Резултатите од истражувањето во Србија покажуваат дека најважен фактор што влијае на одлуката на родителите за да ги вакцинираат своите деца се препораките од педијатрите

Земјите на Балканот соочени со голем број заболени од голема кашлица и од сипаници

Државите од Западен Балкан се соочуваат со некои од заразните болести што се сметаа за речиси искоренети благодарение на вакцинацијата. Во јануари Србија се соочува со зголемен број пациенти што се заболени од голема кашлица. На подрачјето на Белград во изминатите седум дена се регистрирани 69 нови случаи со голема кашлица. Од март 2023 година до вчера, во Градскиот завод за јавно здравје се регистрирани 700 случаи. Исто така чекалниците во амбулантите и во болниците се преполни со лица со симптоми на температура, кашлање, кивавица, болка во грлото, слабост и симптоми слични на грип или на ковид-19. Во Босна и Херцеговина се соочени со епидемија на морбили. Во БиХ во јануари има зголемен број заболени од мали сипаници, а процентот на имунизација во оваа земја е далеку под потребното ниво за стекнување колективен имунитет. Здравствените институции како причина за зголемениот број на заболени во овој период од годината ја припишуваат нередовната вакцинација на населението во двете земји.
Институтот за јавно здравје во Србија во јануари достави упатство до сите здравствени домови за да ги повикаат родителите чии деца не се вакцинирани. Како причина се споменува зголемениот број на заболени од голема кашлица, за која вакцината се прима неколкупати во текот на детството. Првата доза се дава во првите месеци од животот на детето. Исто така, во Србија има недоволен број на деца што се вакцинирани и против малите сипаници за да може да се создаде колективен имунитет, поради што постои можност за епидемија од оваа заразна болест, пишува Радио Слободна Европа.
Големата кашлица е заболување што е проследено со силна кашлица, искашлување слуз и често повраќање. Во Србија во јануари годинава се пријавиле 1.020 потврдени случаи на голема кашлица, а минатата година имало трипати помалку заболени. Вакцинацијата против голема кашлица и други болести се извршува кога детето навршува два месеца, во втората година, пред запишување во основно училиште и во завршната година од основното образование.
– Во нашето упатство до здравствените домови е укажано на значењето на навремената имунизација на сите невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца, имајќи предвид дека кај најмладата возрасна група може да се очекуваат потешка клиничка слика и компликации од оваа болест – информираат од институтот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“.
Од оваа институција предупредуваат дека постои потенцијална опасност од епидемија на мали сипаници затоа што има недоволно деца што се вакцинирани против ова заболување. За колективен имунитет е потребна вакцинација на 95 отсто од помладата популација. За 2022 година бројот на вакцинирани со првата доза на ММР-вакцината, кај децата во втората година на живот, изнесува 81,3 отсто, а пред запишувањето во прво одделение изнесува 89,5 отсто.
Од институтот „Батут“ потврдуваат дека постои проблем кај некои од родителите што немаат доверба во вакцините и затоа одбиваат да ги вакцинираат нивните деца.
– Во спроведеното истражување во Србија, како најчеста причина за одбивање односно за одложување на ММР-вакцината е стравот поврзан за безбедноста на вакцината и поврзаноста со развојот на аутизам и други невролошки нарушувања – се наведува во одговорот од институтот.
Како проблем се споменува и неединствениот став на лекарите кога станува збор за вакцинацијата.
Резултатите од истражувањето во Србија покажуваат дека најважен фактор што влијае на одлуката на родителите за да ги вакцинираат своите деца се препораките од педијатрите. Педијатарот Томислав Стевановиќ смета дека одговорот на државата на ширењето непроверени информации за вакцинацијата не е адекватен. Според него, државата треба да преземе санкции за родителите што ја одбиваат вакцинацијата.
– Ако некој не го вакцинира своето дете, се упатува кај судија за прекршоци. Доколку тоа се лекарите или здравствените работници, тие одговараат пред лекарската комора. Но доколку родителот што има дилема дали да го вакцинира сопственото дете се соочи со казна или со неможност да го запише детето во градинка, тогаш тој поинаку ќе размислува – вели Стевановиќ.
Ставот на приврзаниците за вакцинацијата е дека државата не се бори против антиваксерите, бидејќи постои несогласување во рамките на самите здравствени институции. Во 2018 година во Србија група родители и лекари поднесоа кривична пријава против 43 јавни личности поради јавни излагања против вакцинацијата со ММР, но тоа не даде никакви резултати за поголема имунизација кај децата. Во 2017 и 2018 година беа забележани првите смртни случаи предизвикани од мали сипаници во Србија по 20 години. Од 2017 до 2019 година во земјата се забележани повеќе од 5.700 случаи на мали сипаници.


Бугарија

Во половина држава прогласена епидемија на грип

Во бугарските градови Велико Трново и Јамбол од вчера е прогласена епидемија на грип. Мерките ќе останат во сила до 5 февруари, соопштија здравствените власти. Во половина од државата е прогласена епидемија на грип. Во дванаесет региони во Бугарија веќе се во сила антиепидемиските мерки – Бургас, Варна, Велико Трново, Габрово, Пазарџик, Перник, Плевен, Пловдив, Софиско, Смолјан, Шумен и Јамбол, покажуваат податоците на Министерството за здравство и регионалните здравствени инспекции. Според епидемиолозите, во земјата главно циркулираат грипот А и грипот Б, а врвот на епидемијата се очекува за неколку дена.
Регионите Јамбол и Велико Трново воведоа привремени антиепидемиски мерки. Тие вклучуваат прекин на закажаните консултации на здрави трудници и деца, превентивни прегледи и задолжителни имунизации.