Шафак прикажува мошне јасна рефлексија на традиционалното патријархално општество врз жената, каде што во голема мера е застапено семејното насилство – психичко и физичко – навреди, понижување и силување, па сè до најрепресивните негови форми како што се инцестот и убиството заради чест, подвлекува Марина Цветаноска
Марина Цветаноска, авторка
Марина Цветаноска е соработничка истражувачка во Одделението за македонска литература од XIX век на Институтот за македонска литература, при УКИМ. Неодамна во печат излезе нејзината нова книга „Културолошките импликации во творештвото и активизмот на Елиф Шафак“.
Книгата претставува продлабочена анализа на творештвото и активизмот на современата британско-турска авторка Елиф Шафак, која со своето романескно писмо ги има освоено читателите од најразлични страни на светот и со својот интелектуален ангажман континуирано ги провоцира свеста и совеста на човештвото.
– Македонската читателска публика веќе е запознаена со поголемиот дел од нејзините романи, бидејќи се преведени на македонски јазик, а оваа книга се надевам ќе претставува своевидно дополнување, преку низа културолошки и книжевно-критички согледувања, македонската културна јавност дополнително и фокусирано да се запознае со една од најчитаните и најинспиративни жени во светски рамки. Секоја од одделните глави во книгата се концентрира врз конкретните културолошки аспекти: Културна меморија, Идентитетски политики, Феминистичка мисла и женско писмо и Политички аспекти на активизмот на Елиф Шафак, кои се аргументираат преку нејзиното творештво и активизам – ни споделува Марина Цветаноска.
Што ве поттикна да се занимавате со Елиф Шафак?
Директен поттик за избор на истоимената тема за магистерската теза кон крајот на 2016 година претставуваше ангажманот за лектор по македонски јазик и литература на Истанбулскиот универзитет, односно мојата подготовка да се преселам во Истанбул, Република Турција. Сметав и сè уште сметам дека токму романите на Шафак се многу блиски до реалноста, па преку нив сакав да ја спознаам и истражам новата средина. Иако таа постојано нагласува дека тие се плод на фантазијата и на фикцијата и како таква, секако и треба да ја прифаќаме книжевноста, сепак постои неодминлив сегмент на вистинитост во сликањето на одредени подалечни и поблиски историски настани и случувања. Во тој период, а особено во 2017 година, во Турција се случуваа многу турбуленции на општествен план, претходеа протестите во паркот „Гези“, убиството на припадничка на ЛГБТ-заедницата, потоа терористичките напади на туристички и фреквентни локации и обидот за државен удар. Сето тоа можев одблизу да го набљудувам и да ја продлабочам мојата рецепција за турското општество. Сепак, не постојат допирни точки за тоа како ги доживувавме другите култури, нивните горливи прашања, нивното секојдневие од далеку и директно соочени, перцепцијата неминовно претрпува промени. Токму затоа да се живее во Истанбул, за мене претставуваше непроценливо искуство, настојував колку што можам повеќе да осознаам и да разгатнам сè што се однесува на турската, навистина богата и импресивна култура, секојдневие и обичаи. Верувајте, Истанбул не е секогаш градот што го доживувате на едно туристичко патување во кое ќе ги видите раскошните сараи, џамиите и црквите, сјајот на некогашната Османлиска Империја, тој е едно огромно „чудовиште“ во чија комплексност и хаотичност не би можеле да се снајдете ако сте навикнати на уредност или сте неприспособливи. Јас лично изградив нераскинлива врска со овој град, неговите сокаци, магливи утра, уличните еснафи, со неговите сараи, паркови, звуци, морските широчини, прекрасни мали и скриени места, контрастите. Но и со неговите антропоморфни карактеристики на една жена во сите свои облици: среќна, весела, убава, дотерана, а потоа и тажна, повредена, изневерена, бесна, расплакана. Постојано истражував, присуствував на суфиската сема, разговарав со локалните жители, кои се неизмерно љубезни, обожавав да пијам чај и кафе во дуќаните на Капали-чаршија и пазарот на книги околу универзитетскиот комплекс и ги посетував музеите. Таму живеев во „кујната на соседите“, затоа што зградите во Џерапаша се толку збиени што прозорците гледаат во нивниот дом, а звукот од лажичката со која го матат чајот и чиниите кога ги приготвуваат оброците, но и довикувањата од прозорците, џагорот на децата и уличните продавачи на зеленчук и овошје, се толку интензивни што се врежуваат засекогаш. Речиси пет години бев сведок на исклучителни историски и општествени поместувања и потреси во турското општество – мигрантските кризи, политички превирања, пандемијата и сведок како се менува сликата на глобално ниво, низ призмата на случувањата во еден мегаполис како Истанбул и осумдесетмилионската Турција.
