На генералното собрание на Европската слободна алијанса, кое се одржа во Брисел, делегатите едногласно гласаа за прием на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Од Македонската алијанса за европска интеграција истакнуваат дека ова е историски чекор за македонската партија, истовремено означувајќи ги прогресот и посветеноста на партијата кон европските вредности и интеграција и промовирање на овие вредности во Албанија и низ Европа
Колосален исчекор за македонското малцинство од Република Албанија
Изминативе денови, делегацијата на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) предводена од Васил Стерјовски оствари значајни средби во Стразбур и Брисел со претставници на Советот на Европа и Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, како и со повеќемина европски пратеници. На овие средби беа посочени состојбите и предизвиците со кои се соочува македонската заедница во Албанија, особено во делот на образованието на мајчин македонски јазик. Во рамките на овие активности, особено значење има официјалното влегување на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) како полноправна членка во Европската слободна алијанса, партија што ги претставува малцинствата во Европскиот парламент.
На генералното собрание на Европската слободна алијанса, кое се одржа во Брисел, делегатите едногласно гласаа за прием на МАЕИ.
Од Македонската алијанса за европска интеграција истакнуваат дека ова е историски чекор за македонската партија, истовремено означувајќи ги прогресот и посветеноста на партијата кон европските вредности и интеграција и промовирање на овие вредности во Албанија и низ Европа.
– Оваа одлука е потврда на нашата непоколеблива посветеност кон демократијата, правата и слободите на македонската заедница во Албанија. Ние сме горди што ќе продолжиме да ја претставуваме македонската заедница на европско ниво – велат од МАЕИ.
– Македонците во Република Албанија се лојални граѓани, но ние остануваме гордо поврзани со нашето македонско наследство, јазик и традиции. Нашата партија, позиционирана во центарот на политичкиот спектар, е цврста во заштитата на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции во Република Албанија – рече Васил Стерјовски пред присутните на генералното собрание на Европската слободна алијанса.
Претходно делегацијата на МАЕИ и Стерјовски имаа средба со претставници на Советот на Европа и Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, на која бил претставен посебен извештај подготвен од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за пописот во Албанија, каде што се документирани и евидентирани директното мешање на бугарските власти и на екстремистичките групи од Бугарија за време на пописот, молчењето на албанските власти, како и напорите на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија.
– Разговаравме и за состојбите и предизвиците со кои се соочува македонската заедница во Албанија, особено во делот на образованието на мајчин македонски јазик. Им се заблагодаривме на Советот на Европа и на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства за петтиот мониторинг-извештај на Советот на Европа за Албанија за имплементацијата на Рамковната конвенција за заштита на малцинствата и вклучувањето во овој извештај на препораките на Македонска алијанса за европска интеграција за подобрување на правата и состојбата на македонско и другите малцинства во Албанија. Изразиме подготвеност за соработка со Советодавниот комитет за следење на спроведувањето на препораките на Советот на Европа од албанските институции – вели Васил Стерјовски.
Во Брисел исто така беа остварени и средби со повеќе европски пратеници, а меѓу нив се и Жорди Соле и Франсоа Алфонси, копретседавач на Интергрупата за малцинствата во Европскиот парламент, како и средба со Лорена Лопез де Лакал, претседателка на Европската слободна алијанса (ЕФА). На овие средби, меѓу другото, според Васил Стерјовски, се разговарало за моменталната состојба на македонското малцинство во Албанија, како и за посебниот извештај подготвен од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, поврзан со неодамнешниот попис во Албанија, спроведен во октомври 2023 година и мешањето на Бугарија за време на пописот. Во Брисел, Стерјовски остварил и средба со европратеничката Ана Миранда, исклучителна застапничка за правата на малцинствата во Европскиот парламент.
Приемот на МАЕИ во Европската слободна алијанса беше поздравен од македонското друштво „Илинден“ – Тирана и од нејзиниот претседател Никола Ѓурѓај. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана ја поздравува одлуката на генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА) за прием на Македонската алијанса за европска интеграција како полноправен член, како исклучително важна за Македонската алијанса за европска интеграција и за Македонците во Република Албанија.
– Тоа што делегатите на конгресот ја донеле оваа одлука едногласно дава уште поголема тежина на фактот дека Македонската алијанса за европска интеграција е примена и оваа одлука треба да биде искористена како дополнителен мотив кај сите Македонци во Република Албанија. Полноправното членство на Македонската алијанса за европска интеграција во Европската слободна алијанса (ЕФА) е најдобра потврда дека борбата за остварувањето на основните права на Македонците во Република Албанија е чесна, праведна и остварлива. Тоа е силна порака и до политичките елити во Република Албанија. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана ќе продолжи и понатаму да дава целосна поддршка за Македонската алијанса за европска интеграција. Заедно ја биеме битката за заштита на Македонците во Република Албанија – се вели во соопштението на македонското друштво „Илинден“ – Тирана. Д.Ст.
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана бара од албанската влада Комитетот за национални малцинства да прерасне во агенција
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана бара од албанската влада досегашното тело Комитет за национални малцинства, од консултативно тело на Владата да прерасне во агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Република Албанија.
– Комитетот за националните малцинства е формиран во 2004 година од страна на албанската влада како централна институција зависна од Владата, со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата. Во него членуваат претставници на сите признаени малцинства во земјата, а од самото формирање имаме и македонски претставник – изјави Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Но, додава, како што е утврдено во многу извештаи на меѓународни институции што се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е подложна на политичко мешање, што, според него, резултира со негова целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу Владата и малцинствата.
– Затоа, сметаме дека Комитетот за националните малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалог со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Албанија, а неговата работа да биде јавна и присутна во медиумите во државата – посочува тој.
– До реализација на ова барање, друштвото од името на Македонците посакува Комитетот за национални малцинства да покаже поголема активност за малцинствата и, секако, за македонското национално малцинство во Република Албанија, а не да биде во сенка, додавајќи дека ова владино тело треба да ги воздигне малцинствата и да им помага во борба за опстанок во Република Албанија – се вели во соопштението на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.