Просечната големина на фармите е 1,8-1,9 хектар, за разлика од просекот на ЕУ, кој изнесува 16,6 хектари. Малите земјоделски имоти се расцепкани на пет или повеќе парцели со поединечна големина, некои се оддалечени од 500 метри до два километра, па дури се наоѓаат и во различни катастарски општини. Згора на тоа, површините се најчесто со неправилна форма, што ја комплицира обработката на земјиштето и ја ограничува употребата на модерна механизација и производствени технологии
Актуелни опсервации за аграрот
Во Македонија земјоделските површини најчесто се помали од два хектара, составени од повеќе парцели оддалечени едни од други, честопати и без пристап до наводнување и пат. Фрагментираноста е еден од најголемите предизвици што ги намалуваат продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на земјоделските стопанства.
Просечната големина на фармите е 1,8-1,9 хектар, за разлика од просекот на ЕУ, кој изнесува 16,6 хектари. Малите земјоделски имоти се расцепкани на пет или повеќе парцели со поединечна големина, некои се оддалечени од 500 метри до два километра, па дури се наоѓаат и во различни катастарски општини. Згора на тоа, површините се најчесто со неправилна форма, што ја комплицира обработката на земјиштето и ја ограничува употребата на модерна механизација и производствени технологии.
Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, потврдува дека многу од земјоделските површини се ситни и расцепкани парцели со низок квалитет, расфрлани околу некогаш живите македонски села.
– Поради судски постапки, стечаи или процеси на денационализација, малку од поквалитетните површини сѐ уште не се дадени на оглас. Земјоделците изразуваат само незадоволства дека парцелите се без можност за наводнување, со исклучително слаби приноси по хектар. Мораме да споменеме дека без оглед на која површина ние одгледуваме некоја земјоделска култура и колкави се приносите по хектар кај нас, ние мора да конкурираме со најдобрите одгледувачи во регионот или за некои производи и во светот. Се плашам дека со развојот на глобализацијата, процентот на необработено земјоделско земјиште ќе биде и зголемен како последица на нерентабилноста на самото домашно производство – истакнува Станковски.
Процесот на окрупнување на земјоделското земјиште во Македонија е започнат одамна, но состојбите на терен не се најдобри.
– Кога зборуваме за окрупнување на земјоделските површини, еден од најголемите проблеми во Македонија е фактот што едно земјоделско семејство обработува повеќе парцели што се на различни локации. Не треба да зборуваме само за вкупната површина што ја обработува еден земјоделец, туку на колку парцели е истата таа расцепкана. Генерално, нашето земјоделство го обележуваат мали стопанства, кои поседуваат од еден до два хектара, но уште поголем проблем е што тие два хектара им се поделени на шест-седум парцели. Поради тоа, за окрупнување на земјоделското земјиште треба да се зборува од два аспекта, прво окрупнување на вкупните обработливи површини кај еден земјоделец, а истовремено тие површини да се на иста локација и поврзани меѓусебно – објаснува Станковски.
Кај нас сѐ уште се работи исклучиво на окрупнување на парцелите, што се смета за релативно нов процес, но за европските земји, консолидацијата, која има стогодишна традиција, се фокусира на пошумување, менување текови на реки и заштита на археолошки подрачја.
Консолидацијата, според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО, подразбира не само окрупнување на земјиштето туку и зголемување на стопанствата, а се прави онаму каде што ќе се утврди дека треба и дека е можно, не во секое село. Притоа, особено се води сметка да бидат испочитувани и запазени сите законски обврски.
– Првиот десетгодишен стратегиски период е зад нас, а резултатите се: консолидирани околу 3.000 хектари од проценетите 40-50 илјади хектари што добија приоритет. Во моментот се подготвува и новата стратегија за консолидација до 2030 година – велат експертите од ФАО.
Оттаму велат дека многу внимателно го третираат овој процес, се прават длабински анализи и многу се разговара со сопствениците на парцелите.
– Никој не сака и нема да ги оштети земјосопствениците, а некои од нив веќе многу добро го знаат тоа. Другите, преку практичната консолидација, се уверија во тоа. И увидоа дека сите ниви имаат инфраструктура – патишта, канали за одводнување и наводнување, дека земјиштето доби на квалитет (меѓу другото, се прават и педолошки, почвени анализи), цената му се зголемува – формата му е подобра, поголемо е, погодно за поголемо производство и модернизација, што автоматски значи и дека се продава поскапо – објаснуваат од ФАО.
Инаку, просечната стапка на напуштеност на земјиштето во Македонија е 32 отсто, со голема варијација меѓу регионите. Тоа значи дека една третина од нивите не се користат и тонат во плевел. Иселувањето е причина што најмногу такви површини има во крајниот исток и крајниот запад од државата.
– Ова е сериозен проблем во производството на храна, младите од економски причини ги напуштаат руралните области, а возрасните не можат сами да ги обработуваат нивите и да го искористат сиот нивен капацитет. Ако на тоа се додаде проблемот со ниските цени на земјоделските производи што не можат да го следат поскапувањето на репроматеријалите, станува појасно зошто се намалува производството кај многу стратегиски култури – забележува професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.