Секогаш лесно се расприкажувам за Истанбул за кој Шафак и другите турски писатели, како што се: Орхан Памук, Искендер Пала, Ахмет Умит, негуваат изразен сензибилитет за чувствување на градските простори, а Истанбул претставува лик и кулиса за многу од дејствата во романите. Сметам дека не постои друг град на светот кон кого можете да изградите толку голема љубов, иако не сте родени таму.
По враќањето во Скопје и со ангажманот и поддршката на Институтот за македонска литература, решив со новите сознанија да ја дополнам магистерската теза за да резултира со едно вакво издание, бидејќи Шафак не престанува да биде актуелна и веројатно ќе продолжи со истото темпо, па затоа и заслужува еден посебен научен осврт.
Каква инспирација ви е Елиф Шафак?
Неисцрпна инспирација, како писателка, активистка, но и како жена. Ме инспирира нејзината бунтовна природа, која се одразува низ нејзиното женско писмо и истовремено е инспирација на сите жени што ги прочитале нејзините книги: „Четириесет правила на љубовта“, „Копилето од Истанбул“, „Чест“, „Вошлива палата“, „Црно млеко“ итн.
Шафак прикажува мошне јасна рефлексија на традиционалното патријархално општество врз жената, каде што во голема мера е застапено семејното насилство – психичко и физичко – навреди, понижување и силување, па сè до најрепресивните негови форми како што се инцестот и убиството заради чест. Насилството е пронижано со молкот на таа иста жена што стоички и без бунт поднесува сè. Истовремено поради ваквите појави, Шафак е свесна дека ставовите на Западот за Турција и турската жена се исполнети со предрасуди и стереотипи, и за овој аспект таа често говори во своите јавни излагања и колумни. Токму затоа, обидувајќи се да прикаже слика на современа Турција, а со тоа и на современата турска жена, која не е поинаква од западната, Шафак во своите романи нема само ликови, како што вели, на напатена и несреќна турска или курдска жена. Таа креира ликови на современа, образована, слободоумна турска жена, свесна за својата сексуалност, моќ и позиција во општеството, а таквите жени впрочем ги има насекаде во светот.
На какви сѐ истражувања бевте посветени дури не стигнавте до финалниот производ…
За секое вакво научно иследување е потребно многу внимателно исчитување на творештвото на одреден писател. Во случајов, освен нејзините романи, ги проследив и јавните настапи и колумни, па преку соодветна теоретска поткрепа, се стигна до една финална сублимирана студија за целокупното дело на Шафак.
Со низата постмодернистички одлики, кои беа предмет на истражување, како што се нелинеарна нарација, интертекстуалност, плуралност на значењата и перспективите, историографски метафикции, па сè до употреба на специфични постапки и тематски преплетувања на Истокот и Западот, на старото и новото, сметам дека Шафак постигнува голема интерактивност и будност на читателот. Таа непосредна и блиска врска ја постигнува тому преку умешната игра на формата и изборот на мотиви. Интересен е фактот што во нејзината матична земја ќе сретнете нејзини јавни и особено тајни поддржувачи (читатели), исто колку и луѓе што не ја сакаат и оспоруваат, а притоа не ја ни читаат за да знаат зошто е тоа така. Секогаш беше предизвик да се спомене нејзиното име, што најнапред ме изненади, но сепак беше полезно да се доживеат културата и светот за кои пишува Шафак, па потоа да се прибегне кон создавање на книгата.
Што најсилно успеа да ве импресионира, да ве изненади од активизмот и творештвото на Шафак?
Ме импресионира нејзината храброст да пишува на чувствителни теми, а како активистка: нејзината борба за едно похумано општество.
Но токму поради приказната за едно ерменско и едно турско семејство и зборовите што ги изговараат ликовите во романот „Копилето од Истанбул“, во 2005 година Шафак ќе биде изведена пред суд. Од страна на турските ултранационалисти таа е обвинета за „навреда на турското национално чувство“ или „навреда на турскоста“, првенствено затоа што романот го пишува на англиски јазик, а во него говори за геноцидот и страдањата на ерменскиот народ во крахот на Османлиската Империја, на почетокот од дваесеттиот век. Романот предизвикува вистинска бура од реакции, а во одбрана на Шафак застанува целата светска литературна јавност, па по сите притисоци таа е ослободена од обвинението по злогласниот член 301 од турскиот Кривичен закон. Според одредбите од овој член, „за клевета против турскиот национален идентитет“ Шафак е соочена со можноста да ѝ биде изречена казна затвор до три години. Пред почетокот на судењето, Елиф Шафак за Би-би-си изјавува: „Ако членот 301 и понатаму се интерпретира на ваков начин, во Турција никој повеќе нема да пишува романи и да снима филмови. Зборовите што ги изговараат ликовите би можеле да се употребат како доказ против писателот или режисерот. Сметам дека е исклучително важно да се брани автономијата на уметноста и книжевноста“.
Какви сѐ материјали и сознанија се спакувани во „Културолошките импликации во творештвото и активизмот на Елиф Шафак“?
