Таа сега може да се пофали со еден од највисоките дострели што некогаш се забележани од осумгодишно дете
Британската шаховска ѕвезда во подем, Бодана Сиванандан, одигра уште еден извонреден турнир, кој веројатно ќе ја катапултира близу светскиот број еден меѓу шахистите помлади од девет години. Таа сега може да се пофали со еден од највисоките дострели што некогаш се забележани за осумгодишно дете.
На меѓународниот опен-турнир во Кембриџ, на кој победи англискиот ветеран Мајкл Адамс (52), сепак, во центарот на вниманието беше осумгодишното шаховско чудо од Лондон, на 55-то место меѓу 116-те учесници (две победи, пет ремија и два пораза), против противници со рејтинг поголем од 200 поени.
Со рејтинг во одреден момент блиску до 2.200 поени, таа беше во трка за сензационална женска интернационална норма. Сепак, рејтингот од 2.124 ѝ донесе нови 95 поени и заедно со 93-те акумулирани од класичниот турнир во јануари, таа ќе освои речиси 200 поени на следната рејтинг-листа на ФИДЕ, според податоците на „чес.ком“. Со рејтинг од 2.086 поени, таа најверојатно ќе ја предводи импресивната листа на деца родени во 2015 година, кои научиле шах за време на ковид-19. Засега на листата води Србинот Леонид Ивановиќ (1.985), втор е Словакот Томаш Андре (1.915), а трета е Сиванандан (1.898).
Шиванандан го изненади шаховскиот свет во октомври лани откако стана првата Англичанка светска првенка за млади, по 25 години. Таа не само што ја освои историската тројна круна, во класичен, забрзан и во брз шах, туку победи и во секоја партија или вкупно неверојатни 33 поени од 33 партии. Напредокот продолжи на Европското првенство (ЕП) во брз шах во декември лани, каде што ја освои наградата за најдобра шахистка, победувајќи еден интернационален мајстор и еден ФИДЕ-мајстор на патот до извонредниот рејтинг од 2.316 поени.
– Обожавам да играм шах затоа што ми помага да препознавам шаблони, да го фокусирам вниманието, да ја унапредам стратегијата и да пресметувам потези однапред. Ми се допаѓа начинот на кој се движат шаховските фигури на таблата, особено коњот – вели Сиванандан. Г.И.