Фото: ЕПА

Србија

Српската Агенција за деловен регистар (АПР) објави дека до крајот на 2023 година во Србија се регистрирани околу 9.000 нови компании од страна на државјани на Русија што го имаат регулирано својот престој во оваа наша соседна земја. Оваа бројка се очекува да расте и во 2024 година. Податоците го одразуваат интересот на руската заедница за инвестирање во Србија, вклучувајќи ја и бројката од околу 370.000 Руси што имаат привремен или постојан престој во Србија. Од друга страна, медиумот „Москва тајмс“, споменувајќи ја истата бројка на населени Руси во Србија, додава дека динамиката на имиграцијата на руски државјани во Србија се зголемила со првите месеци по руско-украинскиот судир.
Руските бизниси најпрво биле насочени кон отворање кафулиња, ресторани, барови и козметички салони.
Српската Агенција за деловен регистар (АПР) бележи дека по првиот налет на руски државјани во Србија, во 2022 година, многумина брзо инвестирале и започнале бизнис, меѓу другото и за да добијат жителство (што е поврзано со добивањето српски пасош, но по престој и работа од три години). Бројот на компании во руска сопственост скокна на 6.000 таа година, односно тројно во споредба со бројката од 2.000 во 2021 година. Во тој контекст, растот на бизнисите во сопственост на емигранти е зајакнат со растечките економски врски меѓу Русија и Србија.
Интересен е податокот дека со динамизирањето на имиграцијата на Руси во Србија палетата на инвестиции се проширила, така што (според српската Агенција за деловен регистар, до крајот на 2023 година со руските инвестиции најмногу се отвориле детски градинки, онлајн продавници, производствени капацитети… Најмногу биле купени и недвижности (за престој и за деловно работење) во Белград и во Нови Сад. За издвојување е и основањето фирми од ИТ-секторот, развој на софтвер, правни совети и деловни консултации…

Синџирите на снабдување на релацијата Белград – Москва стануваат сѐ посилни

За разлика од западните земји, кои им ги отежнуваа бизнисот на Русите и преминувањето на границите, Србија одолеа на притисокот да им се приклучи на санкциите против Москва и да ги прекине своите долгогодишни пријателски врски со таа земја. „Ер Србија“ има дневни летови меѓу Белград и Москва и Санкт Петербург, со што им овозможува на опортунистичките претприемачи да патуваат во двата правца.
Обединетото Кралство и Европската Унија ги санкционираа српските компании поради извоз на стоки со двојна употреба во Русија. Руските синџири на снабдување во Србија за возврат се зголемија. Најзабележителни се редовите чоколадо „аљонка“ со легендарното бебешко лице и други руски производи што сега можат да се најдат на полиците на српските продавници. Во исто време, извештаите во Русија покажуваат дека традиционалната српска ракија сѐ повеќе се наоѓа на полиците во Москва.
Соочени со недостиг од материјали, руските компании како што се салоните за нокти или синџирот кафулиња „Кофилин“ се одлучуваат да увезуваат поскапи руски материјали наместо да набавуваат од локални доставувачи или алтернативи од кинеско производство, што дополнително ги зајакнува синџирите на снабдување Русија-Србија. Р.С.


Русите во Србија живеат во „паралелен свет“?!

Локалното население има измешани чувства за новите компании основани од дијаспората.
– Гледаме дека овие млади луѓе го подигнуваат нивото на модата овде – рече Милица, сопственичка на моден бренд и продавница во Белград, која е покровител на неколку мали руски бизниси, вклучувајќи и барови.
Како што вели таа, нивните барови поставуваат нови стандарди во услужната индустрија.
– Имавме пад на личната гордост и стил во Белград бидејќи толку многу (Срби) заминаа и нашата политика беше лоша, но Русите вшприцуваа нова енергија и идеи – додава таа.
Милица тврди дека овие емигранти „живеат во паралелен свет, мини-Москва“, каде што повеќето од нивните компании активно вработуваат Руси.