лутер Кинг).