Фото: Принтскрин

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика пратениците од сите политички партии да го поддржат законското решение предложено од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со кое ќе се продолжи важноста на личните карти и пасошите, по примерот на тоа со возачките дозволи.

Според Мицкоски, единствено во Парламентот може да се стави крај на, како што рече, да не бидеме притвореници во овие 26 илјади квадратни километри и ги повика пратениците да донесат законски измени, исто како за возачките дозволи.

– Апелирам до пратениците, без разлика од која политичка партија доаѓаат да ја поддржат иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и истото да го направат и за личните карти и за пасошите – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Кавадарци.

Мицкоски, исто така, посочи дека во моментот има околу 1,1 милион граѓани кои треба да извадат нови пасоши, а има две машини со дневен капацитет од 120 патни исправи.

– Како сакате во идеални услови да работат, без никаков дефект и навремено обезбедени обрасци, потребни се повеќе од две години за да биде потребата задоволена, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, вистинското прашање е зошто ова се случи и кој е виновен.

– Благодарение на навремената реакција на техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски се донесе законската измена во експресна процедура и барем возачите во Македонија нема да плаќаат казни, затоа што некој ги остави на цедило, затоа што некој навреме не обезбеди тие да можат да ги заменат возачките дозволи – изјави Мицкоски.