Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април) ви ги претставуваме досегашните циклуси (во претходните продолженија ги претставивме турнирите од 1953 до 2007 година)

ИСТОРИЈА НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ (6)

Турнирот на кандидатите, последниот тест што шахистот мора да го помине за да го предизвика светскиот шампион во шах, има богата историја, која датира од 1950 година. Овој настан се појави како одговор на потребата од систематски пристап за одредување на предизвикувачот на светскиот првак. Пред 1950 година, кандидатите мораа да се движат низ лавиринтот од преговори директно со шампионот, да обезбедат финансирање и да организираат меч, односно процес што немаше структура и конзистентност, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април), ви ги претставивме досегашните циклуси (во претходните продолженија ги претставивме турнирите од 1953 до 2007 година).

СЛЕДНИОТ ЦИКЛУС СО ЕДЕН НАТПРЕВАР (2009)

Следниот циклус имаше само еден натпревар на кандидатите помеѓу победникот на Светскиот куп во 2007 година, Американецот Гата Камски, и светскиот шампион (ФИДЕ) од 2005-та, Веселин Топалов. Топалов победи со 4,5-2,5 и стана предизвикувач. Мечот за светски шампион помеѓу Ананд и Топалов се одржа во Софија во 2010 година. Ананд победи во последната партија и го доби мечот со 6,5-5,5 со што ја задржа титулата.

ТРИУМФ НА ГЕЛФАНД ВО КАЗАЊ (2011)

По неколку години неред, циклусот на светски првак повторно се стабилизира. Во 2011 година, натпреварите на кандидати се одржаа во Казањ (Русија), на кои учествуваа осум играчи. Ерменецот Левон Аронијан и Азербејџанецот Тимур Раџабов се квалификуваа од Гранпри-турнирот (ФИДЕ), Норвежанецот Магнус Карлсен (го замени Русинот Александар Гришчук) и Русинот Владимир Крамник по рејтинг, Борис Гелфанд од Израел како победник на Светскиот куп (СК), а Шахријар Мамеѓаров од Азербејџан доби вајлд-карта. Ним им се придружија Американецот Гата Камски (второпласиран на натпреварот за предизвикувач во 2009 година) и Бугаринот Веселин Топалов (вицепрвак од мечот за светски првак 2010 година). Гелфанд (42) ги победи Мамеѓаров со 2,5-1,5, Камски во плејофот и Гришчук (3,5-2,5) и првпат во својата кариера стана предизвикувач на светски првак. Мечот со бранителот на титулата, Индиецот Вишванатан Ананд, заврши нерешено 6-6, но Гелфанд го загуби со 1,5-2,5 во тајбрејкот со забрзано темпо на игра.

ПОВТОРНО ТУРНИРСКИ ФОРМАТ (2013 Г.)

По 51 година, Турнирот на кандидатите се врати. Осум играчи, наследниците на легендарните генерации пред нив, се собраа во Лондон за да ги следат стапките на Спаски, Таљ и Фишер, но во скратен двоен круг, оти светот тешко можеше да се справи со гигантските четирикратни турнири во минатото. Составот беше големо изненадување за турнир од таков калибар, со големи шаховски имиња: Петер Свидлер, Александар Гришчук, Крамник, Василиј Иванчук, Гелфанд, Магнус Карлсен, Аронијан, и Тимур Раџабов. Настанот влезе во историјата како еден со мошне необичен и драматичен финиш. Двајцата лидери, Карлсен и Крамник, ги загубија партиите во последното коло, но Норвежанецот Карлсен (22) излезе на врвот поради поголемиот број победи. Во ноември истата година, на Карлсен му беа потребни само десет партии за да го добие мечот со Ананд во Ченаи (Индија) за да стане светски првак. Г.И.

(Идната недела: Враќањето на Ананд)