Во пишувањето на оваа книга е применета комбинација од методи од различни области, пред сè од културологијата и науката за книжевноста, а поспецифично од родовите студии, постколонијалната теорија и „исток – запад“ студиите, ксенологијата, теориите на миграции, интеркултурните и транскултурните теории и др. Херменевтичкиот пристап кон книжевните текстови што се предмет на анализа се комбинира со дескрипција и анализа на новинарскиот и друг интелектуален ангажман на Елиф Шафак, што придонесува да се систематизираат нејзините ставови по однос на посочените културолошки прашања и како уметница и како жена интелектуалец.
За Шафак пишувањето е можност за трансцедентално патување во туѓите животи, а не автобиографска манифестација. Иако не може, а да не се направи паралела со нејзината исклучително интересна и богата животна приказна. Како дете на самохрана мајка дипломат, живеејќи во различни делови од светот, од најрана возраст се соочува со парадигмите Исток – Запад, современо и традиционално. Таквото искуство ќе придонесе таа да прерасне во исклучителна личност и автор, чие творештво е многу значајно за матичната турска култура, но и за глобалната културна сцена.
Мултикултурализмот, космополитизмот и транскултурализмот се многу важни категории во творештвото на Шафак и таа постојано ја подвлекува погубноста на идејата за живеење во „стадо“ или во заедница на истомисленици и луѓе што си наликуваат. Според неа, културите се флексибилни, а идентитетите се флуидни и постојано се мешаат, па секој обид да се омеѓат со високи ѕидини или да се заокружат претставува самоуништувачка опасност тие да се исушат однатре.
Културната меморија со сите нејзини аспекти (традицијата, обичаите, архитектурата, мистиката и религијата) зазема значајно место во романескниот опус на Шафак. Богатството на култури, религии, нации и идеи, Шафак умешно го инкорпорира во своите наративни дискурси и низ магичен преплет на минатото и сегашноста, преку кружното толкување на времето ги приближува до современиот читател. Историските факти поврзани со Османлиската Империја, кои ги вклопува во своите дела, само придонесуваат да се согледа сегашноста од една поинаква перспектива, а да се избегнат, според неа, растечкото чувство на појава на национализмот, ксенофобијата, па дури и фашизмот.
Изразениот сензибилитет за чувствување на времето и просторот е изразен и преку суфистичкиот мистицизам, чиј одличен познавач е, а сето тоа придонесува во збогатувањето на мозаикот од ликови и теми во нејзиниот опус.
Шафаковото остроумно женско перо со посебна прецизност ги слика женските ликови во романите. Во романите, есеите, но и во своите новинарски колумни, Шафак многу јасно, концизно, напати остро и храбро зборува за низа појави што се сметаат за табу во турското општество, како што веќе и споменав погоре: ерменското и курдско прашање, семејното насилство, инцестот, убиството заради чест, педофилијата, женските права, стереотипите и предрасудите поврзани со ЛГБТ-заедницата и др.
Таа продолжува во своите јавни излагања да ги коментира актуелните случувања во Турција и Европа и да ги критикува дискриминаторските политики кон малцинските групи, родовата и половата дискриминација, национализмот, ксенофобијата итн.
Какви прашања ни отклучува Шафак…
Пораките што ги носи секоја книга се индивидуални, бидејќи сите ние во суштина сме различни, тоа се суптилни повици и крикови ако умеете да ги препознаете: за потиснатиот има порака да се охрабри да вресне на цел глас, за жртвата на какво било насилство да се бори за да се ослободи, за вљубениот да истрае итн. Но сметам дека универзалната порака е никогаш да не престанете да се обидувате да направите нешто големо за себе, да излезете од кругот: да имате храброст да доживеете љубов, да се охрабрите да отпатувате, да заминете од градот, земјата, од работата, да ја напуштите комфорната зона, но и да се вратите, да се соочите со нештата, со луѓето, со колективот, со прифаќањето или отфрленоста. Шафак го доживува кругот како поле во кое дејствува поединецот со своите истомисленици, што, пак, доведува до создавање предрасуди и стереотипи и не дозволува да се излезе надвор и да се согледа светот. Таа постојано алудира на свет што се наоѓа надвор од ѕидовите на кругот, надвор од заедницата на истомислениците и ширењето на светогледот и границите на ограничената и закржлавена перцепција на нештата.
Обидот да дефинираме универзални категории на љубовта, животот и смртта, тоа се и истовремено и прашањата што се отклучуваат пред нас.
Нејзината фикција, од една страна како имагинарно согледување на општочовечките парадигми, и нејзиниот активизам и новинарство секогаш ќе побудуваат интерес во културната и политичка јавност. Истата таа јавност, според досегашното искуство, можеби ќе остане длабоко поларизирана и недоволно подготвена да прифати поинакви ставови и согледувања, но делото на Елиф Шафак ќе биде доволно да им посведочи на идните генерации за постојаната потрага и истовремено присуството на човечкото во човекот.