Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до судијата на претходна постапка од скопскиот Основниот кривичен суд, доставил предлог за определување мерка притвор против 45-годишен државјанин на Косово, осомничен за кривично дело – „давање поткуп“ по член 358 став 1 од Кривичниот законик.
– Вчера на граничниот премин „Долно Блаце“, осомничениот му дал 50 евра на полициски службеник за тој да изврши службено дејствие, што не смеел да го изврши. Откако, претходно, возач на автобус со косовски национални ознаки, бил одбиен за влез во државава бидејќи немал соодветен сертификат за професионален возач на автобус, осомничениот дошол на граничниот премин, се претставил како сопственик на превозната компанија и побарал да разговара со сменоводителот. Кога влегол во канцеларијата на сменоводителот, на неговото биро оставил банкнота од 50 евра, за да им овозможи влез на возачот и автобусот во државава – соопштуваат од Обвинителство.
Осомничениот веднаш бил лишен од слобода, а бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност тој да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и евентуалните соучесници, како и да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител му предложил на Судот да определи притворска мерка, со цел да го обезбеди неговото присуство во текот на постапката.